Поврзете се со нас

Skopje Global

Свет

„Бандитите на Капитол дојдоа да војуваат“

Bumble-Dee/Depositphotos.com

„Бандитите на Капитол дојдоа да војуваат“

Сменетите полициски и безбедносни функционери, задолжени за сигурноста на американскиот Конгрес, на сослушувањето во одбор на Сенатот за случувањата од 6 јануари и нападот врз Капитол Хил, ги обвинија разузнавачките агенции што претходно немале обезбедени сознанија што, всушност, се подготвува, ниту пак (ако знаеле) за тоа ги имаат предупредено службите за обезбедување на Конгресот.

Поранешниот шеф на полицијата на Капитол, Стивен Санд на сослушувањето рекол дека тој и неговите луѓе се подготвувале за демонстрации, а не за координиран напад, во војнички стил, со што се испостави дека тие морале да се справуваат.

Воени ветерани

Санд рекол дека бандите од ултра – десничари и расисти, приврзаници на белата супремација, биле дојдени подготвени за да водат војна. Со оружје, со комуникациска опрема и со опрема за искачување по фасада, која специјалните војнички сили ја користат за запоседување на објекти, каков што е Конгресот.

Тоа не е изненадување, затоа што меѓу „борбените сили“ во толпата собрана пред зградата на американскиот Конгрес, подоцна беа откриени и војнички оспособени демонстранти, приврзаници на Доналд Трамп и на крајната десница во САД. Станува збор за поранешни ветерани на американската армија кои учествувале во војните во Авганистан и во Ирак кои на интернет, веднаш по побуната се имаат пофалено дека носеле оружје и дека биле подготвени за пресметка.

Пет лица загинаа во текот на насилствата на Капитол – четворица меѓу бандите – бунтовници, како и еден полицаец.

Поттикнати од Трамп

По случувањата што ја шокираа американската и светската јавност, во која про-Трамп приврзаниците го нападнаа Конгресот и лесно навлегоа во зградата, додека во тек беше расправата за верификација на изборната победа на демократскиот кандидат Џо Бајден, сите раководители на безбедносните служби на Конгресот, беа сменети и обвинети за лошо организирање на заштитата.

Тоа се случуваше во време кога тогаш се уште актуелниот претседател Доналд Трамп, не само што не ја признаваше изборната победа на неговиот политички противник на изборите на 3 ноември, туку ги уверуваше своите приврзаници дека тој е победникот, дека победата му била украдена и дека нема намера да се повлече од Белата куќа.

Демократите, а и поголемиот дел од американската јавност сметаат дека на 6 јануари во Вашингтон се случи побуна која ја има поттикнато самиот Трамп. Тој на митинг, во близината на Белата куќа, ги повика своите приврзаници, веќе дојдени од сите страни на САД во американскиот главен град, да се спротивстават на „грабежот“ на неговата „изборна победа“ и да го „освојат Конгресот“ – за да не се случи победата на Бајден да биде потврдена.

Втор импичмент

Претставничкиот дом на Конгресот, затоа, изгласа покренување постапка за импичмент за претседателот на заминување. Трамп е првиот во историјата што на два пати бил изведен на судење (во Сенатот) за да биде отповикан и првиот во американската политичка историја кому му се судело откако веќе не беше во Белата куќа.

На гласањето, за осуда на Трамп гласаа 57 од вкупно 100 сенатори. За осудување на доскорешниот шеф на државата, гласаа и седуммина републиканци, но за тоа беше потребно двотретинско мнозинство, што не се обезбеди.

Недостасуваа уште десет гласови на републиканските сенатори.

Ново судење?

Правни и политички експерти наведуваат дека демократите во Конгресот имаат уште една можност да го казнат Трамп за поттикнување на побуната на Капитол – со помош на амандманот 14 од Уставот на САД.

Во случај на покренување таква постапка, поранешниот претседател би бил осуден да не може никогаш повеќе да обавува јавна функција, што ќе рече – одново да се кандидира и да биде избран за претседател.

За изгласување една таква пресуда на демократите во Сенатот им е потребно просто мнозинство, што сега тие го имаат. Но, засега нема навестување за покренување на оваа постапка и прашање е дали тоа воопшто ќе се направи.

Претседателот Бајден, уште пред инаугурацијата изјави дека не би сакал мандатот да му минува занимавајќи се со Трамп и се она што го има направено во текот на неговиот четиригодишен мандат.

(В.А.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Свет

Горе