Поврзете се со нас

Skopje Global

Европа/ЕУ

Поддршка во ЕУ против извоз на вакцини

Ale_Mi/Depositphotos.com

Поддршка во ЕУ против извоз на вакцини

Водечките земји-членки на ЕУ ја подржаа Европската комисија во нејзиниот план да се запре извозот на вакцини во државите кои имаат висока стапка на вакцинираност на населението. Со оваа одлука е опфатена и Велика Британија.

Со поддршка веднаш се огласија Франција, Германија и Италија, како и Данска, додека Холандија, Белгија и Ирска се определија за „попретпазлив став“, во очекување на вонредниот Самит на Унијата, што го покренаа шест земји – членки за распределбата на вакцините, што треба да се одржи на крајот од следната недела.

Средување на состојбите

Факт е, меѓутоа, дека мнозинството од Европејците бара средување на работите околу дистрибуцијата, па во тие рамки Брисел нуди и блокада на извозот, таму каде вакцините во овој момент би биле прекубројни или не се толку многу потребни како во најголемиот број земји од Унијата.

Претседателот на Европската комисија Урсула фон дер Лајен се закани дека ЕУ ќе го запре извозот на оскудните дози со вакцини за сопствените државјани, уште повеќе што тие се соочуваат со третиот бран на пандемијата со коронавирусот.

Европски дипломати во Брисел имаат изјавено дека сето ова е последица на големата фрустрација што ја создаде фармацевтската компанија Астра/Зенека, како и со притисокот на јавноста во земјите членки да се преземе нешто. Особено по иритирачката пропаганда на „успешните земји“ во процесот на вакцинацијата, како што се Британија, или Израел, што ја предводат политичките лидери на овие две држави, главно, за свои дневно – политички потреби.

Неисполнети обврски

Од друга страна, останува главнината на проблемот – а, тоа е однесувањето на Астра/Зенека која на ЕУ и има испорачано многу помалку количества вакцини од она што е договорено на крајот од есента 2020 година.

Оваа британско – шведска компанија објави дека до крајот на јуни ќе може да испорача 100 милиони дози, а со договорот требаше да испрати 300 милиони. Според решение на Брисел од крајот на минатата година, од контингентите на ЕУ, требаше (и тоа се уште останува да важи) да се испорачаат вакцини и за земјите од Западен Балкан кои се процесот на придружување кон Унијата.

Наместо тоа, стана јасно дека двете фабрики на Астра/Зенека во изминатите месеци, откако започна вакцинирањето, работеле само за британските потреби.

Британија, затоа, сега се фали со над 22 милиони вакцинирани со една доза, додека ЕУ како целина ја има забавено својата кампања. Во истото ова време, од фармацевтските фабрики на своја територија, ЕУ има извезено 10 милиони вакцини – и тоа, главно, во периодот од 1 февруари.

Супер ревизија на ЕМА

Британија и САД немаат никаков извоз од домашното производство. Ниту за земјите од ЕУ, иако токму од фабриките на Астра/Зенека на британска територија, треба да доаѓа извозот за Унијата. Фабриката објаснува дека не може да извезува повеќе за европските земји затоа што со Британија има договор за испорака кој предност му дава на британскиот пазар.

Поддршката за блокада на извозот доаѓа со одлуката на ЕМА (Европската агенција за медицина) да ја потврди валидноста на вакцината на оваа компанија откако дури 20 земји од Европа ја прекинаа вакцинацијата со оваа вакцина, стравувајќи дека таа предизвикува нуспојави опасни по здравјето.

Сето тоа почна со Данска каде една возрасна жена почина од згрутчување на крвта по примената вакцина на Астра/Зенека. Владата во Копенхаген одлучи привремено да го запре користењето на оваа вакцина, а потоа една, по друга данската одлука ја применија повеќето земји од Унијата. Сите побараа од ЕМА да направи супер – ревизија на вакцината, што и се случи.

Безбедна и ефикасна

Експертите на оваа европска агенција кои еднаш ја имаат оценувана вакцината на Астра/Зенека и дадоа виза за нејзината употреба во ЕУ, пресудија дека таа е безбедна и дека може слободно да се употребува .

Во соопштението на ЕМА уште се вели дека не се најдени докази дека згрутчувањето на крвта е поврзано со вакцината.

Во ЕУ, со оваа вакцина досега се вакцинирани седум милиони лица, а во Британија 11 милиони, но само кај 27 вакцинирани се појавиле проблеми. Агенцијата сугерира секоја земја да ја контролира употребата на вакцината и можните реакции, но дека процесот на вакцинација – и со оваа вакцина – треба да продолжи.

Експертите на ЕМА уште имаат изјавено дека оваа вакцина е и ефикасна во заштита од коронавирусот.

ЕУ без своја вакцина

Досега, вакцината на Фајзер/Бионтек ја користат 72 земји, на Астра/Зенека 71, а на Модерна 32 земји. Кинеската Синофарм е присутна во 19, руската Спутник во 18, додека втората кинеска вакцина Синовак е во употреба во 11 земји.

Останува уште дилемата – зашто Европа/ЕУ која ги има најсовремените и најпознати фармацевтски компании нема своја ЕВРОПСКА вакцина, туку мора да зависи од други. Експерти во фармацевтскиот сектор, посебно во неговиот комерцијален дел, објаснуваат дека причината за тоа е во цената на вакцините.

Големите и моќни европски фабрики не сакаат да прават вакцини – барем досега, до пандемијата со коронавирусот – затоа што ова производство носи сосема мал профит, за разлика од производство на разните лекови на кои „се прават големите пари“.

(Б.Б.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Европа/ЕУ

Горе