Поврзете се со нас

Skopje Global

Прага ја обвини руската ГРУ за уништен воен магацин

Европа/ЕУ

Прага ја обвини руската ГРУ за уништен воен магацин

oleksii.chumachenko/Depositphotos.com

Прага ја обвини руската ГРУ за уништен воен магацин

Владата на Чешка ја обвини Русија, дека оперативци на тајната служба ГРУ се замешани во експлозиите на големиот магацин со муниција и оружје во селото Врбјетица, во 2014 година. Поради тоа чешките власти одлучија да протераат дури 18 дипломати и лица со дипломатски статус во руската амбасада во Прага. Во експлозиите од пред седум години загинаа две лица.

Официјална Москва ги отфрли ваквите обвинувања, нарекувајќи ги „апсурдни и измислени“ и преку изјава на руското МНР ја предупреди Прага дека „би требало да знае што тоа значи и што ќе донесе чешкото решение“.

Само 24 часови по тоа, руските власти одлучија да протераат 20 дипломати од амбасадата на Чешка во Москва, која сега, велат е “десеткувана и без персонал„како и дека може да работи само нејзиното конзуларно одделение.

Оперативците што го нападнаа Скрипал

За долгата и темелна истрага за експлозијата владата во Прага има изготвено детален материјал, со докази добиени од чешката тајна служба, што, како што најави премиерот Андреј Бабиш нема повеќе да има ознака „строго доверливо“, па ќе и биде даден на увид и на домашната јавност.

Во него се и најновите докази, според кои во експлозиите се замешани истите оперативци на руската ГРУ кои во Велика Британија извршија напад со обид да го убијат поранешниот руски разузнавач, сега бегалец, Сергеј Скрипал и неговата ќерка Јулија, во домот на Русинот во англискиот град Солзбери.

Скрипал и ќерката го преживеаја атентатот што се случи во 2018 година во кој руските агенти го имаат употребено нервниот агенс „новичок“, создаден уште во времето на поранешниот Советски Сојуз.

Новичок како „парфем“

Во овој напад, како случајни жртви се најдоа тројца Англичани, жители на Солзбери. Една жена која набрзо почина во болница, како и нејзиниот партнер и локалниот полицаец кој прв и помагал на несреќната двојка. Тој и партнерот на жената преживеаја од „новичокот“, но и обајцата останаа трајни инвалиди.

Партнерот на починатата жена, во паркот нашол кутија со шише со „парфем“ од марката „Нина Ричи“ во кој бил ставен смртоносниот агенс. Човекот го однел дома најдениот „парфем“ и го дал на жената која веднаш се испрскала. Тоа ја чинеше живот, а партнерот инвалидитет од кој не ќе може да се опорави.

Зборувајќи за случувањата во Чешка од пред седум години, чешкиот министер за внатрешни работи Јан Хамачек, рекол дека во 2014 година имало две експлозии – едната во октомври, а другата во декември таа година.

Офицери на руската тајна служба

Министерот притоа открил дека истрагата на чешките власти уште од почетокот укажувала на тоа дека зад извршената експлозија стојат двајца Руси, по кои веднаш била покрената потрага. Но, дури неколку години подоцна можело да се открие кои се тие – дури после обидот за труење со нервниот агенс на Скрипал во Англија.

Чешката полиција во ова меѓувреме ги објави фотографиите на двајцата руски државјани, заедно нивните лажни имиња ставени на лажните пасоши на Русија, на Молдавија и Таџикистан, што овие двајца ги имаат користено во 2014 година, за време на подготовките за операциите за предизвикување експлозии. Тие на неколку пати оделе во посета на Врбјетица.

„Загинаа два лица – чешки државјани, а беше предизвикана и огромна материјална штета. Ние тврдиме дека зад тоа двајца оперативци – офицери на ГРУ“ – изјави за чешката државна телевизија министерот Хамачек, но тој ја отфрли можноста дека станува збор за руски државен тероризам, како и за директна агресија на Русија врз Чешката Република.

Бугарски трговец со оружје

Властите на Чешка веруваат дека муницијата требало да експлодира надвор од нејзината територија, најверојатно, некаде во Бугарија, затоа што експлозијата се случила во магацините каде било сместено оружјето на бугарскиот трговец со оружје и муниција Емилијан Гебрев.

За него се знае дека ја снабдувал Украина со оружје, во времето кога Русија веќе го имаше анектирано Крим, а во Источна Украина ја имаше поттикнато вооружената побуна на локалните Руси и на русофилското население во областите Донецк и Луганск, па на Истокот од земјата се водеше вистинска војна, во која според ОН се загинати петнаесетина илјади лица – војници и цивили.

Чешкиот министер Хамачек смета дека при првата експлозија на 16 октомври „се случило нешто, што не било предвидено и првично планирано“, но тој не оди во натамошна елаборација на случувањата.

Европските медиуми, меѓутоа, сега одново го отвораат случајот со трговецот Гебрев и неговата „мистериозна болест“ и наводното труење со храна, во тоа време, иако некои локални медиуми како и европски безбедносни експерти уште тогаш тврдеа дека врз Бугаринот бил извршен напад, со намера да биде убиен, со труење со „непознат агенс“ .

Судир Прага-Москва

Откритијата на чешката влада за тешкиот инцидент во 2014 година, предизвикаа остар судир меѓу Прага и Москва и длабока криза во билатералните односи кои и онака со години се студени.

Дипломати во Прага се согласуваат дека протерување на 18 дипломати на Русија е случај без преседан, но министерот Хамачек уверува дека протерани се само оние за кои има докази дека се припадници на разните руски тајни служби.

Во Прага се одржани и протести пред зградата на дипломатската мисија на Русија, кои чешката полиција ги има растурено, откако тие се заканиле да станат насилни.

Кризата во односите се продлабочува откако градските власти на Прага побараа од руската амбасада да врати половина хектар „узурпирано земјиште“ од паркот Стромовка присвоено уште во 1968 година.

Станува збор за теренот на кој по воената интервенција против тогашна Чехословачка, на таа локација се сместиле советските војници, користејќи го како логор, а потоа и како мала воена база. Подоцна амбасадата на СССР тоа земјиште, едноставно, го има припоено кон дипломатската мисија и така е останато до денешно време.

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Европа/ЕУ

Горе