Макрон: Нема концепт за полу-пријатели
Францускиот претседател Емануел Макрон ги предупреди британската влада и премиерот Борис Џонсон дека сега е време да се определат кои се нивните сојузници, порачувајќи му притоа на Лондон дека „не постои концепт за полу – пријатели“.
Според Макрон, Британија ќе треба да се определи за тоа каква политика ќе одбере, затоа што не може да биде најдобриот сојузник на САД, а потоа и најдобриот сојузник на ЕУ и во исто време да биде некаков „нов Сингапур“.
Британија како нов Сингапур?
– Лондон ќе мора да одбере модел – рекол францускиот претседател, забележувајќи дека тој лично има впечаток дека британските политички лидери, моделот веќе им го продале на тамошните луѓе.
„Доколку се определат за целосна транс – политика, тогаш ние во ЕУ ќе мораме да ги разјасниме работите, бидејќи ќе се јават разидувања околу прописите и правилата за пристап до пазарите. Ако, пак, се определат за тоа да се претворат во нов Сингапур, што веќе и се сугерира на јавноста, тогаш ќе мора да видиме како понатаму“ рекол Макрон на една средба со група странски новинари од Европа и од Америка.
Тој инсистирал дека тоа веќе не е работа за која тој треба да одлучува, но порачал дека официјален Париз и Франција сакаат добри и мирни односи.
Против нео-национализам
„Нашите судбини се меѓусебно поврзани. Нашите интелектуални врски се силни. Истражувачките лаборатории и индустриите работат заедно. Според тоа, јас верувам во еден суверен континент од национални држави, но не и во нео-национализам“ – рекол Макрон на средбата во Елисејската палата во Париз, истакнувајќи дека тој, лично заговара заеднички амбиции и заеднички судбини.
Верувам дека Борис Џонсон е на тој пат, затоа што верувам дека и Британците се на тој пат. Ние остануваме сојузници. Историјата и географијата не се менуваат, па затоа верувам дека Британците немаат различна судбина од нашата
…заклучил во својата елаборација на француско – британските и европско – британските односи, сега и во перспектива.
„Брегзит е грешка“
Макрон, меѓутоа, уште еднаш посочил дека за него Брегзит претставува грешка.
„Го почитувам сувереното право на луѓето да гласаат и да се определуваат. И тоа така мора да биде. Но, мислам дека гласањето (на референдумот за Брегзит во јуно 2016 година) се засниваше на МНОГУ ЛАГИ.
Сега гледаме како тоа создава многу тешкотии и прави проблеми на разни начини, констатирал францускиот претседател.