Поврзете се со нас

Skopje Global

Г-7 за глобалното опоравување

Свет

Г-7 за глобалното опоравување

Г-7 за глобалното опоравување

Политичките лидери на седумте најголеми економии во светот, кои ја сочинуваат групата Г – 7, се собраа на својот 47 по ред Самит, овој пат, во малото одморалиште Карбис Беј, во близината на Сент Ајвис, во областа Корнвол, на крајниот југозапад од Англија.

Домаќин на тридневниот Самит, што се одржува далеку од Лондон и од другите големи градски центри е британскиот премиер Борис Џонсон, а на него учествуваат и американскиот претседател Џо Бајден, кому ова му е прва посета на Европа, откако е во Белата куќа, потоа францускиот претседател Емануел Макрон, германскиот канцелар Ангела Меркел, јапонскиот премиер Јошихида Суга, канадскиот премиер Џастин Трудо и италијанскиот премиер Марио Драги.

Идејата на Жискар Дестен

Како гости во Карбис Беј присуствуваат, за да учествуваат во работата на Самитот, претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен, претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел, обајцата како претставници на ЕУ, како и премиерот на Австралија Скот Морисон, јужнокорејскиот претседател Мун Јае – ин и јужноафриканскиот претседател Сирил Рамапоса.

Во работата на Г – 7 годинава учествува и индискиот премиер Нарендра Мори, но тој ќе биде присутен само виртуелно, поради се уште силно распалената епидемија со коронавирусот во Индија, сега од најновиот т.н. Делта тип (познат и како индиски сој).

Идејата за ваков вид среќавања на врвот, во текот на летните месеци, во неформална и опуштена атмосфера, на која лидерите на “седумината“ ќе ги поведат со себе и своите сопруги, потекнува од поранешниот, сега веќе починат, француски претседател Валери Жискар Дестен, во раните седумдесетти години на 20 век.

Во времето на една сосема поинаква меѓународна политичка ситуација, во различни меѓународни односи, кога Европа беше поделена на демократски Запад и комунистички Исток, кога Берлин беше поделен со ѕид, а ЕУ не постоеше како фактор на европското обединување.

Игрите на Доналд Трамп

Идејата, меѓутоа, беше прифатена, па истите седум земји кои се собраа на првата средба, се присутни и сега во Корнвол, создавајќи на тој начин корисна традиција – ваквите самити да се одржуваат еднаш годишно, секогаш во некоја од земјите на Г – 7.

Не се одржа минатата година, поради пандемијата, но и поради политичките игри на претходниот претседател на САД.

Доналд Трамп кој требаше да биде домаќин – прво, инсистираше да има Самит на неговиот приватен имот во Флорида и тоа во живо, а не виртуелно како што сугерираа сите другите. Потоа, побара да се растури досегашниот состав на „седумката“ каков што е сите години и да се формира нов во кој (по негов избор, а без консултации со партнерите) – меѓу другите – ги внесе Русија и Бразил.

Русија беше придружен член на овие самити низа години, уште од времето на Борис Елцин. Но, беше суспендирана по руската анексија на Крим и воената интервенција во Источна Украина.

Неколку земји – пред се, Германија, Канада и Британија се спротивставија на враќањето на Москва, во време кога украинската територија е распарчена, па Трамп мораше да се откаже од идејата. Кога на крајот сакаше Самитот Г – 7 да го организира во Вашингтон, на само два месеци пред претседателските избори во САД – што никој од „седумтемина“ не го прифати – се откажа од организирањето на оваа конференција.

Прв за Бајден – последен за Меркел

Годинешниов Самит се одржува без таквите политички сплетки кои требаше да значат елиминација мултилатерализмот. Барем во тој поглед, собирањето во Корнвол, на западниот англиски брег, свртен кон Запад, кон Ирска, нема такви проблеми.

Ќе остане запаметен по друго – како прв за Бајден и за Јапонецот Суга, кој на премиерската функција се најде откако неговиот претходник, Шинсо Абе се повлече, поради здравствени причини и како последен за Меркел. Таа во септември се повлекува од германската политика, во која како канцелар беше 16 години.

Домаќините, пак, објаснуваат дека го имаат одбрано ова оддалечено и изолирано одморалиште сметајќи го како идеално за размена на мислење и за градење позиции околу таа како да одговори на бројните глобални предизвици – од меѓународната политичка сцена, врзани за кризните жаришта и за низа актуелни состојби, па се до климатските промени.

Што се однесува до агендата на Самитот, за неа не се зборува. Но, во врска неа се знае дека доминантното прашање ќе биде економското опоравување по 18 месечната борба со глобалната пандемија со коронавирусот. Епидемијата има предизвикано голема штета – здравствена и епидемиолошка – како и економска и финансиска, блокирајќи го бизнисот и наштетувајќи им на цели гранки од стопанствата – како на помалите земји, така и на најголемите економии. Опоравок и тоа брз, сега им е потребен и на едните и на другите.

Глобално вакцинирање

Како втора важна тема на дневниот ред се очекува да биде процесот на вакцинацијата во светски рамки, затоа што (конечно) на големите и богатите и на оние кои се дел од глобалните политички игри со имунизацијата – им стана јасно дека враќање во нормален живот и елиминација на вирусот може да има само доколку имунизацијата биде глобална, онака како што е глобална и епидемијата.

Јасно е дека само преку вака поставената вакцинација може да се зборува за глобалното излекување на економски план, за надминување на економската криза и за излегување од рецесијата што сега го има зафатено поголемиот дел од светот. Во секој случај, тоа покажува дека пандемијата и Ковид ќе доминираат на Самитот.

Прво, затоа што на ова собирање, за прв пат досега, главните актери носат маски, се поздравуваат со лактовите, со секојдневно правење корона – тестови. А, второ, затоа што уште пред да почне со работа, Самитот донесе две значајни одлуки – САД ќе подарат 500 милиони дози вакцини за неразвиените и помалку развиените економии и земји, а Британија уште дополнителни 100 милиони.

„Дишење чист воздух“

Конечно, групата Г – 7 и гостите се очекува да посветат внимание и на состојбата со климатските промени, што се смета дека е високо ставена на агендата на Самитот на инсистирање на домаќинот Британија и на премиерот Џонсон. Лондон сака да го наметне ова прашање и затоа што на есен годинава е домаќин на една конференција посветена на промените на климата, што значи дека ова би бил и првиот ваков собир на кој „седумтемина“ би се занимавале со климатските состојби.

А, на почетокот, пред да се соберат сите заедно, се одржаа билатерални разговори меѓу Џонсон и Бајден. Американскиот претседател подоцна и порача на Москва дека САД сакаат добри односи, но дека ќе возвратат на штетните активности од руска страна.

Домаќинот, исто така, беше предупреден дека “во никаков случај не смее да се доведе во прашање спогодбата од Велики петок, за Северна Ирска“.

Џонсон на сето тоа реагираше со уверувањето дека сегашната (најнова) расправија со ЕУ, за протоколот за северноирската територија, ќе се надмине, како и дека договорот од 1998 година нема да биде повреден, сето тоа заокружувајќи го со комплимент за Бајден.

За нивната прва средба – лице во лице – британскиот премиер рече дека „работењето со новиот американски претседател е како вдишување свеж воздух“. И по тоа, заедно со новата сопруга Кари, како добар домаќин, ги однесе претседателот Џо и „првата дама“ Џил Бајден – на прошетка покрај морскиот брег.

(Д.Л.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Свет

Горе