Поврзете се со нас

Skopje Global

Европа/ЕУ

Бугарија: Избори за промени без промени

GEORGID/Depositphotos.com

Бугарија: Избори за промени без промени

Во Бугарија се одржуваат редовни парламентарни избори во услови на продолжена владина и политичка криза која трае веќе девет месеци, исполнета со низа скандали и со нестабилност, дополнета и со воведениот нов локдаун, откако владата на Бојко Борисов, избрзано ветуваше олеснување на анти-епидемиолошките мерки, за да веднаш по тоа – погодена со третиот бран од пандемијата – ја стави земјата во карантин.

Во текот на целото лето и почетокот на есента Софија беше сведок на речиси секојдневни протести во кои се бараше оставка од Борисов и предвремени избори. Незадоволството се објаснуваше со „пандемската” корупција, со силниот непотизам и партизираното судство.

Две столчиња и во Софија

Иако демонстрантите на своја страна го имаа дури и претседателот на државата, протестите во ниту еден момент ја немаа масовноста на оние во Белорусија, на пример. Причината се објаснува со тоа што на улицата беа десетина најразлични движења, групи и маргинални партии кои немаа ништо заедничко што ќе ги поврзе за да станат сила, доволно моќна да се собори Борисов кој веќе десет години, е на премиерската функција.

На надворешен план, владата во Софија се судри со своите партнери во ЕУ, кокетирајќи со крајната десница од унгарско/полско/ словенечки тип во своето спротивставување на европската политика кон Западен Балкан, што пред 2,5 години истата влада и истиот премиер, силно ја бранеше.

Потоа ги расипа односите со САД, иако за да ја смири работата се определи за купување на осум американски авиони од типот Ф-16, поради своето седење на „две столчња“ околу енергетската политика.

Ги залади односите со НАТО, практично, ослабувајќи го југоисточното крило (со нејзиниот бесмислен „историски“ спор со новата членка на Алијансата (Македонија), па покрена и „лов на руските шпиони„ во текот на изминатите месеци, после неколку годишното „размислување“ да ги расчисти работите во својот двор.

Националистичка еуфорија

Конечно, кога никој во Брисел не очекуваше, Бугарија ја блокираше Македонија, непосредно пред да почне преговарачкиот процес за влез во ЕУ. Го направи тоа наспроти настојувањето на Ангела Меркел и на германската дипломатија, преку Скопје, да почне да го внесува Западен Балкан во Европа и да го блокира руско – кинеското инфилтрирање во регионот.

Дури во еден момент на разулавена националистичка еуфорија, налик на времето на живковистичкиот комунизам, изгледаше дека бугарската влада е спремна да се судри и со Србија, околу тоа кој повеќе треба да ја смета македонската територија како свое парче земја и да господари со душата и со определеноста на етничките Македонци.

Кога се знае дека досега, во коалиционата влада на Борисов, седеше националистичкото, софиско ВМРО, а до 2019 година и ултрадесничарската, националистичка, но и русофилска партија Атака, излезе дека целата таа реставрација на националистичките претензии кон Македонија, има друга заднина. Не е работата за тоа чиј е Гоце Делчев и дали е тој „бугарин“ затоа што службувал еден период како бугарски учител.

Работата доби пошироко внатре политичко, но и надворешно – политичко значење, врзано околу тоа – кој ќе ја земе на своја страна душата на бугарските русофили – за гласањето на 4 април и потребата да му се отслужи на некој друг, однадвор, кој е против НАТО и не ја сака ЕУ.

Корупција и непотизам

Меѓутоа, и покрај сите овие произведени ситуации, Бугарија има цела низа вистински проблеми.

Земјата и натаму останува најмалку развиена меѓу сите 27 членки во ЕУ. Иако е во Унијата е од 1 јануари 2007 година, сега е и зад Хрватска која е влезена седум години подоцна.

Со Унгарија и со Романија важи за земја со најраширена корупција во Унијата.

А, од 2020 година Бугарија се посочува и како земја од дното во врска со слободата на медиумите. Репортери без граници ја имаат рангирано оваа балканска членка на ЕУ како 111-та, меѓу другото и затоа што неколкумина богати луѓе, блиски до власта во Софија, како и со тамошните водечки политичари, ги поседуваат повеќето бугарски медиуми. Ситуација сосема идентична со онаа во Унгарија на Виктор Орбан.

Иако има највисоко ниво на корупција во јавниот сектор, во рамките на ЕУ, судството сепак, ниту ја открива, а ниту ја гони корупцијата во политиката. Затоа, само 20 отсто од бугарските граѓани верува во домашното судство, додека 53 отсто нема никаква доверба.

ГЕРБ прв на анкетите

Во една ваква состојба, пред овие избори на кои Бојко Борисов се бори за својот четврти, едно по друго премиерски мандат, јавноста зборува дека ова е време кога на Бугарија, конечно, и е потребна промена.

Но, анкетите направени пред гласањето покажуваат дека партијата на Борисов – ГЕРБ (Граѓаните за европски развој на Бугарија) и овој пат има уверлива предност пред другите. За гербовци и за Борисов би гласале 28 отсто од гласачите. На второ место и натаму е БСП (Бугарската социјалистичка партија) со 20 отсто, а како трети се очекува да се пласираат ИТН партијата на шоуменот Слави Трифонов и т.н. турска партија (МРФ) и двете со по 13 отсто од гласовите.

Во Парламентот се очекува да влезат и партијата Демократска Бугарија (6,3 отсто), како и новосоздадена партија „Застани – мафијата е надвор“ која би можела да добие шест отсто.

Аналитичарите ова го објаснуваат со народната логика – подобро врапчето во рака, отколку голубот на гранка – сметајќи дека опозициските социјалисти и другите, освен што критикуваат и се пресметуваат со власта – немаат понудени вистински решенија за кризата.

Освен тоа, социјалистите беа на власт, а тогаш – и корупцијата и непотизмот и криминалот – (велат) беа можеби уште поголеми.

(С.Б.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Европа/ЕУ

Горе