Софија ја обвинува Астра/Зенека
Владата во Софија ја обвини фармацевтската фирма Астра/Зенека за неисполнување на договорот околу испораката на договореното количество вакцини, како и за – како што е речено – „уништување на надежта“ на луѓето во борбата со пандемијата.
Повод за ваквата реакција е значителното задоцнување на испораката на вакцините од оваа британско – шведска фирма која ги има погазено сите рокови и претходно дадени ветувања.
Неодговорно однесување
Во остро интонираното писмо на бугарскиот министер за здравство, владата во Софија бара од Астра/Зенека до први март да ја исполни својата обврска и кусокот од 53 илјади дози со вакцина.
Министерот ја обвинува компанијата дека со своето неодговорно однесување не само што ја нема извршено својата обврска, туку го има блокирано и целиот процес за масовно вакцинирање, како што бил замислен во оваа балканска држава.
Помасовното вакцинирање, Бугарија го започна дури минатата недела, настојувајќи да ја поправи и лошата слика што за неа ја имаат во ЕУ, како земја – членка која е најлоша во овој процес. До минатата недела, таа беше убедливо последна во Унијата, со вакцинирани о,3 лица на 100 потенцијални примачи на вакцина.
Неисполнети рокови
Според претходно направената шема на ЕУ, Бугарија има нарачано 4,5 милиони дози од оваа компанија, што требаше да ги добие во текот на седум месци – до крајот на јули.
Првата пратка требаше да има 450 илјади дози и тие да се пристигнати до крајот на февруари, но како стојат работите, тоа ни приближно нема да се исполни. Дури и намалена, испораката нема да биде поголема од 117 илјади и тоа не во овој месец, туку во март.
Ваквото неделовно однесување на една угледна компанија, не се однесува само за Бугарија, туку и кон целата ЕУ. Таа излезе измамена, а излезе дека ги има измамено земјите – членки како и државите од Западен Балкан кои Брисел ги има приклучено кон европскиот пакет со вакцини.
Ново одлагање – за во март
Астра/Зенека деновиве одново соопшти дека во првите три месеци од оваа година ќе може на ЕУ да и испорача едвај 60 отсто од договореното количество, а дека нема да може да го достигне количеството што е предвидено и за вториот квартал.
Компанијата продолжува да се брани дека тоа е последица на „проблеми во производниот процес“, Во европската јавност не се верува во ова објаснување. Таму се смета дека вистината е дека британските погони беа ставени во функција и за потребите на владата во Лондон и нејзиниот план – сега продолжен до јули – да се вакцинираат сите возрасни Британци.
Британија преку својот „национализам“ во вакцинацијата настојува да ги испрати своите граѓани како „имунизирани и безбедни“ на одмор и летување ова лето, а владата да ги собере политичките поени пред мајските локални избори.
„Национализам“ вакцинација
Таквиот исполитизиран план за експресно правење вакцини само за Британија во која е вклучена фабриката, ги стави во втор план и на листа за чекање сите другите. Прво, ЕУ од каде Британија се повлече на 1 јануари, па сега се обидува на домашен терен да покаже дека „надвор од Унијата е подобро“, а потоа и сите другите кои се имаат спогодено за вакцините со оваа компанија.
Што се однесува до Бугарија и тамошните маки со вакцините на Астра/Зенека, земјата има и свои внатрешни проблеми. Станува збор за недовербата во вакцините и во вакцинирањето која постои во тамошната јавност .
Последното испитување на јавното мислење открива дека дури 52 отсто од луѓето не сакаат да се вакцинираат и тврдат дека нема да примат било која вакцина.