Поврзете се со нас

Skopje Global

Русија ја предупреди БиХ за НАТО

Западен Балкан

Русија ја предупреди БиХ за НАТО

motortion/Depositphotos.com

Русија ја предупреди БиХ за НАТО

Официјална Москва ја предупреди Босна и Херцеговина во врска со амбициите на оваа поранешна ЈУ република, а веќе 30 години независна држава, околу босанската определба за влез во НАТО.

Во порака од амбасадата на Русија во Сараево се вели дека доколку БиХ продолжи по тој пат и го интензивира процесот за приклучување кон Алијансата, руската страна, во тој случај „ќе мора да реагира“.

Не се открива на кој начин и како би изгледала таа реакција, но во предупредувањето се вели и тоа дека вклучувањето на државата во НАТО за Москва би претставувало „акт на непријателство“.

Пораката до тамошната јавност, но и до босанскиот федерален државен врв е испратена на невообичаен начин – преку објавување на ваквото предупредувачко соопштение на една интернет страница во српската енклава Република Српска која е позната по својата антизападна и проруска ориентација. Оваа страница веќе со недели води силна кампања против влегувањето на државата во НАТО и против Алијансата воопшто, користејќи ја притоа терминологијата која, обично, се употребува во Москва.

Босанските Срби против НАТО

Овој српски сајт во Бања Лука чија политичка определба е идентична со српскиот член во Претседателството на БиХ, Милорад Додик инсистира дека Република Српска никогаш нема да прифати да биде дел од Алијасата, сугерирајќи дека БиХ ќе мора да го копира „српскиот модел“ – а, тоа значи да биде „неврзана“ или воено неутрална земја кога станува збор за воено – политичките организации.

Во Сараево, со осуда на руската закана, реагираа Шефик Џаферовиќ, муслиманскиот член на Претседателството и хрватскиот член Жељко Комшиќ, како и министерството за надворешни работи на БиХ кои потегот на амбасадата на Русија го оценија како мешање во внатрешните работи.

Од Белград нема реакција (барем не јавно), но официјален Загреб порача дека Хрватска, водејќи грижа за Хрватите на босанско – херцеговската територија, како третиот конститутивен народ во државата – и понатаму силно ќе ги подржува амбициите на Сараево за евро-атлантското интегрирање во ЕУ, но и во НАТО.

Осуди на предупредувањето

Впрочем, БиХ е веќе вклучена во некои од структурите на Алијансата, па припадници на нејзините вооружени сили ќе бидат дел од бројните воени вежби на НАТО во овој регион, што се планирани во следните месеци, се до летото.

По овој повод, реагираше и амбасадорот на САД во БиХ кој руската порака ја оквалификува како закана кон државата. „Станува збор за вознемирувачка постапка и за неприфатлива закана“ – се вели во изјавата на шефот на американската дипломатска мисија во Сараево.

Воени и политички аналитичари во Белград, од своја страна, сметаат дека и формулата за „неутралност“ на Србија, која ја нуди како решение за БиХ оваа интернет страница, а која секако е усогласена со политичкиот врв на српската енклава и со Москва, е прилично дискутабилна.

Воена неутралност?

Прво, затоа што Белград ја има Русија за свој стратешки партнер и од таму го добива речиси целото свое вооружување – ракети, авиони, хеликоптери, оклопни транспортери и тенкови, што во изминатите години Србија ги има набавено – на старо и нови – за потребите на својата армија. Освен тоа српската војска има учествувано и на заеднички воени вежби со руската армија и со нејзините сојузници.

Од друга страна, видливо е дека Русија се повеќе навлегува во БиХ, преку Република Српска која сега е претворена во силен руски сојузник. Тоа се виде по последната посета на Сергеј Лавров на Сараево, кога тој, практично беше гостин на српско Сараево, односно на Репблика Српска и на Додик, како претседател на ротирачкото претседателство.

Се почесто се зборува дека сега се настојува оваа српска енклава да биде и дел од пазарот што би се правел околу идниот статус на Косово, без разлика што јавно не се споменува како тоа би требало да изгледа.

Вакцините како орудие

Москва освен тоа, се противи на било каква ревизија на Дејтонскиот договор, што се предлага за да БиХ стане функционална држава, на што остро се противат и Белград и Бања Лука, но за ова имаат сојузник и во Загреб.

Предупредувањето од Москва до БиХ за НАТО доаѓа во време кога Русија отворено ја користи вакцинацијата против коронавирусот и вакцините како орудие за своите геостратешки планови и позиции во нејзиното спротивставување со Западот.

Тоа почна со Украина од пред седум години, а продолжи во Сирија и со обидот за пуч во Црна Гора (2016), за да се појави и при падот на антизападниот и проруски режим во Македонија. Тогаш Москва, по секоја цена, настојуваше да ја задржи старата, националистичко – популистичка и деспотска структура за да Русија се инсталира и во овој дел од Западен Балкан за своите потреби во регионот.

Сега по линијата на тие и такви позиции на Москва од најблиското минато, се користат вакцините и нивната дистрибуција – за тоа кој и кога ќе ги добие и во колкаво количество.

(С.Б.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Западен Балкан

Горе