Поврзете се со нас

Skopje Global

Свет

Исчезна (па се појави) лекарот кој го лекуваше Навални

kandinskiy_/Depositphotos.com

Исчезна (па се појави) лекарот кој го лекуваше Навални

Руската полиција во неделата соопшти дека исчезнал без трага лекарот од градот Омск, во Сибир, за кој се зборуваше дека го лекувал  Алексеј Навални.

Во соопштението на полицијата во регионот на овој град, што се наоѓа 2200 километри источно од Москва, се вели дека лекарот Александар Мураховски (49) бил на лов во околните сибирски шуми, но во петокот си заминал од ловечката куќа,  со едно теренско возило. Од тогаш никој го нема видено, ниту било кој има слушнато за него.

Властите во тој дел на Русија уверуваа дека освен локалната полиција, во потрагата по исчезнатиот лекар се вклучиле и единици за вонредни ситуации, хеликоптери и доброволци, а дека се користеле и дронови за да „откријат било каква трага и да разберат што се случило“.

И во моментите кога можеше да почнат да се шират „приказни“ околу неговото „исчезнување“, одново властите, јавија дека „лекарот самиот се појавил“ од шумата – после три денови откако беше прогласен за исчезнат. Според руските медиуми, неговата здравствена состојба не бара лекување.

Спасување во Омск

Мураховски беше главен дежурен лекар , во централната болница во Омск, на 20 август минатата година, кога во бесознание беше донесен Навални, откако нагло му се има слошено за време на авионскиот лет од сибирскиот град Томск, за Москва.

На интервенција на посадата, пилотот на авионот вонредно се спуштил на омскиот аеродром, од каде заболениот Навални, најостриот критичар на рускиот претседател Владимир Путин, беше пренесен во болница.

Првично, беше јавено дека лекарите имаат откриено дека станува збор за тежок облик на труење и примениле терапија, која подоцна се покажа дека била од витално значење за да Навални остане жив. Самиот Мураховски, меѓутоа, за Навални тврдел дека не е затруен.

После неколку денови, по силниот притисок од неговата невладина организација и по формалното барање на Германија, по (велат) тешки  преговори, тој со германски авион – од Омск беше префрлен на лекување во Берлин. Остана во болница повеќе недели, а потоа беше подложен и на рехабилитација.

Во текот на лекувањето, анализите на три различни лаборатории, во три земји, утврдија дека Навални бил затруен со нервниот агенс „новичок“ – создаден уште во времето на поранешниот Советски Сојуз, како едно од тогаш произведеното, ново хемиско оружје.

Новичок одново напаѓа

Со истиот агенс беше извршен обид за убиство и на поранешниот руски разузнавач Сергеј Скрипал кој побегна во Британија и сега како бегалец живее во англискиот град Солзбери, па тоа веднаш покрена лавината од обвинувања против руските власти, руските тајни служби и Кремљ дека тие стојат зад обидот да се убие Навални.

Тој и неговите соработници од почетокот обвинуваа дека врз него бил извршен неуспешен атентат. Таквите обвинувања, меѓутоа, добија на тежина откако се разбра за „оружјето“ со кое требаше да се ликвидира остриот најостриот критичар на рускиот претседател.

Низа години Навални обвинува дека вината за ендемската корупција во земјата е во врвот на власта во Русија, за која тврди дека е директно поврзана и дека на некој начин дури и ја поттикнува.

По отпуштање од болницата во Берлин, тамошните лекари ги пофалија лекарите во Омск, за кои беше речено дека само благодарејќи на нивната брза интервенција и точна дијагноза, Навални бил спасен.

Унапредување на Мураховски

Но, болницата во овој град, која првично најави брза лабораториска анализа за причините за труењето, подоцна одби да даде било какво објаснување, уште и тврдејќи дека “нема докази за труење на Навални“, а уште помалку дека е во прашање нервен агенс. Главниот лекар Мураховски, пак, продолжи да уверува дека Навални се разболел и паднал во бесознание поради – „метаболични пореметувања“.

После ваквото однесување на управата на болницата, зад која застанаа локалните власти, се очекуваше дека дежурниот лекарски состав кој интервенирал во спасувањето на затруениот Навални, можеби, ќе биде ставен на некоја „црна листа“, а лекарскиот персонал и казнет за своето професионално однесување. Двајца лекари од тој состав- на 55 и 63 години, починаа оваа година, но нема индикации за „нечесни работи“ при нивната смрт.

Мураховски, меѓутоа, како што имаат јавено руските медиуми, од ноември бил унапреден – наместо лекар, бил назначен за регионален министер за здравство.

Во меѓувреме, официјална Москва, а посебно Кремљ, продолжија категорично да демантираат дека руската власт има било каква врска со обидот за убиство.

Признание на “чистачот“

Соработниците на Навални, пак, имаат отворено своја истрага за целиот случај. Успевајќи дури да откријат и неколкумина од групата која го има извршено нападот.

Претставувајќи се како висок функционер на тајните служби, затруениот и нападнат руски опозиционер има успеано дури и телефонски да разговара со еден од оперативците на тајната служба ГРУ, за која се верува дека се обиделе да убијат Навални.

Човекот кој требало да ги исчисти сите траги по ликвидацијата, во телефонскиот разговор, му има признаено на Навални дека сите лица вклучени во операцијата биле „ крајно изненадени “ од нејзиниот неуспех.

Скопје/Глобал веќе пишуваше за демаскирањето на тајната служба, во кое „чистачот“ дури открива дека нервниот агенс не бил ставен во чајот што го има испиено нападнатиот, пред да влезе во авионот на аеродромот во Томск, како што првично се веруваше, туку во неговата долна облека.

„Чистачот“ притоа признал дека неуспехот – во секој случај – не е последица грешки на групата атентатори, туку на “неколку непредвидени околности“. Прво, тоа дека пилотот на авионот вонредно ќе се спушти во Омск, што никој не го очекувал, а второ, дека во локалната болница, лекарите брзо и успешно ќе интервенираат и ќе го спасат Алексеј Навални.

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Свет

Горе