Поврзете се со нас

Skopje Global

„Софагејт“ против Шарл Мишел

Европа/ЕУ

„Софагејт“ против Шарл Мишел

Ale_Mi/Depositphotos.com

„Софагејт“ против Шарл Мишел

Случајот со необезбедувањето стол за Урсула фон дер Лајен, претседател на Европската комисија (ЕК) за време на разговорите со турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, во Анкара, кога таа наместо до домаќинот, како што би требало да биде, мораше да седи од страна, на софа, продолжува да ја бранува политичка Европа.

Покрај турскиот претседател имало поставено само еден стол – за претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел кој допатува со Фон дер Лајен.

Во Брисел се смета дека станува збор за протоколарниот инцидент на домаќините, со кој е изразено непочитување кон Европската комисија и кон целата ЕУ, но со кој и е нанесена и навреда на една жена, која во турскиот главен град престојуваше во официјална посета, како претседателка на европската влада.

„Гаф” или намера

Во првиот момент за „гафот“ на турскиот протокол, критиките беа упатувани кон домаќините и кон Ердоган – што се дозволило да се случи ваков третман кон гостинката. Особено откако турската страна се бранеше со објаснувањето дека таква била редовната пракса при средбите со европската „двојка“ и дека протоколот – кој каде ќе седи – бил претходно усогласен со Брисел .

Тоа се покажа дека не е така, затоа што постојат низа фотографии од последните вакви средби на Ердоган со „двојката“ – Жан Клод Јункер, како претседател на ЕК и Доналд Туск како претседател на Европскиот совет – на кои се гледа дека и во Брисел и во Анкара, се ставени три стола и дека турскиот претседател е меѓу двајцата Европејци.

Целиот случај, меѓутоа, стана „Софагејт“ откако европски дипломати, а посебно медиумите во Европа, се свртеја против Мишел, остро осудувајќи го неговото однесување и неговото неснаоѓање во „моментите на понижување на претседателката на ЕК“ .

„Заборавено кавалерство“

Наместо било како да реагира што (инаку) морал да го направи, како според функцијата што ја има, така и како маж и џентламен – тој само седнал на понудената фотеља до Ердоган, оставајќи ја главната во европската делегација да стои и да гледа вчудоневидена – што тоа се случува.

Велат дека единствено што во тој момент Фон дер Лајен направила било да ја подигне раката и да потсети на себе и на своето присуство.

За разлика од своите претходници на функцијата претседател на Европскиот совет, Мишел кој е поранешен премиер на Белгија, а пред тоа и министер за меѓународен развој, од почетокот на својот мандат настојува да му даде „тежина“ на местото на кое е сега во Брисел, со зголемување на активностите во делот на европската дипломатија, но и околу обликувањето на европската политика.

Во Анкара, меѓутоа, како што пишуваат европските и белгиските медиуми, амбициозниот Мишел во „Софагејт“ се прикажал како вистински аматер, кој дури заборавил и на тоа дека треба да биде – кавалер.

Две лица на Белгиецот

За него се вели дека многу добро знае кој е кој во Брисел и дека претседателот на ЕК е „првата виолина“ на ЕУ.

Станува збор за шеф на европската влада и тоа место е пред она на Мишел кое (во основа) има техничка улога. Европската комисија ги обликува сите политики на Унијата, па и во дипломатијата. Таа одлучува за сите внатрешни работи, но Комисијата определува санкции кон некоја земја, или кон некого во странство, односно реагира на определени состојби во меѓународната политика.

Од друга страна, се потсетува Шарл Мишел на тоа дека „многу добро го познава Ердоган и неговото однесување во меѓународните односи“.

Во времето на бегалската криза 2015/2016 година, кога Белгиецот беше премиер на својата земја тој има зборувано дека турскиот претседател „ги има надмудрено и Европската комисија и Европскиот совет“ .

Станува збор за времето кога Ердоган им се има заканувано на Јункер и на Туск дека „ќе ја отвори вратата на Турција“ и ќе ги наполни Бугарија и Грција со бегалци и мигранти од Блискиот и од Средниот Исток.

„Лажен феминист“

Како и да е, заклучокот е дека Мишел знаел со кого има работа во Анкара, па во ситуацијата со протоколарниот „гаф“ – ако ништо друго требало да стане од фотељата и да и ја отстапи на Урсула фон дер Лајен. Ако ништо друго како маж на една жена, дама, на толку висока функција.

Токму затоа европските медиуми го опишуваат како „неспособен да расудува“. Го критикуваат дека на сите страни има „полна уста за либерализам и за либералните вредности, а се покажа како лажен феминист“.

Политички гледано, во Брисел дипломати сметаат дека „гафот“ со столот е подлабок од односот за непочитување на Фон дер Лајен. „Софагејт“ доаѓа само две недели откако Европската комисија (официјален Брисел) ја осуди Турција затоа што Ердоган излезе од Истанбулската конвенција – еден меѓународен договор за човекови права, за спречување насилство врз жените.

Кошмарни ноќи

Протоколот и политиката не може да се разделат, па затоа се и нападите врз Мишел – што едноставно одмолчел, не реагирал и не направил ништо во случајот кога една жена, пред неговите очи, била понижена – без разлика дали тоа било намерно, или навистина се случило ненамерно.

На грбот на таа жена е целиот товар на Европската унија и управувањето со владата на Обединета Европа.

Шарл Мишел досега ги има одмолчено сите критики што ги прима. Но изминатиот викенд, за германскиот весник „Ханделсблат“, Белгиецот има признаено дека повратниот удар од „Софагејт“ и тоа како го има погодено.

„Не кријам дека од тогаш, ноќе тешко спијам. Постојано пред очите ми се повторува сцената“ – рекол Мишел, тврдејќи дека би сакал, кога би можел, да го врати времето и да направи нешто друго. Да реагира онака како што требало да реагира.

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Европа/ЕУ

Горе