Поврзете се со нас

Skopje Global

Екстра Глобал

Ќерката на Меган и Хари крстена на прабабата

Wirestock/Depositphotos.com

Ќерката на Меган и Хари крстена на прабабата

 

Војводата и војвотката од Сасекс – принцот Хари и неговата сопруга Меган Маркл, на 4 јуни, добија ќерка и на своето новороденче му го дадоа името Лилибет Дијана Маунтбатен – Виндзор, соопшти претставник на семејството кое сега живее во Калифорнија, во САД.

Името Лилибет директно е врзано за британската кралица Елизабета, бабата на Хари и прабаба на бебето. Всушност. станува збор за име како што – нагалено – целото кралско семејство ја ословувало малечката, тогаш принцеза Елизабета, кога таа имала само две години.

Нагалено име Лилибет

Велат дека нагаленото и го смислил тогашниот британски крал Џорџ Пети, дедото на сегашната кралица, затоа што малечкото девојче – принцеза не можело коректно да си го изговори своето крстено име.

Тоа име останало и понатаму, па нејзините родители – вториот син на Џорџ Пети и мајката Елизабета – ја ословувале така се додека таа – многу години подоцна – во околностите што се имаат случени по „аферата Волис Симпсон“ – станала престолонаследничка.

Во една прилика, како британска кралица, сеќавајќи се на своето најрано детство, Елизабета има речено дека Лилибет е име кое може да се врзе само за неа и е препознатливо само по неа. Нејзиниот сопруг, неодамна починатиот принц Филип, ја ословувал кралицата по нејзиното нагалено име добиено уште од раните детски денови.

„Отфрлениот“ принц

Решението на Хари и Меган да ја крстат својата штотуку родена ќерка по британската кралица се смета за убав и помирувачки гест на „отфрлениот“ внук кој во март 2020 година, одлучи, заедно со сопругата, доброволно, да се откажат од сите ројалистички задолженија што му припаѓаа на војводата од Сасекс, како шести во редот меѓу претендентите на британскиот престол.

Пред една година тоа предизвика – прво, шок во британската јавност, а потоа и лутина во кралското семејство, особено што за таквата одлука, младиот принц, претходно, нема никого известено и консултирано, дури ни кралицата.

Беше јасно дека станува збор за нарушени односи, внатре во семејството, што уште повеќе беа потенцирани во и по интервјуто на Хари и Меган за американската тв ѕвезда Опра Винфри.

Единаесетто правнуче

Малечката Лилибет (Лили) е единаесетто правнуче на кралицата Елизабета. Таа е сега осма во редот на претендентите на тронот, потиснувајќи го за едно место вториот син на кралицата, принцот Ендрју.

Новороденчето нема никаква титула и така ќе биде се додека кралицата е жива, односно додека престолонаследникот Чарлс не стане крал. Станува збор за пропис уреден пред повеќе од 100 години, од Џорџ Пети.

Второто име на бебето е посветено на покојната принцеза Дијана, мајката на Хари, која загина во сообраќајна несреќа во Париз, во 1997 година.

Хари (36) и Меган (39) се венчаа во мај 2018 година. Една година подоцна, тие го добија своето прво дете – синот Арчи Харисон Маунтбатен – Виндзор.

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Екстра Глобал

Горе