Поврзете се со нас

Skopje Global

Нов патријарх за новото време?

Западен Балкан

Нов патријарх за новото време?

Lorenzetti/Depositphotos.com

Нов патријарх за новото време?

Српската православна црква (СПЦ) избра нов поглавар – патријархот Порфирие – досегашниот епископ (митрополит) загрепско/љубљански. На тоа највисоко место во хиерархијата на српската црква тој го наследи починатиот поглавар Иринеј кој на 90 годишна возраст почина од коронавирусот.

Иако на 60 години, Порфирие е еден од најмладите епископи на СПЦ кој беше избран за патријарх со само еден глас повеќе. За белградските аналитичари кои ги следат случувањата во црквата – таквата разврска на црковниот Собор претставува победа на новата помлада генерација епископи, над старата и крајно тврдата, конзервативна и националистичка струја.

За други, меѓутоа, изборот на Порфирие е победа на политиката, односно на актуелната српска власт, за која се вели дека настојувала, новиот патријарх да биде близок со власта, како што тоа беше и досега. Некои западноевропски медиуми дури тврдат дека новиот поглавар, всушност, е избраник на претседателот на Република Србија – Александар Вучиќ.

Поумерена позиција кон Косово

Смената на врвот на црквата доаѓа во чувствително време за земјата, во време кога врз Белград (и врз Приштина) се врши притисок да го затворат косовското прашање низ еден траен договор за нивните идни односи.

Новата американска администрација, на пример, веќе на самиот почеток од својот мандат, објави каква е нејзината крајна цел – тоа е меѓусебното признавање на Србија и Косово, како и влез на поранешната југословенска и српска покраина, во ОН како меѓународна призната независна држава.

Затоа, она што сега ја интересира домашната, а и меѓународната јавност е како во сето ова ќе се однесува СПЦ и посебно нејзиниот нов поглавар. За Порфирие велат дека има поумерена позиција за косовската ситуација и за идниот статус на Косово, во споредба со неговиот претходник.

Интелектуалец и дипломат

Засега, останува ставот – дека за црквата во Србија, Косово е „темел на српството“, па таа одбива да прифати и да признае независност на оваа територија. СПЦ беше и (велат) и натаму е против идејата за размена на територија со косовските Албанци, како и за повлекување нова гранична линија на косовскиот север, што требаше да биде цената за која Белград би можел да прифати независност на Косово.

Но, белградските аналитичари сега посочуваат дека Порфирие кој е досега најобразуваниот српски патријарх, освен што важи за „најголемиот интелектуалец“ во СПЦ, се смета и за вешт црковен дипломат. Истите аналитичари објаснуваат дека таа своја способност ја има покажано за време неговите седум години поминати во Загреб.

На „жешкиот “ терен во хрватскиот главен град тој има изградено максимално коректни односи со католичката црква и посебно, со загрепскиот кардинал Божаниќ. За нив двајцата во Загреб велат дека знаеле да се прошетаат пеш, низ центарот на градот и дека имаат удел во постепеното подобрување на позицијата на српската етничка заедница во Хрватска. Конечно, во првото свое послание, како нов српски патријарх, тој ја нарече Хрватска – „мојата втора татковина“.

Средување на црквата

Тој уште еднаш ја изненади домашната јавност кога се огласи со сочувство по повод смртта на југословенскиот и српски кантавтор Ѓорѓе Балашевиќ, со топли зборови за починатиот, за кого не може да се рече дека било кога бил религиозен човек и националист.

Патријархот го направи тоа пред да се огласи власта во Белград, преку кусата (велат задоцнета) реакција на српскиот премиер Ана Брнабиќ.

Како и да е – главата работа на новиот поглавар нема да биде градењето личен имиџ во српската јавност – туку тоа ќе бидат цела низа тешки и напластени состојби во и околу црквата. Пред се, тоа е внатрешната ситуација во црквата, за која се зборува дека долго време се соочува со длабоки поделби на бројните струи меѓу епископите. Тој ќе треба да избере и свој наследник во Загреб, а потоа и нов човек во Црна Гора, по смрта на контроверзниот Амфилохие.

Овој служејќи и на белградската државна политика, успеа, со организираните литии низ црногорските градови да ја собори, досега непрокосновената власт на претседателот Мило Ѓукановиќ.

Политика и религија

Но, тоа создаде длабок расцеп во тамошното општество – не само по политичко-идеолошка основа, туку и по национална, меѓу локалната српска етничка заедница и оние кои себе се чувствуваат како Црногорци во национална смисла.

Сепак, главната работа на која ќе се тестира лидерската способност на новиот патријарх – останува Косово. И дома и во светот, тој ќе се оценува по позицијата околу идниот статус на Косово. Во Белград има мислење дека претседателот на Србија настојувал СПЦ да има поглавар кој ќе има идентични, или барем блиски ставови за косовското прашање со државната политика.

Вучиќ веќе има речено дека „додека тој е претседател, Белград нема да признае независно Косово“. Во својата прва порака новиот поглавар порача дека – „Ние сме во Косово и Косово е во сите нас, како српско свето место, како срцето на Србија“.

Без избрзани заклучоци

Ваквото послание делува како нешто веќе одамна слушнато и познато и како порака која не ветува ништо ново и различно. Во Белград, сепак, се сугерира да не се донесуваат пребрзи и уште помалку конечни заклучоци.

Едноставно, во првата порака до јавноста од еден црковен поглавар и не би требало да се очекува да реагира поинаку. А, освен тоа, во овој момент нема никаква комуникација меѓу Белград и Приштина. Нема навестување и за тоа кога дијалогот би можел да продолжи, особено што Косово нема влада, а премиер се очекува да биде политичар кој има потврди позиции од неговите претходници.

Вашингтон и Брисел ја чекаат разврската на политичката ситуација во Косово и не се откажуваат од намерата решение – некакво – да се најде до крајот на оваа година. СПЦ, пак, се смета како важен фактор при трагањето (и евентуалното) постигнување договор, без разлика што црквата во Србија (формално) е одвоена од државата.

СПЦ како РПЦ

Таа улога на српската црква е вткаена и во градењето на исклучително блиските односи со Русија, во минатото, а и сега. Особено што и Руската православна црква (РПЦ) иако и таа е издвоена од државата, во својата земја се потпира врз силните врски и блискоста со Крамљ. Како кога станува збор за позицијата и желбата за превласт и доминација на РПЦ во православниот свет, наспроти Вселенската патријаршија во Цариград, така и како поддршка на официјална Москва во нејзината геостратешка позиција.

Тоа е посебно видливо кога станува збор за односите со државите од некогашниот СССР и земјите од поранешниот политички Источен блок и државите од Балканот.

Таквото (руско) заедништво беше силно изразено при случувањата во Црна Гора минатата година и судирот на СПЦ и Белград со тогашната власт во Подгорица и настојувањето за обновата на црногорската православна црква и за обновата на нејзината автокефалност. Москва тогаш силно застана зад позицијата на Србија и на нејзината црква.

Без промени кон Украина

Тоа се случи и при признавањето на автокефалноста на црквата во Украина, која се отцепи од РПЦ. Тоа предизвика гнев во Москва, а СПЦ реагираше остро на таквото решение на Вселенската патријаршија, што потоа се префрли и врз Грчката црква која ја прифати украинската автокефалност.

Во таквите услови, се очекува новиот српски патријарх ништо да не менува во односите на СПЦ кон Русија и кон руската црква, а не се очекува ништо ново и во односот кон сега автокефалната украинска црква.

Она што може да се менува и да се поправа, Порфирие може да го направи во односите со Вселенската патријаршија и посебно со Грчката православна црква, која со години на ред беше означувана како „сестринска“.

Старо-ново кон МПЦ?

Конечно, новото во СПЦ, доколку новиот поглавар успее тоа да го наметне, може да биде нејзиниот однос кон Македонија и кон Македонската православна црква. Во подигнувањето на блокадата за прогласувањето на автокефалноста на МПЦ, на што се чека повеќе од 55 години.

Колку и да изгледа тоа „невозможна мисија“ во Белград можат – со заеднички напор на тамошната политика и на црквата – да тргнат од себе еден проблем кој во основа е полесен за надминување од сите другите кои го чекаат новиот патријарх.

Тоа би и дало полет на српската надворешна политика во регионот, кога станува збор за државата. И, што е поважно – да помогне за купувањето карта за ЕУ, која преку решавањето на спорот со МПЦ, би можело полесно да се обезбеди, од онаа со Косово.

Преку решавањето на спорот со МПЦ, српската црква може да го премости полесно косовското прашање, да се справи со црногорското прашање и да изгради сосема поинаков имиџ на Балканот. Да не биде и понатаму како некаков бастион на стариот српски национализам.

(С.С.Г.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Западен Балкан

Горе