Поврзете се со нас

Skopje Global

Свет

Навални уапсен уште на аеродром

Rosfoto.ru/BigStock.com

Навални уапсен уште на аеродром

Рускиот опозициски лидер Алексеј Навални, единствениот гласен критичар на политиката на Кремљ и на претседателот Владимир Путин, беше уапсен во Москва, уште на аеродромот Шереметјово, веднаш откако слета авионот со кој тој и неговата сопруга допатуваа од Германија.

Претходно, руските власти го затворија (!) аеродромот Внуково, за сите летови од странство и тоа на само неколку минути пред планираното доаѓање на авионот со Навални, што инаку, според редот на летањето, требаше да слета на внуковската писта.

Префрлање на друг аеродром

Авио – компанијата „Победа Ерлајнс“ во чиј авион, на летот од Берлин за Москва се наоѓаше Навални, соопшти дека леталото веќе се наоѓало во процедура за слетување кога било наложено пренасочување кон другиот московски аеродром Шереметјово.

Внуково било затворено затоа што на него биле собрани помалку од двеста лица – соработници, поддржувачи и симпатизери на опозиционерот, за да го пречекаат и да го поздрават по неговото пет месечно лекување и рехабилитација во Германија.

На овој аеродром биле разместени силни полициски сили кои притоа уапсиле десетина лица, меѓу нив и клучниот соработник Љубов Собола, како и некои од другите најблиски соработници.

Затруен со новичок

Алексеј Навални беше во Германија од пред крајот на август, на лекување, откако на 20 август, патувајќи од Томск, во Сибир, за Москва, беше нападнат и затруен со нервниот агенс НОВИЧОК.

Здравствени експерти подоцна имаат објаснето дека успеал да го преживее атентатот, затоа што пилотот на авионот одлучил, вонредно, да слета во Омск, кога му јавиле дека еден патник (Навални) се онесвестил и дека се наоѓа во тешка состојба. Помогнала многу и брзата интервенција на лекарите во болницата во Омск.

Неколку денови подоцна, меѓутоа, кога Навални веќе беше префрлен во Берлин, лекарите одбиваа да потврдат дека човекот е жртва на напад со новичок. Тоа го отфрлаа и руските власти, уверувајќи дека тој нервен агенс одамна не се произведува, како и дека сите резерви со нервни бојни отрови се уништени.

Меѓутоа, три угледни европски лаборатории за ваков вид оружја – една во Германија и две други во странство, потврдија дека рускиот опозициски лидер бил нападнат со хемиско оружје, произведено уште во времето на некогашниот СССР. Излезе дека нервниот агенс бил ставен во неговата долна облека.

Закани од Москва

Навални додека престојуваше во Германија, повеќе пати, го обвини Кремљ и руските тајни служби дека стојат зад обидот тој да биде ликвидиран. Од болницата каде се лекуваше, излезе на 23 септември, а потоа остана таму на рехабилитација, до конечното заздравување.

Во средината на минатата недела, тој навести дека ќе се врати дома, во Русија, иако од Москва уште пред тоа соопштија дека доколку се врати – веднаш ќе биде уапсен.

Но, зашто овој пат е уапсен Навални, уште пред да си дојде дома.

Официјално, затоа што „не ги почитувал обврските што произлегуваат од условното осудување во 2005 година„. Според тамошните медиуми, во затвор ќе остане додека за тоа не одлучел судијата.

Задоцнето апсење

За ваквото објаснување, руските власти спроведоа цела операција.

Прво го префрлиле неговиот авион од еден аеродром на друг, само за да не сретне со оние кои го подржуваат.

Потоа, со самото апсење, без притоа да му се дозволи на адвокатот да го придружува. И, на крајот со апсењето на низа негови соработници, собрани на аеродром.

Во руските опозициски кругови тоа се толкува како натамошно изживување и измачување на власта кон Навални, затоа што тој продолжува да ја критикува руската реалност, да зборува за повеќе демократија и вистинска правда и правна држава, а над се, за присуство на силна корупција и во врвовите на власта.

Конечно, доколку навистина била прекршена условната казна, зашто судот чекал пет години, за да дури сега наложи апсење.

(М.Р.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Свет

Горе