Поврзете се со нас

Skopje Global

Љубљана сугерира Самит меѓу ЕУ и Западен Балкан

Западен Балкан

Љубљана сугерира Самит меѓу ЕУ и Западен Балкан

SangaPark/Depositphotos.com

Љубљана сугерира Самит меѓу ЕУ и Западен Балкан

Владата во Љубљана планира да организира Самит меѓу земјите членки на ЕУ и државите од Западен Балкан, во месеците од претседателството на Словенија со Унијата, што почнува на 1 јули и ќе трае до крајот на оваа година.

Словенечките медиуми, меѓутоа, откриваат дека засега во Брисел нема изградено став околу ова прашање, ниту пак за тоа е постигната било каква согласност со словенечката влада. Особено што помина само еден месец откако Португалија претседава со ЕУ.

Проширувањето на дневен ред

Словенците сакаат главна тема на евентуалниот европско – западнобалкански Самит да биде процесот на проширувањето на Унијата, со земјите од регионот.

И, владата во Лисабон навести дека проширувањето, иако не како главна тема, го има во својата шестмесечна агенда.

За Португалија до крајот на јуни – како што навести и нејзиниот министер за надворешни работи – процесот на проширувањето сака да го реализира низ разрешувањето на „случајот“ со Македонија што (непредвидено) го предизвика Бугарија, блокирајќи го предвидениот старт на преговарачкиот процес на Брисел со Скопје, како и обновата на преговорите за влез во Унијата со Србија.

Во Љубљана, сепак, се инсистира на нов Самит меѓу Европа и последниот дел од континентот што не е вклучен во ЕУ, што би се одржал во септември и би бил „во живо“, а не како видео конференција.

Уште се открива дека словенечкото претседателство би сакало пред овој Самит да се одржи и еден неформален, лидерски состанок на самата Унија, околу нејзината отпорност на разни кризни ситуации.

Блокада на процесот

Дипломати во Брисел објаснуваат дека Европската комисија и кабинетот на претседателот на Европскиот совет, имаат резерви околу овие планови.

Од таму се порачува дека доколку и се постигне договор за сите работи, сугестија е Самитот да не биде пред ноември.

Најмногу затоа што останува непредвидливо каква ќе биде разврската околу коронавирусот, за да може да има состанок на врвот „во живо“.

Уште поважно е, меѓутоа, која да биде содржината на Самитот со Западен Балкан. Затоа и се вели дека ваквата конференција би требало да се организира тогаш кога ќе има што да се постигне и што да произлезе од таквото среќавање. А, тоа во овој момент не може да се обезбеди.

Проширувањето на ЕУ кон земјите од Западен Балкан, што толку полетно го најави Германија, која сакаше како претседавач на Унијата да го валоризира и да го прикаже со отворањето на преговорите за влез на Република Северна Македонија ЕУ, остана уште еднаш заглавено.

Иако отворањето на преговорите, Берлин (и ЕУ) настојуваа да го претстават како награда за сите исполнети барања што и беа поставени на владата во Скопје.

Но, и како силен знак дека Унијата (конечно) со конкретни потези, покажува дека влегува во регионот кој по сите параметри е дел од Европа, а веќе три децении е далеку од неа.

Оставен на влијание на силите кои не и мислат добро на Унијата, како Русија и Кина, кои ги користат лесно ранливите држави во регионот за сопственото инфилтрирање.

Дијалогот со Скопје за показ

Излезе дека ни една Ангела Меркел не може да го реализира стратешкиот план на Брисел за продор кон југот, поради превртливоста на владата на Бугарија.

Таа од промотор на привлекувањето на Западен Балкан кон Европа, се претвори во кочничар на европеизацијата на регионот и во орудие на антиевропските сили, приклучувајќи му се на ултрадесничарскиот круг во самата ЕУ, што го предводат, пред се, Унгарија, а потоа и Полска, а на кој – пред крајот на 2020 година – изгледаше дека им се приклучува и Словенија на Јанез Јанша.

Според тоа, за Брисел е најважно – преку засилениот дипломатски притисок – да се стави крај на бугарската блокада кон Македонија – како и да се покрене целосниот застој во евроинтеграциите на Србија, која седејќи и натаму на две столици – меѓу Западот и Истокот – подолг период го има забателено европскиот пат, објаснувајќи го сето тоа малку со пандемијата, а повеќе со Косово и неподготвеноста на Белград за компромис.

Едноставно, ЕУ сака да оствари конкретен резултат, а тоа е отворањето на преговорите на Скопје со Брисел и видливо придвижување во дијалогот меѓу Белград и Приштина, пред да се прават конференции и да се свика нов Самит на Западен Балкан и ЕУ.

Јанша како Орбан

Конечно, политичката ситуација во самата Словенија не гарантира успех на една таква конференција. Земјата продолжува веќе десет месеци да живее во политичка криза и во услови на исклучително низок рејтинг на премиерот Јанша.

Позицијата на Словенија, како и на нејзиниот актуелен премиер е ниска во Брисел.

Посебно откако тој застана на страната на Будимпешта и Варшава во нивниот судир со Европската комисија и со Европскиот Парламент, околу буџетот и европскиот фонд за опоравување на економиите на земјите од Унијата – за прв пат, условени со владеењето на правото во секоја земја – членка.

Блискоста на Јанша со Виктор Орбан, која по лошо се чувствува се до Македонија – затоа што Унгарците, преку фирма регистрирана во Љубљана, финансираат дестабилизација на пороевропската и пролиберално – демократска влада во Скопје, давајќи пари за ултрадесничарските и националистички, а според тоа и антиевропски медиуми на македонската опозиција – претставува проблем и за Брисел.

Љубљана се дистанцира од Будимпешта?

Јанша уште предизвика и јавен скандал, навивајќи толку силно за Доналд Трамп, што му честиташе на „победата“ иако беше јасно дека загубил на изборите. Потоа, Словенецот на Твитер го дисквалификува Џо Бајден како претседател, нарекувајќи го „најлошиот во историјата на САД“ (!?) – уште пред влезе во Белата куќа.

Таков каков што е, Јанша не почувствува потреба да се извини, однесувајќи се арогантно како што тоа го прави и Унгарецот Орбан.

Затоа во Брисел се стравува дека тој тешко би можел да има некого за соговорник во Вашингтон, а уште помалку да се појави како предводник на ЕУ и тоа во втората половина од годината, кога се најавуваат низа важни работи во трансатлантските односи.

Единствено што од Љубљана, во меѓувреме, се разбра е тоа дека словенечкиот шеф на дипломатијата настојувал во Брисел да ги уверува сите дека Словенија не е Унгарија и дека никој не го копира моделот на Орбан, ниту неговиот систем на авторитарно владеење. Прашање е само дали некој во седиштето на ЕУ им верува на Јанша и на неговите министри.

(Љ.С.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Западен Балкан

Горе