Поврзете се со нас

Skopje Global

Европа/ЕУ

Мишел: Тешко со роковите околу вакцинацијата

insta_photos/BigStock.com

Мишел: Тешко со роковите околу вакцинацијата

Претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел вети дека Брисел ќе изврши силен притисок врз фармацевтските компании да ги почитуваат договорите за набавка и за дистрибуција на вакцините против коронавирусот, во земјите на ЕУ.

Мишел, меѓутоа, признава дека онака како што стојат работите, на ЕУ ќе и биде тешко да го исполни својот план за вакцинација на 70 отсто од возрасните лица во Унијата – до крајот на годинешново лето.

Неговата изјава доаѓа во време на остри критики од земјите членки, поради прекинот на испораката на вакцини од компанијата „Фајзер“ и покрај тоа што нејзината европска фабрика се наоѓа во Белгија, каде е и седиштето на Унијата.

Закана со тужби

Во интервју за француското радио, тој има речено дека европските лидери биле гневни, откако „Фајзер“ објави дека ќе доцни испораката на вакцините за целата ЕУ, неколку недели.

Најостро реагираше Италија, земјата која важи за една од најтешко погодените од пандемијата во Унијата, но и во Европа. Владата во Рим дури и се закани со судска тужба за непочитување на договорот, освен со првата пратка која беше солидарно разделена меѓу сите земји членки.

Според Мишел, во меѓувреме, Брисел има обезбедено одлагањето на вакцините од оваа компанија да се намали до следната недела, што значи да се обнови на почетокот од февруари.

Претседателот на Европскиот свет, во интервјуто, сепак, рекол дека со оглед на сите овие и вакви ситуации и логистички предизвици со бавното пристигнување на територијата на ЕУ, планот на Унијата за масовно вакцинирање на населението во претстојните осум месеци, ќе се развлече после првично предвидениот рок.

Комерцијализација на вакцинацијата

Требаше да се очекува дека фармацевтската индустрија ќе се најде во една ваква ситуација – да доцни со испораките и да не може да ги исполни договорите, онака како што е тоа определено во нив.

Голема е побарувачката во ситуација кога треба да се вакцинираат милијарди луѓе, во услови кога пандемијата е се уште активна. Плановите и на „Фајзер“ која и најмногу ветуваше со испораките, во текот на јануари, можеби затоа не се спроведуваат со планираното темпо.

Дополнителен проблем е тоа што наместо да се држат на договорениот ред што го направи Светската здравствена организација (СЗО), тие почнаа да се однесуваат комерцијално и да гледаат да заработат во оваа криза – откако почнаа да дистрибуираат вакцини според тоа кој како ќе нарача надвор од определената шема и за тоа ќе плати повисока цена од вистинската.

Почнаа Израелците и Британците, повеќе од политички, отколку од здравствено – епидемиолошки потреби, за покривање на состојбите во нивните земји, а потоа се почна со наддавање, што само ја подигна цената на вакцината – и заработувачката на компаниите.

Бавна дистрибуција

Врз Брисел има и критики, посебно од десничарскиот блок, од евроскептиците и од оние кои не веруваат во европската идеја, дека ЕУ се има „загубено“ во целата оваа работа. Односно дека е виновна што се случува она што сега се случува со дистрибуцијата. Такви забелешки има и во рамките на самата Унија.

Освен тоа, Европската комисија се обвинува и за тоа дека настојувала да форсира само некои компании, дека предност им е давана на европските.

И конечно има критики кон Европската агенција за лекови, дека мошне бавно работи околу издавањето цертификати за користењето на вакцините кои се нудат на пазарот на ЕУ.

Унијата има нарачано и има постигнато шест договори за две милијарди дози вакцини. Тоа значи за четири пати повеќе население од вкупната бројка на населението во целата ЕУ, со оние кои не треба и нема да се вакцинираат.

Од ова количество е предвидено да се одделат доволно дози и за земјите од Западен Балкан кои се на работ од Унијата и веќе се во преговарачкиот процес – кои повеќе кои помалку – вклучувајќи ја и Република Северна Македонија.

Политичко орудие

Но досега, договори за испорака ЕУ има само со две компании – „Фајзер“ и „Модерна“. Од Брисел се најавува дека европската комисија за лекови до крајот на оваа недела ќе издаде одобрување за користење на уште една вакцина – онаа на „Оксфорд – АстраЗенека“.

И, како што тоа обично се случува, пандемијата, а сега и вакцините и вакцинирањето се претворени во орудие на политичката пропаганда – за купување на душите на домашната јавност, а тоа значи и на гласачите, за задушување на опозицијата на теренот.

Не е случајно што режимот на дистрибуција го пореметија токму Британија и тамошната влада, Израел и се уште актуелниот премиер Нетанијаху, Унгарија со нејзиниот автократ Орбан. Тој уште и како дел од ЕУ и од постигнатата европска спогодба да се дејствува заеднички и во исто време.

Имаат овие три земји големи проблеми со пандемијата и тешко ги решаваат.

Собирање поени кај гласачите

Британците тешко задоцнија на стартот со епидемиолошките мерки, па сега иако „изолирани“ на островите, се претворија во извор покренувач на нов бран од епидемијата, слично како Вухан и Кина, во минатата пролет. Владата и самиот премиер Борис Џонсон и натаму не знаат како да се однесуваат – ветувајќи еднаш брзо ослободување од локадунот, а пото носејќи уште построги мерки.

Во Израел, подолго време, паралелно со пандемијата, трае политичка криза која предизвика во две години Израелците во март, по четврти пат да излегуваат на гласање.

И одново да се определуваат за „вечниот Биби – Бенјамин Нетанијаху“ кој ја има заробено државата со своето над десет години владеење, овој пат соочен и со судење за земање поткуп и за злоупотреба на службената должност. Со недели Израелците излегуваа на протести барајќи од него, конечно, да си оди од политиката и да одговара за она што го има направено.

За, Унгарија на Виктор Орбан, пак, како се да е познато, па секој негов потег веќе и не е никакво изненадување. Владеејќи авторитарно, тој ја искористи пандемијата на таквото владеење да му даде и легитимитет.

Предизборно одмерување

Во рамките на своето десничарско – националистичко уверување, ја има затворено границата кон југот, изолирајќи ја „етнички чистата Унгарија“ од сите неевропски народи, но епидемијата ја казни неговата држава сурово – со драстично зголемување на бројот на новозаразените и со исто таков скок на жртвите, во споредба со минатата пролет.

Неговите „специјални врски“ со Москва, пак, го имаат претворено во руско орудие против единството на ЕУ, што се прави и сега – единствен прифаќајќи ја неодобрената руска вакцина.

Во сите три држави, на властите, затоа, им требаше да се случи вакцинирање на населението – за да се собираат патриотски, или антиевропски поени кај домашните гласачи.

Џонсон драстично го има загубено својот рејтинг, па затоа на сите страни ќе нарачува вакцини и ќе ја претвори кампањата за вакцинација во политичка кампања за подобрување на позициите пред мајските локални избори, меѓу другото.

Затоа и се користи масовното вакцинирање, за да се уверат луѓето дека (и ова покажува) оти на Британија и е подобро да е сама, надвор од Унијата.

Новиот вирус и на Балканот

Во март му претстојат нови избори и на Нетанијаху, а во фебруари би требало да се појави на суд. Во такви услови, тој прв ќе се појави и на вакцинирање, во една строго религиозна средина, каде не мал дел од населението тоа не го прифаќа. Сето целиот процес оди на брзина, па од Израел веќе има информации дека 13 лица имаат пријавено фацијална парализа како последица на вакцинирањето?

Од такви, политикански причини и Орбан ќе даде еднаш изјава дека ќе користи и руска вакцина, па потоа дека нема тоа да го прави, затоа што Русите „немаат капацитети за да ги задоволат своите барања“, за да по тоа одново се врати на руската вакцина, со најава дека таа таму би можело и да се произведува.

Во меѓувреме, таквото (зло)употребување на кризата, на пандемијата и на вакцинирањето, за да се покаже „колку се сака сопствениот народ и дека 24 часови се води грижа за да биде здрав“ има и на Балканот и на Западен Балкан, во земјите со популистичко владеење.

Но, таму веќе се јавува и една друга ситуација – а тоа е налетот на англиската верзија на коронавирусот – прво во Словенија, а велат и во Србија.

(Б.Б.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Европа/ЕУ

Горе