Чад: Претседателот убиен на фронт
Претседателот на Чад Идрис Деби (68) почина во болница, за време на посетата на армиските сили на линијата на фронтот, во воениот судир со бунтовниците на северот од оваа африканска земја.
Деби настрада само еден ден откако беше официјално прогласен за победник на претседателските избори, што се одржаа на 11 април. Опозицијата ги бојкотираше овие избори. Ова требаше да биде шестиот, едно по друго, претседателски мандат на Деби.
Во соопштението на воената команда, меѓутоа, не е сосема јасно што навистина се случило и што е причината за смртта на претседателот кој е 30 години на власт. Не се знае дали бил погоден во текот на некоја борбена операција, по што починал, или станува збор за нешто друго.
Европски дипломати во главниот град Нџамена, меѓутоа, изјавиле дека Идрис Деба бил убиен.
Триесет години на власт
Претседателскиот кабинет има издадено соопштение во кое се вели дека Деби се одлучил да патува на самиот фронт, како знак на поддршка кон војската која подолго време војува со бунтовниците, припадници на разни милитантни исламистички групи, на границата на Чад со Либија.
Но, во последно време безбедносната ситуација е влошена, откако терористичките сили тргнале во офанзива кон југот на земјата и кон главниот град.
Неговиот 37 годишен син, Махамут Каку кој има чин генерал и командува со елитната претседателска гарда, бил веднаш именуван за привремен претседател на т.н. Преоден совет на воени офицери. Определен е период од 18 месеци додека не се одржат нови претседателски избори.
Идрис Деби дојде на власт во 1990 година, кога како воен командант на чадската армија го собори од власт тогашниот претседател Хисен Хабре. Подоцна, Хабре беше осуден за кршење на човековите права пред еден меѓународен суд кој заседаваше во Сенегал, за кршење на човековите права и за извршени злочини кон сопствениот народ.
На линијата на борбата со тероризмот
Чад се наоѓа на средината на Сахел, опкружен со земји во кои дејствуваат разни екстремистички, исламистички и џихадистички групи и организации, поврзани со Боко Харам која дејствува на северот од Нигерија, во реонот што се граничи со Чад, како и со филијали на Ал Каеда.
Оваа терористичка организација се уште е активна во сахарскиот дел од Африка. Нејзини припадници има и во Нигер и во Мали, како и во Централно Африканската Република, но и на југот на Либија, каде по соборувањето на режимот на Моамер Гадафи, практично, никој не ја чува границата со Чад. А, тие се и најголемата закана за безбедноста на оваа африканска држава.
Од тие причини, на Деби и на неговата армија на Западот и во меѓународната политичка јавност се гледаше како на сигурен чувар на линијата на фронтот во Африка, против тероризмот и екстремизмот во реонот на Сахел.
Во првата изјава на привремената власт се повикува населението да остане мирно, по смртта на штотуку избраниот претседател. Порака е пратена и кон соседите и кон африканските земји со повик за – како што е речено – мир и дијалог.