Поврзете се со нас

Skopje Global

Унгарија „навлегува“ во Војводина

Европа/ЕУ

Унгарија „навлегува“ во Војводина

Ale_Mi/Depositphotos.com

Унгарија „навлегува“ во Војводина

Во изминатите десет години, откако унгарската крајно-десничарска партија Фидес и нејзиниот лидер и премиер Виктор Орбан е на власт, Унгарија засилено „навлегува“ на територијата на Војводина, автономна покраина во Република Србија – открива истражувањето што го има направено српскиот Центар за истражувачко новинарство.

Ваквото однесување се смета за обид на Орбан и на неговата идеологија да го шират своето влијание и надвор од унгарските граници, во поблиското и подалечното соседство и опкружување. Низ обнова на црквите и верски објекти (за Унгарците во Војводина), преку донирање пари во спортот и над се, преку „пумпање“ големи пари во медиумите, според теркот што орбановите националисти го прават и во други држави.

Пари за купување гласови

Свештениците во црквите отворено им проповедаат на локалните војводински верници, на секои избори да гласаат за партијата Фидес, додека кај медиумите, унгарските власти купувајќи им недвижен имот и опремувајќи ги, им ја купуваат и содржината и политичко – идеолошката определба. Тоа значи, содржината да биде во функција на унгарската владејачка партија, затоа што нејзини „бизнисмени“ се јавуваат како сопственици на медиумите.

Истрагата на српскиот Центар за истражувачко новинарство, покажува дека во периодот меѓу 2011 и крајот на 2019 година, унгарските даночни обврзници имаат платено 12 милиони евра за работа и дејствување на медиумите во овој дел на Србија, што во Будимпешта го сметаат за нивна „историска територија“.

Во градот Суботица, на унгарско-српската граница, се наоѓаат најголемите и најзначајните медиумски куќи на српските Унгарци – пред се, тоа е РТВ Панонија, радио-станицата Панон, па суботичкото радио (на унгарски јазик), како и низа портали кои го унгаризираат просторот, служејќи и исклучиво на орбановата националистичка кауза.

Суботица како Приштина

За нив унгарската влада, преку фондацијата на Богдан Габор, има одделено над девет милиони евра, од кои половината во 2019 година. За радиото Панон, во текот на 2020 година, биле издвоени уште дополнителни 3,5 милиони евра.

Аналитичарите на српскиот истражувачки центар посочуваат дека ваквата политика на Будимпешта се спроведува – главно низ помагање на католичката црква и на спортот. Па се посочува дека 17 илјади евра што биле дадени на една црква, во мало војводинско село (со унгарско население) се префрлиле на локалниот фудбалски клуб за обнова и уредување на тамошниот мал стадион.

Независни аналитичари оценуваат дека Војводина понекогаш наликува на Косово од југословенските години, а Суботица на Приштина од тоа време и на нетрпеливоста на српската етичка заедница во тој дел од покраината и од државата, со унгарското малцинство.

Унгаризација на просторот

Сите војводински Унгарци, како и оние во Романија, Словачка, Хрватска или Украина, имаат унгарски пасоши, што ги прави автоматски да се државјани на ЕУ. Унгарија, инаку и самата прима и натаму добри пари од европските фондови за развој, како земја членка, дојдена од поранешниот советски, комунистички блок во некогаш поделена Европа.

Орбан со години на ред, како се засилува неговата домашна позиција, се повеќе војува против истата ЕУ која (преку доделените фондови) – практично – ги храни неговите националистички определени гласачи.

Будимпешта, пак, дели пари за унгаризација и за ширење на влијанието во територијалниот простор на некогашната Австро-Унгарска империја (во унгарскиот дел) цртајќи и дистрибуирајќи карти на некаква „голема Унгарија“ во која е влезена цела Војводина, покрај Славонија и половина Хрватска, се до Риека и Јадранот, како и делови од Словачка, Романија и Украина. Но, што се однесува до официјален Белград – од таму нема никаква реакција.

Молк во Белград

Тоа е спротивно на српската надворешна политика, која во друга прилика и за многу помали работи е спремна да се расправа, бранејќи ги своите национални интереси. Во случајот со орбановите територијални претензии и цртањето „старо-нови“ карти – Белград молчи.

Тоа се објаснува со блискоста на српскиот државен врв со Орбан – од чисто политикански причини. Фидес и Орбан дејствуваат низ Војводина, но кога ќе дојде ред да се гласа на избори во Србија, тамошните Унгарци „гласат“ за партијата на српскиот претседател.

Конечно, она што се случува во српска Војводина е веќе видено и во Словенија на Јанез Јанша кој е идеолошки и партиски врзан за Орбан и неговиот Фидес. Таму исто така се „истураат“ пари од разни унгарски „фондови“ – практично – бизнисмени лојални на унгарскиот премиер за купување на содржината на низа словенечки медиуми кои потоа војуваат со другите кои ја бранат либерална и демократска Европа/ЕУ, наспроти нападот на ултра – десницата.

Словенија и Македонија

Јанша е и единствениот премиер во ЕУ кој ги тужи сопствените медиуми, кои не му се наклонети, пред Советот за Европа, обвинувајќи ги дека се „остатоци од комунизмот“. Тој дури се обиде да ги укине буџетските средства за државната новинска агенција (наводно дејствувала против неговата влада), но се повлече, откако Брисел се закани со покренување постапка за гушење на медиумските слободи.

Преку Словенија, меѓутоа, краците на орбановата идеологија се протегаат се до Македонија, низ директното финансирање на сите вмровски медиуми кои дејствуваат на дестабилизација на државата, на поткопувањето на легално избраната влада.

Само затоа што е проевропска и прозападна и не сака да стане дел од руската зона на Балканот, во која избеганиот вмровски политичар се обиде да ја стави државата.

Вмровската дружина во Скопје и сегашното раководство се поставени од бегалецот, осуден за криминал, кој инаку се крие во Будимпешта. Тој продолжува, преку сегашното раководство да ја води оваа партија онака како што сака – создавајќи хаос, блокирајќи ги демократските институции на земјата. Целта е – да се блокира патот на Македонија за Европа и европеизацијата на државата. И, да се врати соборениот режим.

(Д.Б.)

 

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Европа/ЕУ

Горе