Поврзете се со нас

Skopje Global

Бизнис Глобал

Пост-ковид инфлација во еврозоната

noskaphoto/Depositphotos.com

Пост-ковид инфлација во еврозоната

 

Инфлацијата во зоната на еврото, во минатиот месец е зголемена до 2 отсто, што е малку над проекцијата што ја има направено Европската централна банка (ЕЦБ). Растот на инфлацијата се објаснува со – пред се – значителното поскапување на цените на енергијата и тоа на бензинот, дизелот и на сите други горива – за 13 отсто.

Ваквиот развој во европската економија доаѓа по повторното придвижување на економијата, после пандемијата со коронавирусот. Ова е највисок раст на инфлацијата во еврозоната по 2018 година.

Дилеми на експертите

Ова се случува веднаш по укинувањето на разните рестрикции во земјите членки на еврозоната и по донесувањето на масивниот финансиски пакет за поттикнувањето на закочената економија во зоната и во сите други земји од Европската унија, што е последица на пандемијата.

Регистрираниот раст на инфлацијата ја покрена расправата на економските и финансиските експерти во Европа, околу тоа дали инфлаторните текови, што сега се јавуваат, би можеле да станат проблем и да предизвикаат нови, финансиско – економски проблеми за државите – членки на еврозоната.

Ваквата расправа добива на значење затоа што во поголемиот дел од изминатата декада, централните банки во развиените држави, често беа загрижени за тоа дека инфлацијата беше премногу ниска.

Сега, меѓутоа, со започнувањето на економското опоравување, после падот што го предизвикаа короната и ковид-19, инфлацијата почнува да се искачува, иако тој раст е умерен.

Британија и САД

Според проекцијата на Европската централна банка, инфлацијата во зоната на еврото е предвидено да расте до 2 отсто. Таа засега е само малку над тоа ниво, па затоа и не делува загрижувачки. Особено што истите такви процеси се случуваат и во Британија, како и во САД.

Британците минатиот месец, на пример, бележат инфлација од 1,5 отсто. Тоа е малку над нивото проектирано од Банката на Англија, која во Британија ја има улогата на британска централна банка.

Во САД, пак, инфлацијата се има искачено до 3,6 отсто, наместо предвидените 2 отсто, од експертите на Федерални Резерви, што во Америка се тамошната централна банка.

Привремена ситуација?

Што се однесува до еврозоната – за прв пат после две години, во неа се регистрира инфлација што е повисока од проектираната. Во текот на пандемијата, инфлацијата беше одржувана под контрола, па таа во зоната на еврото постојано беше под 1 отсто. Во последните пет месеци, се до декември 2020 година, таа дури беше и под нулата.

Европски финансиски експерти предвидуваат растот на инфлацијата да се бележи и во следните месеци – до 2,5 отсто, колку што предвидуваат да изнесува во втората половина од оваа година.

Но, експертите прогнозираат дека таквото инфлаторно движење, сепак, ќе биде привремено.

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Бизнис Глобал

Горе