Поврзете се со нас

Skopje Global

Европа/ЕУ

Израелско сценарио за Бугарија?

dechevm/Depositphotos.com

Израелско сценарио за Бугарија?

Бугарските гласачи во неделата, на редовните парламентарни избори, не изгласаа никакви промени, како што тоа го најавуваа опозициските партии.

Излезе онака како што никој од бугарските граѓани не посакува – постизборна ситуација која само уште повеќе ја има закомпликувано и продлабочено политичката криза во оваа балканска членка на ЕУ.

Тоа значи дека формирањето влада, па уште и кабинет со стабилно парламентарно мнозинство го прави вистинска сизифовска работа, затоа што никој со никого (барем сега така изгледа) не сака да коалицира. Па, затоа, во манирот на балканскиот политички инает – Бугарија веќе сега е на патот на т.н. израелско сценарио. Тоа значи привремен владин кабинет, до декември, кога треба да има и претседателски избори, а тогаш ново гласање – за нов Парламент.

Дебакл на БСП – успех на Слави

Како што најавуваа сите анкети – најмногу гласови и на овие избори – по четврти пат – освоија Бојко Борисов и неговата ГЕРБ (Граѓаните за европски развој на Бугарија). Се предвидуваше да добијат околу 28 отсто, а тие најверојатно ќе останат на 25 отсто од гласовите, што е помалку отколку на претходните избори кога имаа 33,5 отсто, но и со вака намалена поддршка, остануваат прва партија во Бугарија .

Предизборните анкети најавуваа дека како втора ќе се најде БСП (бугарските социјалисти), но тие доживеаја тежок пораз и се најголемите губитници на изборите. Наместо 20 отсто колку им се предвидуваше тие освоија меѓу 15 и 16 отсто од гласовите, па сега се треторангирана партија, што е нивниот досега најлош резултат.

Пред социјалистите се најде една нова партија – Има таков народ – на еден комплетен новак во политиката – популист и националист, телевизиски шоумен и пејач на патриотски песни Светислав – Слави – Трифонов за кои се определија 17 отсто од бугарските гласачи.

Факт е дека во ситуацијата во која се наоѓа денешна Бугарија, со слаб одзив на гласачите – на изборите не излегоа ниту половината од регистрираните – токму Слави е изненадувањето. Тој е вистинскиот победник, но и проблемот со кој ќе се соочуваат ГЕРБ, Борисов и сите оние кои сакаат побрзо стабилизирање на државата.

Невозможна мисија?

Зад овие три партии се најдоа партијата на бугарските Турци ( партија на етничките заедници), за која се веруваше дека ќе води „мртва трка“ со партијата на Трифонов, како и уште неколку други помали партии со добиени шест – седум отсто од гласовите. На крајот, се очекува изборниот праг да го поминат шест партии кои би биле застапени во Парламентот од 240 пратеници.

Кога ќе бидат официјализирани резултатите, претседателот Румен Радев ќе треба мандатот за состав на влада да му го даде на лидерот чија партија освои најмногу гласови, на Борисов, неговиот лут политички противник и од минатото лето и „смртен непријател“, па потоа на Трифонов, доколку лидерот на ГЕРБ не успее, па на крајот и на БСП и на Корнелија Нинива актуелен лидер на социјалистите. После тоа следуваат нови избори.

Но, за разлика од ситуацијата во една Холандија, или дури и во Италија, каде партиите се спогодија да се направи една хибридна коалиција со пензионираниот Марио Драги како премиер, за да нема предвремени избори, на Бугарија (како што впрочем тоа би се случило и во Македонија, во Србија, или во Албанија) и претстои една вистински невозможна мисија да направи влада.

Секој против секого

Едноставно, пред уште да заврши броењето на гласовите, но кога се виде каков ќе биде изборниот резултат – првите три партии се судрија една против друга, потврдувајќи дека во Бугарија тешко може да има промени.

Слави Трифонов кој тврди дека има корона и самиот се има ставено во самоизолација – во снимена порака изјави дека нема да прави коалиција ниту со гербовци, а ниту со социјалистите.

Нинова, пак, чија партија веќе е во постизборно растурање, откако целото раководство поднесе оставка, има изјавено дека и таа ќе замине, кога ќе се избере нов лидер. Меѓутоа, во ова меѓувреме таа категорично порача дека „нема теорија ниту идеолошка, ниту било каква друга“ БСП да прави коалиција со десницата и да подржува влада со Бојко Борисов, како премиер.

И, сето ова е реакција на понудата на Борисов – да се тргнат настрана партиските разлики и несогласувањата, во интерес на државата. Тој понуди и една експертска влада (веројатно од италијански тип) за да нема израелско сценарио – за да не мора за еден месец, или за нешто повеќе од тоа, одново да се излезе на избори. Тоа чини пари, а земјата е во локдаун, поради пандемијата.

Ризикот со Фондот на ЕУ

Актуелниот премиер, при тоа во прв план ја истакнува потребата до крајот на оваа година да се разрешувањето на кризата со пандемијата, која е потешка од она како се прикажуваше досега.

Но, исто така и да се одржи финанско-економската стабилност на Бугарија, како и да се обезбеди одговорна и стабилна влада која ќе може да ги повлече оние „бугарски“ 15 милијарди евра, што земјата треба да ги добие од специјалниот фонд за санација на ЕУ. Сега земјата не би можела да ги прими, особено доколку продолжи да се одржува политичка нестабилност.

Освен тоа, иако Бугарија се обвинува за корупција и непотизам, за газење слободата на медиумите, како и за газење на принципот за владеење на правото (како Унгарија, Полска и Словенија), земјата предводена од ГЕРБ и од Борисов, има најнизок буџетски дефицит во ЕУ.

На таа основа Бугарија го има започнато процесот за влез во еврозоната, што Софија го планира до 2024 година, до кога се планира и влез во Шенген зоната. Тоа прашање Брисел постојано го одлага и со Бугарија, но и со Романија – поради загриженоста од силната корупција во државната администрација, вклучувајќи го и секторот за внатрешни работи.

(С.Б.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Европа/ЕУ

Горе