Поврзете се со нас

Skopje Global

Фукујама: Кина има стратешки цели на Балканот

Западен Балкан

Фукујама: Кина има стратешки цели на Балканот

ChinaImages/Depositphotos.com

Фукујама: Кина има стратешки цели на Балканот

 

Угледниот американски професор на Универзитетот Стенфорд и футуролог, Френсис Фукујама изјави дека кога настапува на Балканот, нудејќи се како деловен партнер и влегувајќи во проекти во разни сектори во овој регион, Кина нема само економски причини, туку и надворешно – политички и стратешки цели.

Во разговор за Радио Слободна Европа, Фукујама кој во светот стана познат по својата книга „Крајот на историјата и последниот човек“ – балканската ситуација, врзана за кинеското навлегување ја има анализирано низ приликите во Република Србија и тамошните нелиберални и автократски тенденции.

Но, зборувајќи за кинеското однесување на балканските простори рекол дека тоа е дел од процесот познат како „17 плус еден“ преку кој Пекинг има осознаено дека само на тој начин може да обезбеди (и политичко) влијание во држави кои се членки на НАТО и кои како што се земјите од Западен Балкан, настојуваат да и се приближат на Европа/ЕУ и на нејзините интеграциски процеси.

Политички автопат во Црна Гора

Само затоа Кина е подготвена да влезе во еден, или во неколку други проекти кои немаат никакво економско оправдување, како што во најново време стана актуелно изградбата на енормно скапиот, а веројатно нерентабилен и не исплатлив автопат низ Црна Гора, во должина од 180 км. но со вредност од една милијарда евра.

За овој проект што се работи со кинески пари – државен заем, се вели дека ја има доведено оваа мала поранешна ЈУ република на работ од банкрот, затоа што Црна Гора, едноставно, по длабоката криза на нејзината економија (и поради пандемијата и крахот на туризмот), нема пари за исплатата на првата рата од кредитот која доспева на крајот од овој месец.

Црногорската влада побара помош и спасување од ЕУ (како земја кандидат која ги има покренато преговорите за влез и како членка на НАТО). Но Брисел нема механизам да дава пари (позајмици) на земји кои не се членки на Унијата, а европски медиуми веќе предупредуваат дека Кина, за возврат, за долгот, бара дел од земјиштето – трасата по која се минува автопатот – во трајна сопственост.

Има мислење и дека Пекинг бара и повеќе од тоа – целото или барем поголемиот дел од пристаништето во Бар го бара за себе, што би и овозможило на Кина излез на Јадранско Море, откако веќе е на Егејското, со купени терминали во пристаништето во Пиреја.

Минимални стандарди за во ЕУ?

Фукујама за црногорскиот случај смета дека грешката е кај владата на претседателот Мило Ѓукановиќ, како кинески локален партнер, која се согласила на една таква солуција во случај на несолвентност – да ја нуди сопствената државна територија.

Американскиот професор се согласува дека Кина, заедно со Русија се обидуваат да го искористат за себе и своите стратегии вакуумот на Балканот, што го има создадено ЕУ, со раширувањето на приказната за некаква „измореност на Европа од процесот на проширувањето“.

Како модел за извлекување од ваквата состојба, Фукујама сега сугерира ЕУ брзо да возврати – со спуштање на нивото на барања кон новите (балкански) членки и да инсистира на минимални стандарди што земјите – кандидати за влез во Унијата треба да ги исполнат – за влез во Европа.

Отворање пат за Европа

Според Фукујама, во секој случај, ЕУ има многу добра причина да биде внимателна во врска со кандидатите и при примањето нови членки, посочувајќи го посебно примерот на Србија и нејзиното однесување, најмногу поради силните – како што рекол – нелиберални и автокарски тенденции во државата.

Тој ја посочува Србија како земјата која и отвора пат на Кина (за влез во целиот регион) што е дел од кинеската стратегија за натпревар во геостратегијата со ЕУ и Западот,

„Меѓутоа, ако Србија, или било која друга земја во регионот сака да биде дел од Европа, мора да го направи суштинскот избор на вредности – дали сака да се изгради и да биде либерална демократија, или пак да се претвори во нелиберален, полуавторитарен тип на држава“ – има речено Фукујама.

Американскиот професор, притоа, ја критикува и самата ЕУ што склучува инвестициски договор со Кина, што Парламентот на Европската унија во Стразбур, сега го има ставено во состојба на „стенд – бај“ – на исчекување.

„Неизбежен судир“

Ваквата негова позиција самиот ја објаснува со тврдењето дека Кина е вид на тоталитарна држава која, според него, секоја година станува се потврда и поагресивна, откако на чело на комунистичката партија и на државата се наоѓа Си Џинпинг, од 2013 година, кого официјален Белград, во една прилика, го има означено како „брат“ на Србија!

Фукујама смета дека како што одминува времето, станува неизбежен судирот со Кина – не само околу вредностите (демократија и либерализам, отворено општество), туку и на планот на геостратешките интереси. Тука според американскиот научник ќе се води главната битка.

„Мислам дека расте можноста од судир со Кина и тоа е нешто што ќе мора да се планира – без разлика дали таквиот судир ќе се нарече студена војна, или не“ – рекол во интервјуто професорот на Стенфорд Универзитет, Френсис Фукујама.

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Западен Балкан

Горе