Поврзете се со нас

Skopje Global

СЗО: Катастрофален морален неуспех со вакцините

Свет

СЗО: Катастрофален морален неуспех со вакцините

ChDenisZ/BigStock.com

СЗО: Катастрофален морален неуспех со вакцините

Светската здравствена организација остро реагираше на досегашната ситуација околу набавката на вакцините против коронавирусот, оценувајќи дека светот се соочува со „катастрофален морален неуспех“ доколку се продолжи со сегашната состојба – богатите држави да ги приграбат за себе вакцините, на штета на сиромашните.

Генералниот директор, Тедрос Адханом Габрејесус, на виртуелен состанок на раководството на СЗО, рекол дека организацијата мора „да биде отворена во врска со ова прашање“ и така и да реагира, забележувајќи дека цената на моралниот неуспех ќе биде платена со животите на луѓето од најсиромашните земји.

Отстапување од договореното

Габрејесус го осудува, како што рекол, егоизмот на богатите и остро ги критикува компаниите-производители кои досега бараат одобрување за користењето на нивните вакцини само во богатите држави.

Не се работи како што беше договарано и ветувано – понудите за одобрување да одат во СЗО и преку него и од таму да се добие потребното „зелено светло“ за вакцинирање на населението низ светот.

Според податоците на оваа светска организација, до сега се дистрибуирани 39 милиони дози вакцини, во 49 држави. При тоа, се споменува еден „срамен податок“ дека на една од сиромашните земји и биле доделени САМО 25 ДОЗИ вакцини. СЗО, засега одбива да открие за која земја станува збор.

Првиот човек на организацијата го смета за голем подвиг, создавањето и производството на вакцина, во толку кус рок – за помалку од една година, откако пандемијата тргна од Кина.

Профит со вакцините

Но, го осудува однесувањето на „некои земји“ кои иако (јавно) постојано уверуваат за рамноправен пристап до вакцините, во пракса, предност им даваат на спогодбите кои ги прават, директно со производителите – САМО ЗА СЕБЕ.

Ваквото однесување на богатите држави само овозможува постојано да расте цената на вакцините кои се нудат и да се заобиколува редот, како и договорената распределба.

„Страшно е што во ваквиот начин делење на вакцините се вклопени и производителите кои настојуваат да добијат одобрување за пласирање на вакцините – кај богатите, зашто таму ИМА НАЈВИСОК ПРОФИТ – наместо понудите и преговорите да одат преку СЗО.”

Светската здравствена организација предупредува дека ваквото однесување, во првите дваесетина денови откако се почна со дистрибуцијата и со вакцинацијата, не само што е НЕМОРАЛНО, туку е и опасно, зашто овозможува да се продолжи траењето на пандемијата, потоа ги продолжува маките на луѓето и ги оддолжува веќе воведените рестрикции, за сузбивање на епидемијата.

Купување мир кај гласачите

Покрај СЗО и неговиот генерален директор, за стартот на вакцинацијата реагираше и генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш, кој ваквите состојби ги нарече „вакци-национализам“.

Според него, одредени земји имаат купено определена количина првична доза од вакцините, а сега нарачуваат и екстра дози, не прашувајќи за цената, целосно отстапувајќи од она што беше сугерирано и договарано, пред уште да се потврди ефикасноста на било која од досега произведените вакцини.

Европски политички експерти сметаат дека освен што е неморално и што заживува своевиден национализам во врска со вакцините, како што вели Гутереш, не мал број политичари, настојуваат, со помпезното најавување за купување на екстра дози, да си купат мир кај својата јавност и пред своите гласачи, за сторените грешки во досегашниот тек од борбата со коронавирусот.

(С.Г.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Свет

Горе