Поврзете се со нас

Skopje Global

Екстра Глобал

Парада на мумиите во Каиро

ditadumitru/Depositphotos.com

Парада на мумиите во Каиро

Во Каиро и во Египет е одржана блескава и спектакуларна парада на 22 скапоцени мумии, по повод нивната преселба од стариот Египетски музеј, на плоштадот Тахрир, во центарот на египетскиот главен град, во новоизграденото здание на Националниот музеј на Египетската цивилизација што е оддалечен околу девет километри од музејот во кои досега беа сместени повеќе од 100 години.

Во текот на спектаклот, за кои се потрошени многу милиони долари, се пренесени мумифицираните тела на 18 староегипетски фараони и на четири кралици кои владееле со земјата пред илјади години. Пренесувањето е извршено со т.н. Златна парада, во услови на исклучително строги безбедносни мерки, поради статусот на мумиите како скапоцено културно богатство.

Помпезно и раскошно

А, целото тоа нивно пренесување што единствено можеше да се гледа во директен телевизиски пренос, беше изведено навистина помпезно и со голем раскош.

Во специјално изработени возила, налик на бродовите користени за фараоните во Стар Египет, мумиите беа носени според хронолошкиот ред на нивното владеење – од фараоните од 17 египетска династија Секененреа Та Втори, до Рамзес Девети кој владеел во 12 век пред нашата ера.

Една од главните атракции на парадата беше Рамзес Втори, најпознатиот фараон од т.н. Ново кралство. Тој владеел со Египет дури 67 години и за него египтолозите велат дека е познат по тоа што е првиот државник кој има потпишано еден мировен договор.

Посебно внимание има привлечено и кралицата Хатсепшут, која владеела со Египет и покрај тоа што (до нејзиното устоличување) постоело верување дека жените не може да бидат фараони.

Преселба во новиот музеј

Освен што сите мумии се пренесувани во украсените возила – бродови, тие биле ставени во посебни стаклени кутии наполнети со азот за заштита од надворешните услови, без што, мумиите веројатно би биле оштетени.

Згора на се, улиците по кои се движела парадата, сите до една, неодамна се обновени со нов асфалт – само за да патувањето од стариот во новиот музеј помине без никакво тресење.

Сите 22 мумии се откриени пред крајот на 19 век, во 1881 и во 1898 година – на две локации во староегипетскиот град Карнак, што старите Грци го викале Теба, а денес е градот Луксор, на бреговите од Нил.

До сега, во познатиот Египетски музеј тие беа главната атракција за странските туристи кои таму доаѓаат повеќе од еден век – за да ги посетат. Во новиот објект ќе бидат во т.н. Кралски хол на мумиите, што ќе биде така осмислен и уреден за да посетителите имаат целосна претстава како да се во Долината на кралевите, наспроти денешен Луксор.

Страв од старите проклетства

Целиот спектакл беше проследен и со спектакуларен телевизиски пренос, со директно вклучување во преносот на парадата, од локации од теренот – меѓу кои и од храмот на Хатсепшут, осветлен во пустината со ласерски светла, а сето тоа со настапи на танчери, соло и хорско пеење на египетските оперски уметници и на неколку големи симфониски оркестри.

Преносот за светот одеше директно и на интернет, а египетските власти се надеваат дека со помош на новиот музеј, што ќе се отвори овој месец, ќе се заживее (инаку) силната египетска туристичка индустрија – тешко погодена изминатите години од политичките превирања, терористичките напади, како и од корона пандемијата. Туризмот е главниот извор на девизни приходи за Египет.

Сите, меѓутоа, не го одобруваа спектаклот и златната парада на мумиите – стравуваа дека минувањето на поворката низ Каиро би можело да ги оживее старите проклетства.

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Екстра Глобал

Горе