Историска средба на папа и ајатолах во Ирак
Поглаварот на католичката црква, папата Франциско (84) се сретна во светиот град Наџаф, со поглаварот на шиитите во Ирак, големиот ајатолах Ал Систини (90).
Станува збор за вистински историска средба, иако таа е означена како приватна, затоа што за прв пат во долгата историја на религиите, е одржана средба на еден папа и на шиитски ајатолах. Историчноста е уште поголема затоа што Систини, практично, никого не прима во посета. Единствен (странец) кој досега бил кај него е иранскиот претседател Хасан Рохани.
Разговори со Систини
Извори од Ватикан велат дека од разговорот што траел и подолго од првично планираното, била испратена заедничка порака за мирен соживот, со која биле повикана далеку побројната муслиманска заедница во Ирак, да ја прифати христијанската која сега е далеку помала од порано.
Во текот на разговорот папата и се заблагодарил на шиитската заедница која во еден момент се има спротивставено на прогонот на локалните христијани, во североисточниот дел од земјата, која се спротивставила бранејќи ја светоста на човечкиот живот.
Ајатолахот Систини е исклучително почитуван во Ирак, земја со мнозинско шиитско население. Тие беа онеправдани и третирани како второкатегорни граѓани во време на режимот на соборениот диктатор Садам Хусеин (припадник на локалната малцинска сунитска заедница) .
Се верува дека ајатолахот Систини би можел да помогне да се запре прогонувањето на христијаните (барем кога станува збор за милитантните, радикални шиитски милиции).
Престој во светиот град
Од шиитска страна е речено дека средбата на Систини со Франциско била „мошне позитивна“. Од тие извори, медиумите имаат дознаено дека ајатолахот направил е посебен гест кон својот гостин – станал за да го пречека и да го поздрави, иако е познато дека тој тоа не го прави и дека обично седи, додека прима некого во посета – како верски поглавар.
Систини постојано живее во градот Наџаф што е свето место за шиитските верници, затоа што таму е погребан Али, роднина и зет на пророкот Мухамед, кој е познат и како четвртиот по ред калиф на сунитите и првиот имам кај шиитите. Наџаф важи се третото шиитско свето место, после Мека и Медина.
Соговорник на ајатолахот, пак, беше папата од Рим, градот каде се убиени и погребани апостолите Петар и Павле, па затоа се смета како вториот по ранг свет град во христијанскиот свет, после Ерусалим.
И државничка посета
Историчноста и вкупната големина на посетата е присутна уште од самиот почеток – од нејзината најава, како и од пристигнувањето на Франциско во Багдад.
Тој за прв пат престојува во една земја која е во услови на војна. Допатува по неполни дваесетина денови по еден масивен терористички напад во ирачкиот главен град, во крајно несигурни безбедносни услови и во време кога се интензивира пандемијата со коронавирусот во земјата.
Но, како за Ирак, така и за регионот, посетата на папата ги надминува религиозните рамки и добива и световно, политичко значење.
Во Багдад тој и беше пречекан како државник, со сите државнички почести, па низ целосно испразнетиот Багдад помина во блиндирано возило, според протокол што има се дава само на највисоки политички гости и на монарси. А, низ улиците на кои имаше само строго одбрани луѓе за да го поздрават, Франциско го пречекаа транспаренти на кои пишуваше – „Сите ние сме браќа“.
„Шанса за мирот“
Од своја страна, тој им порача на сите Ирачани да го отфрлат насилството и да му дадат шанса на мирот. Во исто време ги повика ирачките христијани да останат во Ирак, за да помогнат во обновата на земјата, по долгите години војување и прогонството на кое беа изложени.
За Франциско, ирачкиот народ е „единствено семејство на муслимани, евреи и христијани“.
Во своето обраќање по доаѓањето во Багдад, папата има речено дека „Ирак страда од последиците на војните, тероризмот и секташките судирања, што најчесто се последица на втемелениот фундаментализам кој не прифаќа мирна коегзистенција на различните етнички и религиозни заедници“.
Бегство на христијаните
Папата во градот Ербил на североистокот од земја ќе одржи миса за верниците, а ќе го посети и Мосул.
Овој град беше уточиште на т.н. Исламска држава (ИД) која ќе уредуваше нов калифат на Блискиот исток, според сунитските, вахабитски верски правила. Неколку цркви во Мосул, како и цели делови од овој, некогаш втор по големина град во Ирак, се уште стојат тешко оштетени.
Пред 20 години, кога е правен последниот попис на населението, во Ирак имало 1,5 милиони христијани. Сега се смета дека нема повеќе од 250 илјади.
Тие имаат бегано во бранови од земјата – прво по воените судирања по соборувањето на Садам Хусеин, а потоа во 2014 година, откако џихадистите на ИД го запоседнаа североисточниот дел од Ирак, прогонувајќи ги Кудрите, христијаните и сите другите кои ги сметаа за „неверници“.
(Б.И.)