Поврзете се со нас

Skopje Global

Здравје

Брисел се откажува од „Астра/Зенека“?

Jonathan Weiss/BigStock.com

Брисел се откажува од „Астра/Зенека“?

Европската комисија соопшти дека се дистанцира од „Астра/Зенека“, во рамките на својата нова стратегија за вакцинирање против коронавирусот, во текот на првиот квартал од оваа година, откако компанијата целосно потфрли со дистрибуцијата, предизвикувајќи голем застој во испораката за земјите од ЕУ.

Токму вакцините на „Астра/Зенека“ требаше да бидат употребени за масовно вакцинирање во првите три месеци во 2021, но оваа британско – шведска компанија (наеднаш) соопшти дека не може да испорача повеќе од 25 отсто од она што претходно е прецизно договорено. А, стануваше збор за 100 милиони дози вакцина.

Ваквиот неочекуван потег на компанијата предизвика тежок проблем во Европа и застој во вакцинирањето на населението во 27 – те земји членки.

Повеќе дози во март

Сега Европската комисија (ЕК) ќе остане поврзана со „Фајзер/Бионтек“, со „Модерна“ и со „Џонсон – Џонсон“.

Во ова меѓувреме, германскиот дел на „Фајзер“ даде ветување во Брисел дека веднаш после 1 март ќе испорача дополнителни 75 милиони дози, произведени заедно со Американците. Според високи функционери на Комисијата, тоа ќе овозможи да се обезбедат далеку повеќе вакцини во вториот квартал, затоа што договорот за екстра дозите стапува веднаш во сила.

Покрај постоечките добавувачи ќе се вклучи и „Бионтек“ сам, со новиот договор, за двојно повеќе дози.

Веднаш реагираше „Астра/Зенека“ која и натаму се брани дека неможноста да го исполни договореното и дозите вакцина што требаше да им бидат разделени на земјите од Унијата (дел треба и за Западен Балкан) е последица на падот на производството во една нејзина европска фабрика.

Резерви кон вакцината

Европската комисија, меѓутоа, јавно ја обвини компанијата дека причина за застојот е тоа што „Астра/Зенека“ се има посветено само на обезбедување на екстра зголемените барања од Велика Британија.

Компанијата сега, откако се смирија страстите на релацијата Лондон – Брисел, по најавата дека го забранува извозот на вакцините од европските фабрики за вакцини, продолжува да ветува дека за Унијата ќе го интензивира своето производство и дистрибуција.

Во овој период, европските земји – секоја за себе – почнаа да воведуваат свои ограничувања за вакцината на „Астра/Зенека“. Прво, Германија, а потоа и Франција објавија дека вакцината од оваа компанија ќе се дава само на лица до 65 годишна возраст, тврдејќи дека нејзината ефикасност во имунизацијата е пониска од онаа кај другите производители.

Италија, пак, отиде чекор понатаму, па таа граница ја има намалена на 55 години.

„Парите назад“

Европската комисија објави детали од договорите со производителите, како и посебните клаузули, според кои, компаниите треба – или да ги испорачаат своите производи, или да ги вратат парите кои ги имаат примено.

Комисијата во Брисел потсетува дека има дадено 340 милиони евра само за „Астра/Зенека“ за да развијат вакцина, но и за да ги зголеми своите капацитети.

Ако ЕУ не ги добие вакцините, тогаш компанијата нема да го добие остатокот од парите, што Унијата треба да ги исплати по приемот на сите договорени дози вакцина – се вели во изјавата на Европската комисија.

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Здравје

Горе