Поврзете се со нас

Skopje Global

Европа/ЕУ

„По шкотското прашање, следи ирското“

"Time for Irish Unity is now!" (CC BY 2.0) by Sinn Féin

„По шкотското прашање, следи ирското“

Лидерот на северноирската, католичка и републиканска партија Шин Феин, Мери Лу Мекдоналд отворено ја навести можноста, по (повторното) покренување на шкотското прашање – на еден нов референдум за независна Шкотска – дека ќе следи и изјаснувањето за ирското прашање.

„Победата на националната партија СНП во Шкотска (на изборите од 6 мај) е значајна и за кампањата за ирското единство (обединувањето на Северна Ирска и на Република Ирска), што секако, навестува темелни промени во Велика Британија“ – има изјавено Лу Мекдоналд.

Островот без граница

Шин Феин која пред историскиот договор од Велики петок, од април 1998 година, беше означуван како политичко крило на сега распуштената тајна, милитантна Ирска републиканска организација (ИРА), во последните 23 години, ирското прашање почна да го третира на  поинаков начин.

Особено по создавањето на заедничка влада во Белфаст меѓу унионистите и  републиканците,  од кога на повторното обединување се гледаше како на процес – до кој ќе треба да се дојде по мирен пат и со мирни средства.

Таквата позиција уште повеќе беше зацврсната со одредбата од мировниот договор, според кој  повеќе не постоеше  „тврда“ гранична линија, со царинска и патничка контрола меѓу двата дела на поделениот ирски остров.

Тоа не само што ја раздвижи економијата, туку обезбеди Ирците од двете страни, да не се чувствуваат поделени, како што тоа беше во минатото – уште  од времето кога во 1921 година Даблин доби независност, а Белфаст стана главен град на (британскиот) Север од островот.

Англичаните против Ирците

Работите целосно се изменија откако британските евроскептици, а пред се, англиските националисти, истуркаа, прво референдум за ЕУ, а по изгласаниот Брегзит и напуштање на ЕУ, на крајот од минатата година. Британија, а тоа значеше и Шкотска и Северна Ирска, мораше да излезат од Европската Унија.

На референдумот за Брегзит, мнозинството од гласачите во овие два дела од Обединетото кралство се определија против излегувањето од ЕУ, но Англичаните кои се далеку најбројното гласачко тело, сепак, ја „истуркаа“ победата на евроскептицизмот над европејството.

Тоа во Северна Ирска, како  порано, а така и сега има сосема поинаква тежина. Англичаните со кои Ирците дури седум векови беа во судир за да стекнат своја, ирска држава, со Брегзит одново се испречија со својата политичка определба против ирската волја.

Затоа што Брегзит не значеше само напуштање на ЕУ, туку претставуваше и закана за повторното цврсто разделување на Ирците. Оние на Југот останаа во Европа, додека оние на Северот, беа приморани – според мнозинството пробрегзит гласови на ниво на целата Британија – да ја напуштат ЕУ, иако тоа не го сакаат.

Шин Феин ја надгледува Шкотска

Со конечниот договор на Лондон и Брисел, се избегнува цврста граница, а Северна Ирска (Алстер) се здоби со некаков посебен статус . Стана тампон зона меѓу ЕУ и Британија, во која се контролира целата стока која доаѓа од Европа, или оди кон неа – од Република Ирска и од Британија.

Тоа малку како да го амортизира гневот на Северноирците што Англичаните им ја „одзедоа“ ЕУ, но го покрена гневот на унионистите – протестанти кои го обвинуваат Лондон дека “ја има продадено“ Северна Ирска, за да им угоди на Европа и на Брисел.

Тоа, секако, не е така, иако Лондон со месеци се прави како да не забележува што се случува во британската покраина на ирскиот остров. Ако во Даунинг стрит 10 се прават дека не ја гледаат ситуацијата во Северна Ирска, Мери Лу Мекдоналд вели дека Шин Феин внимателно ги следи и ќе следи како  се развиваат работите во Шкотска и околу неа.

Изјаснување за ирското прашање

„Резултатот на СНП (Шкотска национална партија) е значаен и мислам дека тој е последица на тоа што политиката низ Британија, како и низ Ирска минува низ период на темелни промени“ – вели лидерот на Шин Феин.

Оваа сеирска партија е во коалиција со северноирските унионистите од ДУП во Белфаст, а во исто време е и втора партија по бројот на пратеници во Даблин, во тамошниот Дал (Долниот дом на Парламентот на Република Ирска).

Таквата поставеност на шинфеиновци -кои се  застапени и во Парламентот во Лондон, како втората по број пратеничка група во Весминстер од Северна Ирска, иако тие не одат на седниците, ја прави целата ситуација околу покраината уште посложена и покомплексна за решавање.

Лу Мекдоналд смета дека, секако, ќе има изјаснување за ирското единство, како и дека „само е прашање на времето кога тоа ќе се случи“.

Во случај да има втор рефередум во Шкотска, или уште повеќе, во случај на отцепување на Шкотска, темелно ќе се измени уставната поставеност на Британија. Тоа, според лидерот Мери Лу Мекдоналд, ќе предизвика многу силен ефект на случувањата во Ирска – како на Северот од островот, така и на Југот.

(Д.Л.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Европа/ЕУ

Горе