Поврзете се со нас

Skopje Global

Британија тајно испорачувала вакцини за Австралија

Свет

Британија тајно испорачувала вакцини за Австралија

filmfoto/Depositphotos.com

Британија тајно испорачувала вакцини за Австралија

Британија на два пати, тајно има префрлено големо количество вакцини против коронавирусот на компанијата Астра/Зенека во Австралија, произведени во погоните што се наоѓаат на британска територија – пишува австралискиот весник „Сиднеј Морнинг Хералд“.

Според весникот, биле префрлени над 700 илјади дози, а целата таа операција била држена во тајност за да не се предизвика бранување во британската јавност, затоа што префрлањето на вакцините било направено во времето кога Британија беше сериозно погодена со пандемијата – како според бројот на новозаразените, така и според смртноста.

Овој весник од Сиднеј, како и весникот „Ејџ“ тврдат дека станува збор за 717 илјади дози од оваа вакцина, за кои досега се мислеше дека се произведени во погоните на Астра/Зенека на територијата на ЕУ.

Префрлање со патнички авион

Тајноста на испораките, како и сокривањето на вистината од австралиската и британската, но и од европската јавност се објаснува со (тогашниот) судир на ЕУ со Астра/Зенека.

Унијата и компанијата остро се сукобија околу неиспочитување на договорот што фармацевтската компанија го има со Брисел. Европската комисија поради тоа реагираше со воведување забрана извоз на вакцини произведени на територијата на ЕУ, додека не бидат задоволени потребите на земјите – членки на Унијата.

Првата пратка од 300 илјади дози пристигнала на аеродромот во Сиднеј на 28 февруари, еден месец по воведувањето на новите мерки за тоа како ќе се дистрибуираат вакцините на Астра/Зенека произведени во погоните на континентот. Владата во Канбера тогаш има соопштено само дека земјата примила пратка со вакцини – од странство – но во австралиската јавност се мислеше дека тие се произведени во некоја од фабриките на територијата на ЕУ.

Втората пратка, поголема од првата, била уште потајновито префрлена.

Вакцините не биле испорачани со карго – авион како првата, туку со патнички авион на компанијата „Емирати“ во текот на март, веднаш штом владата на Италија ја блокираше испораката (на 250 илјади) дози за Австралија, од фабриката на Астра/Зенека во близината на Рим.

Непотребни обвинувања кон Рим

Образложението на италијанската влада и тогаш, а и сега е сосема на место. Ситуацијата со пандемијата во Австралија, ниту приближно не беше толку лоша како во Италија – и според заразените и според жртвите – кои неделно беа повеќе од вкупниот број на австралиските, броено од почетокот на епидемијата, од пред една година.

Освен тоа, во тоа време, поради неисполнетите обврски на Астра/Зенека, ЕУ (па и Италија) се соочуваа со кусок од вакцини и со целосно пореметување на дистрибуцијата.

Австралискиот премиер Скот Морисон, подржан од британскиот Борис Џонсон, меѓутоа, остро се нафрли врз владата на Марио Драги во Рим, но и врз Брисел, иако некој ден по тоа, Австралиецот студено изјави за домашната јавност дека запрените вакцини не се толку неопходни, затоа што Австралија има во залиха и вакцини од Фајзер.

И сега, кога ситуацијата со дистрибуцијата полека се стабилизира, во оваа земја се продолжува со правењето залихи, па се нарачани дополнителни три милиони дози, за кои ЕУ ја има симнато забраната.

Ниту Австралија, а ниту другите големи и богати земји, притоа, не се осврнуваат на критиките од ОН, од Светската здравствена организација (СЗО), а од скоро и од Амнести Интернешнел, затоа што трпаат вакцини во резерви, не водејќи сметка за другите и за општите потреби на борбата со пандемијата.

Сокриени вакцини од ЕУ

Тајните испораки од Британија, му овозможија на австралискиот, популистички, десничарски премиер да собира поени на политичката сцена во Австралија, што во основа и не му беа премногу потребни, затоа што земјата, сепак, е далеку од Европа и Америка, каде короната остави и се уште остава најтешки последици. Но, тајната операција му носи проблеми на Британецот Борис Џонсон.

Прво, затоа што (во основа) ја има излажано британската јавност, а второ, затоа што ја измами ЕУ, со која влезе и во расправија, обвинувајќи (сега се гледа) без основа, за да и се додовори на Австралија, која ќе му биде потребна за да се реализира ветениот брзо изработен трговски договор, после Брегзит.

Конечно, Џонсон сокри од Унијата (и од другите кои му бараа) вакцини кои очигледно ги имал на залиха – повеќе отколку што му беа потребни. Сето тоа се случуваше во време кога владата во Лондон тврдеше дека нема вакцини за извоз и дека нема никому да доделува вакцини, се додека не заврши со вакцинацијата во Британија.

Исклучен од глобалната координација

А, пишувањето на весникот од Сиднеј покажува дека освен испораката на вакцините на Астра/Зенека за Австралија, што сигурно оделе со знаење и одобрување на Даунинг стрит 10, досега сокривано од домашната јавност, Британија префрлала вакцини и за две свои прекуморски теротории – за Гибралтар и за далечните Фокландски Острови, во Јужниот Атлантик, наспроти Аргентина.

Владата во Канбера одбива да ги коментира ваквите откритија на весникот, не додавајќи ништо повеќе на она што беше речено во март, дека Британија и има помогнато на Австралија. Коментар одбила и владата во Лондон.

Но, Џонсон продолжува и натаму да зборува дека би требало да „постои координирана глобална вакцинација“ иако во пракса Британија, освен за Австралија и своите две поранешни колонии, целосно се има исклучено од глобалната координација.

Британија, затоа, останува да биде обвинета од Европа, но и од меѓународните организации за национализам во вакцинирањето.

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Свет

Горе