Поврзете се со нас

Skopje Global

Опозиција контра државата

Македонија

Опозиција контра државата

SergeyNivens/Depositphotos.com

Опозиција контра државата

За секој позитивен, реформски, неопходен процес и исчекор во интерес на граѓаните, што се планира или се одвива во македонското општество и во државата, опозициската ВМРО-ДПМНЕ – по правило – е изречно против, или во најдобар случај – бара одлагање!

Од некоја ПР агенција, или од суетната и политички неука врхушка, на чело со октроираниот лидер Мицковски и неговите неколкумина послушници-извршители во херметички затвореното раководство и пратеничката група, е изградена посебна позиција. А, таа е дека ако континуирано се напаѓа власта и нивната „ноќна мора“ наречена Зоран Заев, ќе ќаруваат на нивниот рејтинг и ќе придобиваат гласачи. Затоа, веќе четири години како се во опозиција, ја спроведуваат истата тактика.

Притоа, заслепени од своите фрустрации, како да не забележуваат дека ниту им расте рејтингот, ниту придобиваат нови гласачи. Со континуираната контрапропаганда можеби само премислуваат некои од досегашните поддржувачи и гласачи на владејачката партија, вклучувајќи ги и „замрзнатите“ екс-функционери и пишувачите-пропагандисти, екс сдсмовци, што делумно им успева. Фактите го потврдуваат тоа.

На парламентарните избори кон крајот на 2016 година, иако имаа двајца пратеници повеќе, поради исклучително лошиот коалициски капацитет, не успеаја да формираат влада, туку тоа го направи нивниот политички ривал СДСМ. Локалните избори ги загубија катастрофално. Ги загубија претседателските избори, минатогодишните редовни парламентарни избори, како и неколку вонредни локални избори и тоа во „нивните бастиони“ (Охрид, Штип, Ново Село).

Иако врие во членството поради ваквата неразумна и, за партијата, во основа, губитничка политика, раководството „мува не го лази“, па си продолжува по свое, без ништо да се измени.

Постојано на погрешната страна

Само и исклучиво поради голата борба за власт, вмровската врхушка се однесува и делува слично како и државниот врв на соседна Бугарија, во изминатите шест – седум месеци кон нашата земја – останувајќи постојано на погрешната страна од историјата, од потребите и интересите на Македонија на големото мнозинство од нејзините граѓани!

Кога сé ќе се земе предвид, излегува дека и актуелното лидерство на ДПМНЕ се раководи од една мисла искажана од нејзиниот поранешен претседател, а сега почесен претседател, кој избега од државата за да не оди во затвор – „Она што за државата е добро, не е добро за ДПМНЕ“.

Колку за потсетување – тоа беше кажано кога партијата ги прифати заклучоците на Анкетната комисија за насилното исфрлање на пратениците на опозицијата и новинарите од собраниската сала, од страна на тајната полиција, во „црниот понеделник“, во 2012 година, што тогашната вмровска влада ги истретира како тоалет – хартија и не ги исполни, иако беше обврзана.

Таквата антидржавна изјава на семоќниот лидер, потоа се претвори во пракса и во определба на неговото владеење, што се повтори во низа примери. Дури, би додале – таа одеше и обратно, па она што беше добро за партијата, беше штетно за државата. Таа политика на различно поимање на интересите на државата и на партијата, наместо тие да бидат исти, продолжува и сега.

Внатрешен тероризам

Прво, деспотот и неговите направија обид, преку државен удар, во „крвавиот четврток“ (27 април 2017 година), да останат на власт, иако по изборите беше формирано ново парламентарно мнозинство, а партијата требаше да седне во клупите наменети за опозицијата.

Класичен „внатрешен терористички акт“, како што тоа новиот американски претседател Џо Бајден и американските аналитичари го оценија неодамнешното насилството во Конгресот на САД од трампистите.

За Преспанскиот договор, кој не внесе во НАТО и кој беше виза ЕУ да донесе одлука за почнување преговори за членство, вмровскиот врв постојано тврди дека тој е штетен и дека тие (кога ќе дојдат на власт) ќе го поништат.

Тоа е, сепак, само дволична декларација, бидејќи и во редовите на партијата има луѓе (освен Мицкоски, Николоски и Милошоски), кои знаат дека станува збор за меѓународен договор потпишан од две држави – Република Северна Македонија и Република Грција, со гаранти ООН и ЕУ и тој мора да се спроведе.

Таква реторика употребуваше и Мицотакис од позиција на опозиционер, но сега, кога е на власт – го спроведува.

Референдумот со прашањето: „Дали сте за членство во ЕУ и НАТО преку прифаќање на Договорот меѓу Македонија и Грција“ – октроираниот лидер го бојкотираше, наместо да ги повика своите членови и приврзаници да излезат и да гласаат, па ако не сакаат „За“ – тогаш нека гласаат против, што ќе беше во рамките на демократските правила.

Но, се определи за бојкот, бидејќи знаеше дека нивната опција „против“ добрососедството и членството во НАТО не ќе може да добие повеќе гласови од оние што гласаа „За“. Партискиот ситен интерес, надвладеа над државниот и над интересот на граѓаните.

Скопското и софиското ВМРО

„Најмакедонската“ партија, што одамна е „отрцана“ фраза, без никакво значење и покритие, слично зборува и се однесува и кон Спогодбата со Бугарија.

Притоа, го апстрахира фактот дека, освен ситни терминолошки дообјаснувања, станува збор за идентичен документ, потпишан пред дваесетина години од премиер на влада на ВМРО-ДПМНЕ.

Неколкутемина партиски функционери, освен критиките кон владата и премиерот Заев дека „ги распродаваат“ македонскиот идентитет, јазикот и историјата, ниту во еден момент не влегоа во отворен конфликт и дијалог со нивниот партиски „прв братучед“ со исто презиме ВМРО, а со различно име – софиското ВМРО на Красимир Каракачанов, кој е ороводец во сегашните бугарски национал-шовинистички присвојувања и провокации.

Напротив, целата македонска јавност можеше да го слушне Мицкоски како му ветува на бугарскиот премиер Бојко Борисов, мачејќи се тоа да го каже на бугарски јазик, дека, ако дојдат на власт, секако ќе ја спроведуваат Спогодбата.

Кодошеа низ Европа и светот, оцрнувајќи ја сопствената држава, уверувајќи ги зачудените странци дека во Северна Македонија, наводно, „се е катастрофално“. Конечно, само тие – вмровците и единствени му се израдуваа на ветото од Бугарија на почетокот на преговорите со ЕУ. И тука, одново играат дволично со интересите.

Заробувајќи ја Македонија

Со месеци го опструираа донесувањето на Законот за јавно обвинителство, како и низата други закони, а со тоа ги попречуваа и реформите во правосудството и борбата против криминалот и корупцијата. Само со една цел – да го спасат својот пребеган „лидер од сенка“ и околу 300 други свои функционери, бивши и актуелни, за кои се покренати обвиненија, или се во тек судски процеси за сторени огромни злоупотреби, нарушени човекови права (26.000 прислушувани) и криминали.

Потоа, се определија да ја опструираат власта и нејзината борба против пандемијата, пласирајќи во домашната јавност цела низа лажни вести и дезинформации околу тестовите, вмровскиот лидер го кршеше законот, одејќи во кафеани и теретани, кога тоа не требаше да се прави и кога сите другите ја почитуваа забраната.

Наместо да се вклучат како опозиција во борбата со вирусот, во пиковите на пандемијата, се ситеа на зголемените бројки со заразени и починати. Своето вистинско лице го покажаа која ка користеа пандемијата со коронавирусот како алиби за да бараат одложување на секој вид избори. Безобзирно, иако претходно тие ги бараа

Сега, таа своја игра ја играат и со престојниот попис на населението – предвиден за оваа пролет.

Политикански игри со пописот

Наместо да го прифатат како статистичка операција, која по вина, токму на нивната партија, не е спроведена веќе две децении, а милиони евра од прекинатиот попис пред една деценија, завршија во бунар, или во нечии џебови, Мицкоски со неколкумина од неговото опкружување, го исполитизираа и овој процес. Како алиби повторно ја користат пандемијата и истакнуваат најбизарни барања.

Точно, во неколку држави пописот се одложува поради пандемијата, главно, секаде само на неколку месеци. Сепак, треба да се знае дека во тие три – четири земји, за разлика од нас, пописите се одржувале редовно и никогаш не биле политички и етнички злоупотребувани, како што тоа го направија ВМРО-ДПМНЕ и пред десетина година – заедно со ДУИ.

Го прават тоа и сега со закана дека нема да ги признаат резултатите: ВМРО-ДПМНЕ, бидејќи пописот нема да се спроведува според нивните замисли и уцени, а ДУИ, ако процентот на Албанците не биде оној за кој тие (и без попис), знаат колкав треба да биде!

Згора на тоа, ВМРО-ДПМНЕ еднаш се заканува со бојкот и најавува собирање потписи за донесување закон со кој ќе требало да се поништи донесениот Закон за попис, а друг пат ќе бара купување специјални апарати за идентификација.

Во меѓувреме им текна за електронски попис и за користење на актуелните податоци од институциите, па потоа, дека се плашеле од методологијата, а можеби ќе повикале и на масовен одѕив на пописот во земјата и во странство…

Во оваа тажна сага влетува претседателот на државата Стево Пендаровски нудејќи компромис – минимално временско одложување. Премиерот Заев остава простор за тоа, но само од месец до најмногу два, не повеќе.

Националистички пребројувања

И тоа е сосема разбирливо, бидејќи пописот би се поклопил со локалните избори на есен. Всушност, токму тоа е она што го бара вмровската опозиција. Верувајќи дека со одлагање до есен (како Србија, на пример) би добиле можност за продолжена неколкумесечна антикампања, за пласирање на нивните лаги, дезинформации и ширењето лажни вести.

Во секоја држава со нормална опозиција, пописот претставува научно заснована статистичка операција со помош на која државата добива прецизни сознанија за состојбите во сите сфери од животот.

Пописот и дава насоки како да се постави кон сите процеси во неа, како да ги димензионира своите капацитети и како и во која насока да го насочи својот развој.

Но, кај нас не е така. Од осамостојувањето наваму, во земјава, некои партии кои во својата суштина се национално/националистички поставени и етаблирани, суштината на пописот постојано ја сведуваат на пребројување на националната и верската припадност на населението.

Особено по 2001 година и вклопувањето на решенијата на Охридскиот рамковен договор во Уставот, кога беше вметната процентуалната застапеност на другите етнички групи, покрај Македонците, кои надминуваат 20 отсто од населението, од што произлегуваат и некои посебни права, на пример, правичната застапеност.

Овие проценти се постојан мегдан за подгревање меѓунационални конфликти кои ги провоцираат ваквите политички субјекти, дури и кога се заедно како коалиција во власта, за да победуваат на избори.

Оваа техника, ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ успешно ја користеа цела деценија, кога на секои две години распишуваа предвремени избори. Победуваа, па пак формираа заедничка влада и владееја!

Сега, и со овој попис, иако вмровците се во опозиција, а ДУИ е во власта, исти им се „црвените линии“ и националистичкиот пристап, затоа што по пописот претстојат локалните избори.

Бегање и страв

Во Македонија, пописи на населението, домаќинствата и становите се спроведени во 1948, 1953, 1961, 1971, 1981, 1991, 1994 и последниот во 2002 година.

Пописот во 2011, по низа перипетии, оставки на претседателите и потпретседателите, на крајот на сите членови на Државната пописна комисија, по што статистичката операција беше прекината во нејзината средина од владата на Никола Груевски, по договор со Али Ахмети.

И уште еден интересен податок. ДПМНЕ, кога била на власт, иако нејзиното владеење се поклопуваше со две пописни години, – 2002 и 2011 – оваа партија ниту еднаш нема спроведено попис!

Имено, пописот во 2002 година, целосно беше подготвен од владата на Љупчо Георгиевски и од кадри поставени од него, од редовите на коалиција, претежно од ЛДП (претседател на Комисијата за попис и директорката на Државниот завод за статистика). А, почна на 1 ноември, токму на денот кога беше избрана владата на СДСМ на Бранко Црвенковски и на ДУИ.

Прекинат пописот во 2011

За време  владата на Н. Груевски, пописот беше прекинат (!?), откако „Државната пописна комисија констатира дека не се исполнети основните услови за натамошна реализација на пописот. Во најголема мера ова се однесуваше на нееднаквата примена на методологијата утврдена од страна на Државниот завод за статистика, а усогласена со ЕУРОСТАТ…“ Вака стои во формалното објаснување – зашто еден попис во државата не можело да се заврши – во 21 век.

Како и да е, дејствувањето на вмровската партијата во македонската политика, поточно дејствувањето на нејзиниот сегашен октроираниот лидер, со неговата малубројна дружина, не би било вредно за анализа и коментирање доколку, нивното делување, во услови на пандемија и економска криза предизвикана од епидемијата, не е крајно штетно за општеството, за државата и, што е најбитно, за интересите на граѓаните.

Особено што ваквото дејствување на раководството на ВМРО – ДПМНЕ, дефинитивно, не и носи ништо, во смисла на рејтинг и гласови на избори. Само ја задоволува суетата на неколкумина неуки, но многу амбициозни политичари од раководството, посебно на Мицкоски.

Манчо Митевски
(авторот е новинар)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Македонија

Горе