Поврзете се со нас

Skopje Global

Свет

„Палатата на Путин“ поголема од Монако

DLSV/BigStock.com

„Палатата на Путин“ поголема од Монако

Во руската (и меѓународната јавност) подолго време се зборува за „големото лично богатство“ на рускиот претседател Владимир Путин, што секогаш се врзува за неговите 20 години како лидер на Русија и блискоста со нему лојалните олигарси – супер богатите милијардери, иако никогаш досега се нема појавено некаков доказ, или потврда за тврдењето дека Владимир Владимирович, освен што е политички моќен е и „мошне богат“.

Изминатите денови, меѓутоа, јавноста на Русија има можност и самата да се увери – како изгледа дел од богатството, откако на интернет беше понудена видео презентација на едно огромно здание, во реонот на Црно Море, изградено на исто така огромен простор, што се означува како „Путинова палата“.

Деманти на Кремљ

Дури 70 милиони луѓе, на Јутјуб ги имаат отворено и разгледано снимките – надворешни, направени од дрон, како и детален приказ на внатрешното уредување и на архитектонско – содржинските детали од оваа монументална градба – со право наречена палата.

Заедно со снимките оди и извештајот за „раширената корупциска шема“ изработена од екипата соработници на руската невладина организација за борба со корупцијата (ФБК), што ја има создадено и со која раководи Алексеј Навални.

Во извештајот се вели дека вредноста на палатата изнесува 1,4 милијарди долари и дека според својата надворешна и внатрешна површина е дури 39 пати поголема од Монако.

Кремљ веднаш реагираше, отфрлајќи ги како „неточни и измислени сите наводи “ во материјалот ставен на интернет, при тоа и демантирајќи дека Путин воопшто поседува било каков дворец.

Според портпаролот Дмитри Песков – она што се нарекува „Путинова палата“ не е сопственост на претседателот на Русија. Тој уште и го дисквалификува целиот извештај тврдејќи дека за палатата на Црноморието и порано, на два пати, се има зборувано во последните три – четири години.

„Држава во држава“

Всушност, прв пат објектот се споменува уште пред десет години, кога претприемачот Сергеј Колесников, во едно отворено писмо до тогашниот претседател Дмитри Медведев, користејќи ја „Путиновата палата“ побара да се запре корупцијата, од која како што се тврди е изградено ова здание.

Навални, пак, сега на домашната јавност и нуди до детали изработен приказ на палатата, дури со опис и на мебелот со кој е опремена.

Во објаснувањето кое во приказот на интернет го дава самиот Навални, се вели дека палатата и целиот простор наоколу се како држава во држава. Во тој дел од Црноморието не може да се дојде ниту од копно, а ниту од море. Луѓето кои се таму ангажирани не смеат да носат мобилни телефони, опремени со камери и било какви мобилки и фото – камери, за да не може да се направи било каква снимка.

Театар, кино, коцкарници, терен за хокеј…

Палатата има 17.700 квадратни метри. Има 11 спални соби, големи салони и простории за дневен престој. Во објектот има и приватен театар, кино сала, коцкарници, два големи базена, вистински турски амам, сопствена пекарница, како и соби „за непозната намена“, а во подрумот е сместено цел еден терен за хокеј.

Палатата е опремена најлуксузно што се можело, па во извештајот на ФБК се споменуваат бројни детали, како дека има парчиња мебел кои чинат по 56 илјади долари, или дека само еден тросед чини 27 илјади.

За теренот на кој е поставена палата, на кој покрај неа има изградено и амфитеатар, како и една црква, се вели дека е сопственост на руската разузнавачка агенција ФСБ (поранешно КГБ) и дека комплексот се простира на 70 квадратни километри.

Таен договор со олигарсите

Во приказот на посебната корупциско – финансиска мрежа се тврди дека станува збор за еден тајно направен договор на Владимир Путин, со руските олигарси, што бил постигнат уште на почетокот од неговиот мандат.

Станува збор за донирање на дел од нивните (големи) приходи во една инвестициска фирма, од која потоа, 35 отсто од тој износ се префрла на посебна сметка во Швајцарија.

„Со овие пари тие (олигарсите) му имаат изградено палата на својот шеф“ – тврди Алексеј Навални кој инсистира дека палатата е сопственост на рускиот претседател.

Користејќи го приказот на ова здание и шемата по која е изградено, тој ги повика своите симпатизери и сите оние кои му веруваат, да излезат на улиците и да протестираат, против корупцијата во Русија, која, како што вели, потекнува од самиот врв на власта.

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Свет

Горе