Поврзете се со нас

Skopje Global

Украина меѓу војната и мирот

Свет

Украина меѓу војната и мирот

olegda88.gmail.com/Depositphotos.com

Украина меѓу војната и мирот

Меѓу коронавирусот и вакцините кои и натаму ги преокупираат Европа и светот, особено откако и вакцините се претворија во орудие на глобалната политика и на престројувањето во меѓународните односи, последниве месеци, некако во сенка на пандемијата, околу Украина се билда напната ситуација која ја става оваа источноевропска земја во ситуација да живее меѓу војната и мирот.

Официјален Киев, на неколкупати досега повтори дека Украина не планира никаква офанзива врз отцепените делови во Донбас, како што тоа последниве месеци го тврдат руската пропаганда и функционери на сепаратистичките сили во источните делови на земјата.

„Станува збор за тоа што Украина, едноставно, не може да ја нападне СВОЈАТА територија и не може да војува против СВОЈОТ народ“ – има речено портпаролот на украинскиот претседател Володмир Зеленски, инсистирајќи дека Источна Украина и деловите од Луганск и Донецк што сега се во рацете на проруските бунтовници ги смета за делови на својата државна територија, како што и луѓето кои живеат таму, за Киев и натаму се дел од украинското население.

Киев за мирно решение

Во Киев повторуваат дека до траен мир може да се дојде само преку преговори, па затоа украинскиот државен врв бара преговори во т.н. Нормандиски формат (Франција, Германија, Русија и Украина), преку кои се верува дека може да се дојде до мирно решение на „сите можни дипломатски начини“.

Лидерот на самопрогласената „Донецка Народна Република“ Денис Пушилин, меѓутоа, продолжува да тврди дека Киев се подготвува за „голема воена операција“ во Донбас, односно во двете отцепени провинции населени, во најголем број, со руско говорно население и со етнички Руси.

Москва, пак,  на сето ова реагира во две насоки. Во едната го предупредува Киев дека Русија нема да дозволи да се случи „Сребреница во источна Украина“, односно повторување на геноцидот на српските паравоени сили во источна Босна, врз муслиманите, обвинувајќи ги Украинците дека во реонот на Донбас (наводно) сакаат да извршат „геноцид“ врз сите луѓето кои зборуваат руски јазик!

Во другата, пред домашната и пред меѓународната јавност постојано тврди дека никој во Русија нема намера да војува против Украина, или да предизвикува воен судир.

Зеленски сака во НАТО

Во меѓувреме, претседателот Зеленски ја посети линијата на раздвојување меѓу украинската армија и бунтовничките сили на Истокот на земјата, каде за судирот што сега е „замрзнат“ има речено дека „постои потреба од нов прекин на огнот“. Притоа, тој посочил дека само влегувањето на Украина во НАТО претставува „единствениот пат до мирот во регионот“.

А, тоа за Кремљ е како ставање прст во окото.

Русија која не може да му прости на Борис Елцин што при „пазарлокот“ со Западот, се согласи со ширењето на ЕУ во земјите на некогашниот (советски) Источен блок, а потоа  го има одмолчено нивното влегување во НАТО, дури и на некогашните советски републики на Балтикот, никако не би поминала  туку-така и кон влегувањето на една Украина во Алијансата.

Во московската претстава – НАТО, уште од советско време, се проектира како „ закана за руската безбедност“, па и денешна Русија се спротивставува на неговото ширење, роварејќи и дестабилизирајќи ги дури и земјите во Западен Балкан, како Црна Гора и Македонија, затоа што се во Алијансата и настојувајќи да го поткопува единството на ЕУ – барајќи или купувајќи сојузници за својата кауза меѓу земјите – членки.

„Замрзнат” судир

Во тој стил реагира и портпаролот на претседателот Владимир Путин, кој оценува дека ситуацијата на Истокот од Украина е „опасна бидејќи лесно може да дојде до продолжување на граѓанската војна“ .

Разни руски функционери од Москва испраќаат пораки во стилот дека – Русија не може против Украина затоа што тоа, сепак, е „руска“ земја. Но, притоа  се обвинува Киев за „превратот“ во 2014 година- кога Украинците се спротивставија на тоа да останат лојални на Москва и  се свртеа кон Западот, кон соработката со ЕУ, исткнувајќи ја намерата да бидат и дел од НАТО.

Кога од Киев беше соборено и протерано проруското раководство, Москва одговори со воена интервенција – го анектира полуостровот Крим и го потикна бунтот во источните делови на Украина (со локалните Руси и со платеници од странство, што се означуваат како доброволци).

Околу 13 илјади лица досега се загинати во воените судирања, а стотина илјади други се раселени, додека воените дејствија се во „длабоко смрзнување“.

Обнова на непријателствата

Работите, меѓутоа, почнаа да се менуваат од по нова година, а посебно од пред крајот на февруари, кога беа убиени неколкумина украински војнци. Од тогаш, речиси секојдневно, има размена на оган, дури и со користење на минофрлачи. Никој точно и не знае кој прв почнал, освен што двете страни, меѓусебно, се обвинуваат за спорадичната обнова на непријателствата.

На тој начин, сите фини зборови за мир, за мирно решение и за ветувањата дека Москва нема да ја напаѓа Украина, остануваат само празни ветувања, затоа што се сосема разликуваат од она што се случува на теренот. Врвот на украинската војска тврди дека вкупната ситуација се влошува затоа што руската страна постојано го зголемува бројот на своите војници на Крим, како и околу Украина, во непосредна близина на руско-украинската граница.

Москва веќе е предупредена за натрупувањето војска кон Украина, додека НАТО соопшти дека будно ја надгледува ситуацијата, која во случај на ескалација претставува закана и за источноевропските соседи на Украина и на Русија, како и на целиот црноморски регион.

Ревизија на договорот од Минск?

Руската страна на сето тоа има одговорено дека земјата ќе носи војници на својата територија, таму каде ќе мисли дека е тоа потребно,  потоа дека војската ќе остане таму додека руската команда не одлучи за тоа, при што како своја територија се смета и Крим, за кој Украинците тврдат дека се претвора во воена тврдина. И, одново се пласира приказаната дека Русија „никому не му се заканува“, инсистирајќи дека носењето војска (над четири илјади војници) и дополнувањето на оружениот арсенал – „не е никаква закана“!

На сето тоа следува и пропагандата со постојано обвинување дека виновникот е само Киев, за кого упорно се тврди дека „подготвува офанзива“ во Донбас, со вообичаените обвинувања дека зад тоа стојат – САД, Германија и Франција.

Сите тие се обвинуваат дека бараат ревизија на договорот од Минск. Руската Дума, пак, во одборот за работите на ЗНД отиде понатаму, па ја обвини Украина дека сака „да ги присвои Донецк и Луганск“ и да се “натера Русија на капитулација“!?

Американската администрација на Џо Бајден која е непријателски прифатена во Русија и кај нејзините сателитски држави, како „анти – руска“ и на таа основа се градеше московската и ултрадесничарската подршка (во САД, Европа и на Балканот) за Доналд Трамп, настојува да не се соочи на стартот со судир со Русија.

Но, на некои работи Вашингтон не може да остане нем, зашто тоа би значело натамошно потикнување на путиновите агресивни планови.

„Ескалација на руската агресија“

САД сметаат дека Киев се соочува со „ескалација на руската агресија на истокот од Украина“, затоа што сега на границата има руска војска како во февруари 2014 година, кога беше нападната украинската територија.

Останува, сепак, прашањето што ќе биде понатаму. Аналитичари не веруваат премногу на смирувачките зборови од Кремљ, затоа што и пред седум години се мислеше дека Русија нема да изврши агресија – па се вшета во Крим, со војници без ознаки и го окупира полуостровот.

Воени експерти, пак, сметаат дека Москва демонстрира сила. Во моментот тоа и е потребно како средство за притисок врз Западот (да не дојде до воен судир со и за Украина) и како одговор на западните санкции, кои иако Русија тоа не признава, ги чувствува и тие ја погодуваат.

Затоа, се смета дека Владимир Путин ќе продолжи со оваа своја тактика, иако се верува дека тој , во основа,  не би сакал да води војна.

Предупредување до Западот

Како и да е, според украински извори, Русија во Донбас и на Крим има донесено од руската територија 28 тактички батаљони.

Тие се чуваат како резерва, а се користат мали провокации и инциденти по линијатра на раздвојувањето. Со нив се одржува нервозата и тензијата. Во исто време, таквата атмосфера добро и погодува на воената пропаганда што ја користи руската страна кон Украина.

Целта е, во секој случај, да им се покаже на САД и на Западот дека доколку сака – Русија би можела да ја дестабилизира Украина.

Станува збор за предупредување повеќе насочено за западната страна, отколку за Киев, за да се постигне она што Кремљ го сака. Тоа е верификација на сегашната состојба во Украина, при што Крим останува руски „за век и веков“, но и да се натера Киев да попушти во преговорите околу идниот статус на Донбас и на земјата – за што на крајот, сепак, ќе мора да се зборува и да се договара.

Конечно, проценка е дека Русија создава криза и за да го натера Западот да преговара за целиот сплет санкции кои и се наметнуваат последниве седум години, започнати откако одлучи сурово да ја казни (и да ја казнува) Украина, затоа што не сакаше да остане руски сателит.

(С.С.Г.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Свет

Горе