Поврзете се со нас

Skopje Global

„Нетанијаху не смее да дели вакцини по избор“

Свет

„Нетанијаху не смее да дели вакцини по избор“

Wlad_Mus/Depositphotos.com

„Нетанијаху не смее да дели вакцини по избор“

Израелскиот државен обвинител го предупреди премиерот Бенјамин Нетанијаху – самиот и од своја рака – да не дели низ светот вакцини против коронавирусот. Главно на земји во Африка, во Латинска Америка и во Европа, што тој ги има означено како „важни сојузници на Израел“.

Според локалните медиуми, обвинителот бара од премиерот за евентуално ваквите одлуки да стои целата влада, како и најважните министерства кои (очигледно) не биле консултирани околу тоа – кому и зошто треба да им се делат вакцини – според заслугите.

Вакцина-политика

Минатонеделната одлука на Нетанијаху – да дели вакцини кои ги има во изобилство – предизвика бурна реакција во израелската јавност, па планираната операција на премиерот беше запрена уште пред и да започне. Обвинителството и прави експерти го покренаа прашањето за законската основа за една ваква одлука.

Засега се сета дека неколку илјади дози со вакцини се испорачани на Хондурас, а некои израелски медиуми ја споменуваат и Чешка, иако таа информација не е потврдена.

Самот Нетанијаху не открива кои држави би требало да примаат вакцини, како подарок за нивното сојузништво со Израел, а посебно кои се неговите критериуми за таквата дарежливост.

Но, некои израелски весници објавија дека како критериум премиерот определил тоа да бидат земјите кои го признаваат Ерусалим како главен град на Израел.

Создавање екстра залихи

Колку што е познато, освен администрацијата на доскорешниот американски претседател Доналд Трамп, како и Гватемала и уште некои земји од Средна Америка, никој (јавно) нема објавено дека ќе го следи нивниот пример. Меѓународната заедница, ОН и ЕУ, сметаат дека одлуката за тоа кој ќе биде израелски главен град треба да се донесе после постигнувањето сеопфатен мировен договор меѓу Израелците и Палестинците.

Израелскиот премиер покрена силна кампања за брза вакцинација на населението во земјата, па според официјалните податоци, безмалку половината од околу девет милиони Израелци веќе се вакцинирани со првата доза од вакцината против коронавирусот.

Израел се означува како земјата со една од најуспешните кампањи за вакцинација во светот, што таму е започната уште на 19 декември.

Со фармацевтските компании „Фајзер“ и „Модерна“, Нетанијаху се има договорено – без разлика на цената – да создаде големи резерви дози, не само за потребите на Израел, туку и за можноста да ги дава (или препродава) низ светот.

Додека Европа, ЕУ, како и светот се уште се во почетна фаза на процесот за вакцинација, Израел ги вакцинира и тинејџерите од 15 – 16 години, за кои здравствени експерти велат дека е сосема непотребно.

Предизборна кампања

Израелски аналитичари и тамошната опозиција ваквата кампања на Нетанијаху ја поврзуваат со претстојните, четврти по ред привремени избори за две години, на 23 март, затоа што токму вакцинацијата е главната тема во неговите настапи пред гласачите. На тоа, сега ја додава и „националната кауза“, односно грижата за израелските безбедносно – стратешки интереси, во што влегува градењето нови населби на Западниот брег и меѓународното признавање на светот град Ерусалим за главен град на државата Израел.

Излезе дека набрзина купени вакцини и набрзина спроведената вакцинација е главнината на неговата кампања – за да си обезбеди и шести мандат како премиер.

Во исто време, додека Нетанијаху најавува дека ќе дели вакцини ( за пријатели и сојузници), Палестинците кои живеат со Израелците, или до нив, зависи кој како гледа на состојбите, немаат пристап до вакцини.

Дури минатата недела под притисок на меѓународната јавност и на делови од домашната, Нетанијаху одлучи да почне вакцинација за оние Палестинци кои имаат работни дозволи за работа и влез на територијата на Израел. Освен тоа, доделени се две илјади вакцини, само за лекарите на палестинската територија.

Национализам и гео-стратегија

Примерот на Израел и на неговиот премиер го потврдува сознанието од првите два месеци оваа година, за „национализмот“ со вакцините што во Европа, најмногу се манифестира низ однесувањето на Британија.

Но, и за користењето на дозите со вакцината во политиката и за политички потреби, како и за нивната употреба во геостратешкото одмерување и определување – за тоа кој со кого е и кој со кого не може да биде.

Иако секоја земја купува вакцини за пари – продавачите – а тоа се големите и моќни политички играчи на меѓународната сцена – при изборот на тоа кому ќе продадат, или кој ќе има предност – се определуваат според тоа кого сметаат за „свој„на големата меѓународна политичка сцена.

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанијаху тоа го означува како – земји пријатели и сојузници, поддржувачи на израелската надворешна политика.

(С.Г.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Свет

Горе