Поврзете се со нас

Skopje Global

Малтешко државјанство за 16 денови престој

Европа/ЕУ

Малтешко државјанство за 16 денови престој

ASphoto777/Depositphotos.com

Малтешко државјанство за 16 денови престој

Истрагата што ја имаат спроведено неколку европски медиуми, откри раширено продавање на државјанството на Малта и на малтешки „златни пасоши“ за пари.

Тоа е техника според која богати државјани од земји кои не се членки на ЕУ добиваат државјанство на оваа медитеранска островска држава, само после НЕКОЛКУ ДЕНОВИ во Малта, која самата во Унијата е од 1 мај 2004 година.

Не е тајна дека Малта го прави тоа низа години по ред. Впрочем, тоа го практикуваат и низа други земји, како Кипар, пред се, но и Бугарија, Романија, некои западни држави како Австрија, а тоа го прави и доскорешната членка на ЕУ – Велика Британија.

Пасоши и корупција

Она што го има откриено истрагата е дека Малта дели малтешки, а тоа значи и европски пасоши, за убедливо најкратко жителство на островот, иако формално, тоа може да се стекне после најмалку една година живеење и работење на територијата на малечката држава – остров.

Сето тоа масовно се прекршувало со изнајмување празни станови, куќи, или канцеларии.

Во истрагата била вклучена и Фондацијата Дафне Керуана Галиција,создадена во спомен на оваа малтешка новинарка која водеше битка со локалната корупција, а која во 2017 година, затоа беше и убиена, со подметната експлозивна направа под нејзиниот автомобил. Целата истрага се одвивала врз основа документацијата (мејловите) на правната фирма „Хенри и Партнери“ која е специјализирана за добивање државјанство.

Истрагата во која се вклучиле пет медиуми, открила дека милионери од разни држави надвор од ЕУ, поминувале само по 16 денови на Малта, во текот на една година, пред да добијат малтешко и по автоматизам – европско државјанство. Преку него, овие богаташи добивале пасоши на Малта, со кои потоа влегувале и патувале низ ЕУ.

„Одбрана на Малта“

Доволно било само да се изнајми некоја јахта, или да се донира извесна сума пари за некакви хуманитарни цели, за да може да тврдат дека имаат воспоставено „вистински врски“ со Малта, пред да бараат и да добијат нејзин пасош.

Во голем број случаи, барателите проведувале на островот само неколку денови , колку за да отворат сметка во банка и за да може ја подигнат картата со дозвола за постојан престој.

Владата во Валета не соработувала во истрагата, но од порано министрите ја имаат брането оваа шема, објаснувајќи дека преку „ваквата програма“ Малта доаѓа до екстра приход за нејзиниот буџет .

„Ние ќе ја браниме Малта и нејзината позиција„ – има речено малтешкиот премиер Роберт Абела, откако Европската комисија, уште минатата година, најави прекинување со ваквата пракса . За Брисел оваа техника претставува  основа за развој на корупцијата, за перење пари, прикривање данок, а и за загрозување на европската безбедност.

Поткрепа за буџетот

Според некои малтешки весници, она што загрижува после целата истрага, не е откритието колку лесно се изигруват прописите, за да странци надвор од ЕУ добиваат државјанство и т.н. „златни пасоши“ – туку сознанието дека властите на островот, како и самата влада го подржуваат овој систем и со своите изјави го потикнуваат – до моментот кога Брисел целосно ќе го забрани.

Владата се брани дека токму со овие приходи, во 2020 година државата успевала да ги покрива загубите и економските проблеми предизвикани со корона пандемијата и со буквално испразнетиот остров – без туристи и гости кои значат многу за малтешкиот државен буџет.

ЕУ како и Европската комисија бараат од Малта, но и од сите другите кои делат „златни пасоши“ да прекинат со ваквата пракса.

Минатата година, беше покрената постапка против Кипар, а потоа и за Малта, поради ваквите шеми, особено што и во двете островски, медитерански земји се кршеле прописите на земјите и се регистрирани примери на корупција на високо ниво.

Ценовник во Валета

Токму тоа беше причина за одлуката на Кипар да прекине со ваквата пракса и да им го одземе државјанството на сите кои на овој начин – со пари во инвестициони вложувања – го имаат добиено.

И таму, аферата ја открија новинари – на Ал Џазира – кога репортери на оваа телевизија, прикажувајќи се како странски инвеститори, на средба со Спикерот на Парламентот на Кипар, открија дека дури и тој – за поткуп – се вклучува во шемата со издавање „златни пасоши“ .

Европската комисија оценува дека давање државјанство на ЕУ, за утврдена уплата пари, или за инвестиции на лица кои немаат никаква врска со земјата – членка на Унијата, ја поткопува суштината на европското државјанство. А, Малта (како и другите) имаат определено вистински ценовник.

Треба да се вложат барем 600 илјади евра и  да се има тригодишен престој на островот, или пак да се вложат 750 илјади евра и тие да се врзат за 12 месечен престој, за што треба да има „посебни околности“ кои не се прецизно разработени. Може и да се купи имот од 700 илјади евра, или да се има договор за наемнина во период од пет години и хуманитарна донација од најмалку десет илјади евра и се станува Малтежанин- државјанин на овој остров држава.

(В.М.)

Понатаму
Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Европа/ЕУ

Горе