Поврзете се со нас

Skopje Global

Западен Балкан

Мрачната страна на договорите со Пекинг

Zoooom/Depositphotos.com

Мрачната страна на договорите со Пекинг

Пекинг е на пат да „запленува“ делови од територијата на Црна Гора, што и се оставени во „залог“ како дел од договорот за добивање кинески кредит за изградба на автопатот од пристаништето Бар до границата со Република Србија, што владата во Подгорица го има направено со кинеската државна инвестициона банка, доколку не ја плати првата рата од кредитот во износ од една милијарда евра, што наскоро доспева за наплата!

Наоѓајќи се во безизлезна ситуација – за да не и се случи Кинезите да станат сопственици на големи делови од земјата – новата црногорска влада се обидува да издејствува финансиска помош и пари за кредитот од Европската комисија, па во Брисел итно го има испратено заменик премиерот Дритан Абазовиќ.

Тој има речено дека настојувал да ги увери функционерите во Комисијата дека европската интервенција во Црна Гора би била можност за почеток на запирање на кинеското навлегување во Европа преку земјите на Западен Балкан.

Должничка клопка

Германскиот „Франкфуртер Алгемајне Цајтунг“, меѓутоа, открива дека ЕУ нема да може да и помогне на оваа поранешна ЈУ република при враќањето на кинескиот кредит, па Црна Гора се соочува со заканата да биде првата држава во Европа што ќе биде жртва на „кинеската должничка дипломатија“ како што весникот го има означено кинеското инвестициско настапување во регионот, но и на територијата на Унијата.

Во Европската комисија тврдат дека Брисел не може да финансира кредити на трети земји, туку дека единствено што може, тоа е да понуди поволни кредити за другите делници од тој пат.

Весникот забележува дека милијарда кредит е огромен износ и претставува огромен долг, посебно за една толку мала држава, чиј годишен БНП изнесува четири милијарди евра, но притоа ја открива и должничката клопка која Кинезите и ја имаат поставено на Црна Гора.

Сомнителни вредности

Кредитот бил земен во 2014 година, за делница од првиот автопат во оваа држава. Делницата од јадранското пристаниште Бар до црногорско – српската граница треба да има 177 километри .

Експерти, меѓутоа, тврдат дека од почетокот, работите околу патот и посебно околу цената, се сомнителни. Според Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), најголемиот дел од патот меѓу главниот град Подгорица и градот Колашин чини една милијарда евра, а тоа значи дека целиот проект, на крајот ќе биде значително поскап, а вкупниот долг кон кинеските инвеститори многу повисок.

Оваа вредност, како и да е дојдено до неа и дали таа е воопшто реална и не е „напумпана“, е преголем товар за Црна Гора, држава со само 550 илјади жители, особено сега, откако во изминатата година нејзината економија – која главно е зависна од туризмот – е уништена од пандемијата со коронавирусот и со отсуството на странски, но и домашни гости.

Првата рата од кинескиот кредит стигнува за наплата кон средината на оваа година, со камата од 2 отсто, па во сегашниве услови во кои се наоѓа државата – економски, како и политички – Црна Гора ќе биде првата во Европа врз која ќе се „истури“ кинеската умешност за правење должнички жртви на нејзиниот нов „Пат на свилата“ .

Нереални проценки

Европски финансиски експерти оценуваат дека ваквата ситуација со и околу Црна Гора не претставува изненадување.

Според германскиот експерт Себастијан Хорн, уште на самиот почеток од изградбата на овој автопат, што го финансира и го гради Кина, постојат цела низа од нереални проценки направени од кинеските инвеститори, околу исплатливоста на оваа инвестиција.

Таа можеби им е потребна на кинеските стратешки интереси (да градат патишта низ неразвиениот Западен Балкан) за да навлезат во земјите на ЕУ, но автопатот (така како што е трасиран и како се гради) ја надминува способноста на оваа малечка држава, за да се задолжи во еден ваков обем.

Овој експерт открива дека во ваква ситуација се имаат најдено и други држави, намамени од кинеската „должничка дипломатија“. Станува збор за прифаќање долг (државен кредит) од кој потоа земјата должник, никако не може да се извлече, па продолжува да тоне во своевидно “должничко ропство“ во кое Кина почнува да се наметнува и политички.

Земјата како залог

Земји како Еквадор, Кенија, Етиопија, или Пакистан, на пример, во изминатите месеци имаат побарано финансиска поддршка за долговите кон Кина.

Кога станува збор за Црна Гора, ново е откритието дека Кина се има обезбедено со посебни клаузули за ситуации кога енормно висок кредит ќе им додели на мали земји, или на држави кои немаат моќ да ги враќаат долговите.

Едноставно, Црногорците се согласиле за постоење на залог – ставање на нивната земја, на теренот низ кои минува трасата за новиот автопат, да може премине во кинеска сопственост!

Секако, доколку државата не ќе може да го враќа кредитот, како што тоа сега и се случува на Црна Гора.

Примерот на Македонија

Овој случај одново го отвара прашањето за навлегувањето на Кинезите во Европа и за кинеските инвестиции, преку земјите од Западен Балкан, за што ЕУ и Брисел само зборуваат, а ништо не преземаат.

Станува збор за изградба скапи автопатишта, со нереални проценки за рентабилноста, што на некои регионални властодршци не им е проблем. Затоа што, сите зделки, сите договори, како и сите кредитни аранжмани се прават нетранспарентно – и најчесто со поткупување на оние кои треба да прифатат кинески инвестициски проект.

При тоа, поткупот влегува во цената на чинењето на градежните работи, а тие во долгот што државата, а тоа значи нејзините граѓани, треба да го враќаат.

Добар пример за тоа Европа има во случајот со Македонија, во зделките правени со Кинезите во време режимот на сегашната македонска опозиција, кога 11 години беа на власт и на нивниот избеган лидер и екс премиер кој продолжува да раководи со злото што го има создадено.

Остана за паметење неговото признание за корупцијата, кога во разговор преку телефон, со неговиот лојален, но наивен министер за транспорт, се договара за тоа – колку поткуп да им се побара и да им се земе на – „оние, жутите“.

(С.Г.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Западен Балкан

Горе