Поврзете се со нас

Skopje Global

Русија ги бара назад вакцините од Словачка!

Европа/ЕУ

Русија ги бара назад вакцините од Словачка!

Русија ги бара назад вакцините од Словачка!

Русија побара од Словачка, сите претходно дадени (200 илјади) вакцини Спутник Ве, да ги врати назад!

Вакво барање има испратено Рускиот фонд за директни инвестиции (РДИФ) кој е одговорен за пласманот и маркетингот на вакцините во странство. Од Словаците исто така било побарано – целиот контингент со руски вакцини – да биде испратен во специјализирана лабораторија – за нова, дополнителна контрола.

Ова, крајно невообичаено барање од Москва, што е веројатно и единствен досега ваков случај, доаѓа во моментите на остар руско-словачки судар, откако се откри дека вакцините што Русија и ги има испорачано на Словачка, се разликуваат од оние вакцини што биле дадени за клиничко тестирање!

Руската страна остро ги има отфрлено ваквите тврдења, инсистирајќи дека тие се „неточни и лажни“.

Вакцини и политика

Сегашната расправија меѓу Москва и Братислава претставува врв на се она што се случуваше досега во Словачка во врска со руските вакцини, откако во оваа средноевропска земја, членка на ЕУ, Спутник предизвика и политичка и владина криза, која премиерот Игор Матович го чинеше губење на функцијата.

Кризата настана откако коалиционите партнери во словачката влада остро го нападнаа Матович што побарал (и добил) руски вакцини, без претходно да се консултира со своите партнери кои се покажа се противат за вакцинирање на словачкото население со Спутник, објаснувајќи го тоа со немањето лиценца за употреба во земјите од ЕУ.

Гневот кај коалициските партнери го има предизвикано тоа што Матович, во моментите на експлозија на пандемијата, кога оваа земја наеднаш се претвори во најтешко погодена во Унијата според бројот на новозаразените и починатите, му има телефонирано на рускиот претседател Владимир Путин, барајќи од него од вакцините Спутник.

Официјална Москва (во овој случај) има реагирано мошне брзо, па Братислава речиси веднаш има примено 200 илјади дози.

Неискористени дози

Веќе уште тогаш во Европа беше јасно дека Русија ги користи вакцините за свои политички потреби, како дел од руската геостратешка позиција. Се чини дека и брзата реакција на барањето од Словачка треба да се стави во рамките на таа и таква политика.

Но, моментната слабост на Матович, по кризата што настана во ЕУ околу дистрибуцијата на почетокот од вакцинацијата, го собори од власт. За да се избегнат предвремени избори, Матович се замени со министерот за финансии, прифаќајќи ја неговата функција, за да министерот стане премиер.

Како и да е, уште пред оставката и размената на функциите, Словачка ги тргна вакцините Спутник на страна – не искористувајќи ниту една доза.

Образложението е дека се чека на дозволата од ЕМА (Европската медицинска агенција), но во тоа меѓувреме, земјата не остана без вакцини – прискокнаа на помош неколку земји на ЕУ кои им „позајмија“ вакцини на Словаците – врз солидарна основа.

Досега, само една земја членка – Унгарија на Виктор Орбан – има примено руски (и кинески) вакцини со кои се вакцинира унгарското население, без разлика што ни едната, а ни другата вакцина, немаат дозвола за употреба на територијата на Унијата.

Нова димензија

Расправијата околу вакцините што ги има примено Словачка, од здравствено, се претвори во политичко прашање. Недоразбирањата добија сосема нова димензија затоа што може да го нарушат престижот што преку вакцините, во изминатите месеци, Москва го гради во Европа и низ светот.

Русија која се тврди дека има договор за испорака на Спутник во 50 земји, а во 40 веќе се користи или е одобрена руската вакцина, поради тврдењето на словачката регулаторска комисија, може да се соочи со контра-удар, како што во еден момент имаше во случајот со Астра/Зенека.

Оваа комисија тврди дека вакцините што „преку ноќ“ беа префрлени во Братислава, не се истоветни со оние кои првично биле анализирани и за кои постои поддршка и од угледното медицинско списание Лансет.

Закана за Спутник?

Во текот на февруари годинава, Лансет објави дека Спутник има ефикасност од 92 отсто во имунизацијата од коронавирусот, препорачувајќи им ја оваа вакцина на земјите низ светот.

Со тој своевиден сертификат, Русија и тргна во освојувањето на меѓународниот пазар, уште и рекламирајќи го својот силен напредок на полето на фармакологијата и градејќи го својот меѓународен углед, како (повторно) голема и респектабилна сила.

Тврдењето на словачките експерти дека оние добиени 200 илјади дози не се исти со оние кои Лансет ги има дадено на анализирање, меѓутоа, може сериозно да го разниша макотрпно градениот престиж, политичкиот углед и извозниот ефект.

Особено што Словаците тврдат дека исто е само името (на вакцината), а дека дозите кои се во Словачка се разликуваат и според своите својства.

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Европа/ЕУ

Горе