Поврзете се со нас

Skopje Global

Трамп се одмаздува и како пензионер

Свет

Трамп се одмаздува и како пензионер

Трамп се одмаздува и како пензионер

Републиканците во Претставничкиот дом на американскиот Конгрес, на затворена седница и со тајно гласање, ја сменија од високата позиција која ја имаше во блокот на републиканските конгресмени – Лиз Чејни, угледен и респектабилен член на партијата и ќерка на Дик Чејни, поранешен (републикански) потпретседател на САД.

Нејзината единствена „вина“ е што остро го критикуваше поранешниот претседател Доналд Трамп во финишот на изборната кампања во ноември минатата година и особено по гласањето, кога упорно тврдеше дека тој, а не Џо Бајден победил на изборите.

Чејни ги брани изборите

Трамп не призна дека има доживеано уверлив пораз, па настојуваше на секој начин да го спречи процесот на инаугурација на новоизбраниот претседател. Кога не успеа во тоа, одби да се појави на инаугурацијата на 20 јануари кога, традиционално, претседателот на заминување му ја предава функцијата на новиот шеф на државата.

Врв на неговото инаетење и тврдењето дека е „жртва на изборна измама“, како и дека „имало заговор“ за негово сменување, на 6 јануари, тој на митинг во Вашингтон на толпата насобрани ултрадесничари и расисти и порача да “да го освојат Конгресот“ и да ја „попречат неправдата“.

Се случи најголемото понижување за американската демократија кога оваа банда, како што ја нарече демократска јавност, во потикнатиот бунт навлезе во Конгресот и на неколку часови го имаше под контрола. Поранешниот републикански претседател Џорџ Буш ги оквалификува случувањата на Капитол како побуна во Вашингтон, а меѓу оние кои остро го осудија Трамп и неговото поттикнување на нападот на Конгресот, беше и Лиз Чејни.

Конзервативец и демократ

Таа го критикуваше упорното тврдење на Трамп дека “победил на изборите“, како и дека имало „измама“. Чејни гласаше во Конгресот, како републикански конгресмен за покренување имипичмент против поранешниот претседател, за поттикнување на бунтот на Капитол.

Лиз Чејни е целата своја политичка кариера републиканец и тоа од десниот блок, од редовите на републиканските конзервативци, што би требало да значи дека таа треба да биде поддржувана од сегашното партиско мнозинство кое поради Трамп и благодарејќи на неговото десничарење, популизмот и отвореното кокетирање со гласачите кои заговараат бела супремација, оди кон крајната десница – како никогаш досега.

„Проблемот“ за Чејни е што таа, иако конзервативец, е убеден демократ.

Тоа, очигледно, не им се допаѓа на Трамп и на неговите поддржувачи, па екс претседателот – сега како пензионер – казнува и им се одмаздува на оние кои не му беа лојални и кои се спротивставија на неговото недемократско и посакуваното авторитарно владеење.

Сменување за „нелојалност“

На гласањето, за нејзиното казнување и сменување гласало – велат американските медиуми – уверливо мнозинство од републиканските претставници (пратеници) во Долниот дом на Конгресот. Чејни е сменета од функцијата претседавач на републиканската конференција во Претставничкиот дом, што е трета, највисока функција во раководството на оваа партија, во Конгресот на САД.

Бранејќи го својот политички интегритет, таа во изјавата за домашната јавност има речено дека и покрај казнувањето, останува верна на „најконзервативните од сите конзервативни принципи – а, тоа е почитувањето на правото и на правната држава“.

Во изјавата таа им порача на републиканците дека нема да седи со „скрстени раце и да гледа додека како други ја водат партијата кон патеката која се откажува од владеењето на правото и се приклучува на крстоносните војна на поранешниот претседател во поткопувањето на демократијата во САД“.

Расцеп кај републиканците?

Лиз Чејни е конгресменка од сојузната држава Вајоминг и како што има најавено, сега ќе се посвети на работата во својата изборна единица, меѓу своите гласачи.

Свесна е дека се бори и за својата иднина како политичарка. Таа знае дека доколку и до следните делумни избори за Конгресот, во ноември 2022 година, партијата продолжи да биде под контролата на ултра – десничарите, тие ќе направат се што може за да ја тргнат и од Конгресот.

На нејзината досегашна функција во Конгресот, најверојатно ќе биде поставена конгресменката од Њујорк Елис Степанек, која сега важи за „запален“ трамповец, иако претходно беше негов остар критичар.

Според „Њујорк Тајмс“ сменувањето на Лиз Чејни, сепак, нема така лесно да помине во редовите на републиканската партија. Весникот открива дека угледни републиканци, меѓу кои и поранешни функционери на трамповата администрација, забрзано работат на создавањето нова, десно – центристичка партија, или што ќе реча на разделувањето на републиканците.

(В.А.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Свет

Горе