Поврзете се со нас

Skopje Global

Европа/ЕУ

Шлаканица за францускиот претседател

"Emmanuel Macron, presidente da França" (CC BY-NC 2.0) by jeso.carneiro

Шлаканица за францускиот претседател

 

Францускиот претседател Емануел Макрон е нападнат и удрен со шлаканица по лицето за време на својата посета на департмантот Дроме, во југоисточна Франција.

Инцидентот се случил за време на средбата што претседателот, облечен само по кошула и со маска на лицето, ја имал со насобраните граѓани кои дошле да го поздрават. Во моментот додека застанал покрај металната бариера и почнал да се поздравува, еден од присутните, со кого Макрон инаку се поздравувал – му удрил шлаканица.

Во тој момент, удрениот шеф на државата, рефлексно се тргнал на страна, а двајца припадници од неговото лично обезбедување кои биле покрај него во време на нападот, веднаш го однеле Макрон до службеното возило. Другите „безбедњаци“ се нафрлиле врз напаѓачот, брзо совладувајќи го неговиот отпор.

Против “Макронизмот”

На местото на инцидентот, веднаш пристигнала полицијата која го уапсиле напаѓачот, како и уште едно лице кое било со него. Засега не се знае идентитетот на уапсените напаѓачи, како ниту мотивот за ваквиот напад. Меѓутоа, се верува дека нападот бил планиран и дека имало и трето лице за кое се тврди дека снимал како неговиот другар му удира шлаканица на шефот на државата и целата сцена, потоа, ја ставил на интернет.

Медиумите пишуваат дека во време на апсењето силеџијата извикувал – „Доле на Макронизмот”! Ова, според некои француски посматрачи, се оценува како политичка порака, која на нападот му дава политичка тежина.

Насобраните луѓе кои во првиот момент биле шокирани од она што се случило, веднаш потоа почнале да му аплаудираат на претседателот и да му даваат поддршка, барајќи да се фотографираат со него.

Макрон по кусиот прекин ја продолжил посетата на регионот, откако за еден локален весник рекол дека станува збор за изолиран настан. „Продолжувам (со посетата) и ќе продолжам и понатаму. Ништо нема да ме спречи да работам на она на што сум посветен“ – рекол Макрон.

Осуда од левицата и од десницата

Засега медиумите се занимаваат со претседателското обезбедување за кое се смета дека потфрлило. Соопштено е дека десетмина припадници на обезбедувањето кое има 80 оперативци биле со шефот на државата во време на нападот.

Политичката јавност, без исклучок го осудува нападот, означувајќи го како напад врз француската република.

Лидерот на крајната левица Жан Лук – Мелешон изразил солидарност со Макрон, додека лидерот на националистичката ултра – десница Марин Ле Пен во изјавата има речено дека „демократската дебата може да биде остра, но притоа не смее да се толерира никакво физичко насилство“.

Нападот врз претседателот на Франција го осудил и премиерот Жан Кастекс, во посебна изјава во Парламентот.

Двајцата уапсени имаат по 28 години и се без полициско досие. Кај соучесникот на напаѓачот, при полицискиот претрес на куќата каде живеел, во едно село , било најдено оружје и копија од книгата на Адолф Хитлер „Mein Kampf”.

Се верува дека оној кој му удри шлаканица на Макрон е приврзеник на крајната десница, опседнат со француското средновековно минато, со големината на Франција низ историјата и е вљубен во боречки вештини. За себе тврди дека е монархист и го има обвинувано  претседателот дека  ги „уништува Франција и нејзиното славно минато“.

За нападот врз претседателот , обајцата може да добијат по три години затвор.

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Европа/ЕУ

Горе