Поврзете се со нас

Skopje Global

Западен Балкан

„Вакцините се за државјаните на Србија“

BalkansCat/Depositphotos.com

„Вакцините се за државјаните на Србија“

Српското здружение „Обединети против Ковид“ остро ја критикува одлуката на владата на Република Србија да дозволи вакцинирање на странци кои немаат постојано живеалиште во земјата и кои не живеат на нејзината територија.

Во соопштението на ова здружение уште се вели дека владата не само што го дозволува ова, туку уште и повикува странски државјани (граѓани на соседните БиХ, Црна Гора и Македонија) но и од Албанија – да дојдат во Белград (или во Ниш) за да се вакцинираат – прикажувајќи го тоа како „гест на пријателство“.

Вакво нешто не прави никој во Европа и во светот – вели ова здружение.

Приоритет на сопственото население

Го нема направено ниту една земја – членка во ЕУ, а не го прави ниту Британија која има залихи од западните вакцини. Не го прави ни Русија која дели на пријателски и стратешки (за неа) земји, но не ги кани жителите на соседните држави на вакцинација во Москва, или во Санкт Петерсбург.

Не го направи ниту Израел кој има толку залихи што сега вакцинира и деца, а не го прават ни САД. Таму не канат Канаѓани кај себе, туку допрва им ветуваат дека ќе одделат од нивните резерви за Канада и за Мексико.

„Последниве денови, а посебно на 27 март (во саботата), српските власти не само што повикуваат, туку и ги охрабруваат странците (од регионот), во колони да влегуваат во Србија и веднаш по тоа да ги запоседнат пунктовите за вакцини. А, таму, преку ред добиваат вакцини кои се обезбедени САМО ЗА ПОТРЕБИТЕ НА СРПСКИТЕ ДРЖАВЈАНИ“ – се вели во соопштението.

Според ова здружение, не станува збор за ништо друго, туку за нешто што е најважно во време на една ваква пандемија – а тоа е дека приоритет мора да има кампањата за вакцинирање на сопственото население (како што тоа го прават сите држави во светот), а не странските граѓани.

Непочитување на мерките

Ова не треба да се поврзува само од потребата да се чуваат вакцините за сопствените потреби, туку и од епидемиолошко-санитарни причини, затоа што Србија се соочува со ударот на третиот бран на пандемијата од коронавирусот. Како што тоа им се случува и на сите држави од каде доаѓаат луѓе за да примат вакцина.

Згора на се, никој претходно ги нема контролирано и проверено за тоа каква е нивната здравствена состојба. Никој и не знае дали меѓу нив има заразени, или позитивни на вирусот, или асимптоматски случаи за кои се покажа дека се најголемата закана.

А, тие уште веднаш по примањето на вакцината, како да е таа лек – слободно се рашетуваат низ Белград (или Ниш), влегувајќи во кафулиња, или во продавници, во време на (наводно) строги мерки за заштита од пандемијата што ги има верификувана истата влада која повикува странци – на вакцинирање.

Тоа значи дека со доаѓањето на странските државјани во помасовен број, како овој пат, во услови на пандемија, само по себе се кршат мерките на епидемиолозите и целосно се пореметува процесот на вакцинација на домашното население.

Пријателство и добрососедство

Во исто време, се смета дека им се нанесува неправда на домашните лекари и на медицински сестри кои покрај се – во текот на викендот – се обременети со екстра работа, натерани да вакцинираат секој што ќе застане пред нив – велат од ова здружение.

Неговиот приговор за она што се случи изминатиот викенд, а велат дека имало и пред тоа, никако не би требало да се врзува, ниту за пријателството, а ниту за добрососедството.

Во прашање е заштитата на граѓаните на Република Србија.

Сметаат дека тоа не е егоизам, туку само грижа за вкупната заштита на луѓето, бидејќи сите земји – без исклучок – воведуваат разни мерки и забрани за одбрана од вирусот, па затоа ниту една во Европа и во светот, не носи странци за да ги вакцинира.

Здружението „Обединети против Ковид“, во своето соопштение, затоа, инсистира прво на тоа – дали е законски дозволено и предвидено, да се вакцинира некој кој не е жител на државата.

Донација наместо „вакцина туризам“

За ова здружение кои во тамошната јавност секогаш добива гласност со своите ставови и гледања врзани за пандемијата, е крајно дискутабилно епидемиолозите да дозволат – во услови на тешка епидемија, толку дојденци да се рашетуваат по здравствените пунктови, каде се вакцинира и при тоа, сите се собрани во огромни толпи да чекаат во неорганизиран ред.

Тие од Србија и не се разделени од дојдените од странство. Не се знае каква е нивната вистинска здравствена состојба и при тоа, како никој да не размислува – што доколку кај некого се појават компликации.

Конечно, ако Србија навистина има толку многу вакцини и знае дека нема преголем интерес за вакцинацијата – зашто странците морало да доаѓаат во Белград или Ниш, за нешто што се има претворено во „вакцина туризам“, кога владата едноставно можеше да одлучи – на пријателските земји, во знак на добрососедство, да им ги донира тие вакцини. Луѓето ќе ги примаа во своите држави.

(Д.Б.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Западен Балкан

Горе