Поврзете се со нас

Skopje Global

Израел – конечно – без Нетанијаху

Свет

Израел – конечно – без Нетанијаху

Wlad_Mus/Depositphotos.com

Израел – конечно – без Нетанијаху

За прв пат после цели 12 години, Израел има влада што не ја предводи Бенјамин Нетанјаху.

Овој десничарски и националистички определен политичар, лидер на партијата Ликуд,  (заедно со еден мандат од почетокот на неговата кариера) беше израелски премиер вкупно – 15,5 години. Како никој досега, во современата историја на државата, што се верува дека (овој пат) беше и причина да биде – конечно – соборен од власта.

Едноставно, како што велат во Ерусалим,  на сите им има здосадено , особено што последниве неколку години се прикажуваше себе си и како „незаменлив“ и како единствениот политичар кој може да биде лидер на Израел.

Нафтали Бенет – нов премиер

Затоа, неговиот пад и симнувањето  од власта, во Тел Авив и во Ерусалим беше воодушевено поздравено од симпатизерите на неговите политички противници кои низа години по ред го обвинуваа дека го има „заробено Израел“, подредувајќи ја целата држава на своите политички амбиции – да остане “вечниот премиер“ или да биде некаков израелски “ крал“ што треба доживотно да остане на тронот.

Наследник на премиерската функција е Нафтали Бенет (49), лидер на десничарската партија Јамина (Десно).

Во Кнесетот (Парламентот) тој успеа да обезбеди минимално мнозинство (од само еден пратеник) што, сепак, беше доволно за да го собори “доживотниот премиер“ Нетанијаху (72), кого неговите симпатизери милуваат да го ословуваат како „Биби“. Новиот премиер ја доби довербата и покрај  силниот притисок на Нетанијаху врз пратениците и заканите и плашењето на израелската јавност дека новата владејачка коалиција претставува “закана за израелската безбедност“.

Осум партии во коалиција

Дури осум партии ја сочинуваат кревката коалиција кои згора на се, меѓу себе се и идеолошки крајно спротивставени – од десничари, до левичари и центристи. Од умерени, до националисти до (за прв пат во историјата на државата) –  арапски исламисти кои се најдоа во владејачкиот блок. Ваквиот „шарен“ партиски блок беше создаден и тој успеа да се обедини само врз анти – Нетанијаху основата. Без разлика што Бенет е поранешен близок соработник на “Биби“ и министер на три различни ресори во  неговите поранешни влади.

Врз основа на коалицискиот договор, Бенет ќе биде премиер во првите две години од четиригодишниот мандат, а во следните две – премиерската функција ќе ја преземе Јаир Лапид, лидер на центристичката партија Јеш Атид (Има Иднина), кој сега е новиот министер за надворешни работи.

Досегашниот премиер, му ја предаде власта на неговиот наследник во, велат – крајно „студена“ церемонија во премиерскиот кабинет која траела едвај 30 минути – без ракување и фотографирање и без традиционалната церемонија на давање изјави до израелската јавност.

„Биби“ во стилот на Трамп

Во атмосфера која е типична за политичари – властодршци кои се претвораат во деспоти и во стилот кој потсетува на постапката на вмровската врхушка во Македонија на сега избеганиот екс премиер – затвореник, откако пред четири години сфатија дека не може да создадат коалиција и да владеат сто години. Нетанијаху и неговиот Ликуд, губејќи ја власта,  имаат направено се за да ја омаловажат новата влада – не сакајќи да го прифатат нејзиниот легитимитет.

За разлика од македонскиот случај – кога со странска помош поразените властодршци се обидоа да изведат пуч (27 април 2017), во израелската демократија тоа го нема. Но, гневниот „Биби“ го одби целиот редовен протокол, па како и Доналд Трамп кој побегна од инаугурацијата на Џо Бајден, новиот лидер на израелската опозиција, во тоа време закажа состанок со целата десничарска опозиција – за договор за брзо соборување на власта!

Еден од пратениците на (сега) опозицискиот Ликуд изјавил за израелското радио дека Нетанијаху не му ја предал власта на на новиот премиер, на традиционалниот начин – со церемонија во премиерскиот кабинет – затоа што се чувствувал ИЗДАДЕН СО СОЗДАВАЊЕТО НА КОАЛИЦИЈАТА – како и дека не сака таа да има легитимитет.

Израел – заробена држава

Наместо тоа, бившиот премиер сега се заканува на сите страни со „брзо соборување“ на сегашната “слаба“ и „катастрофална“ влада, ветувајќи им на Израелците дека набргу ќе се врати на власт. Тој им порача на своите политички противници дека нема намера да оди во пензија и да се повлече од политиката, пто би било нормално во вакви прилики и со оглед на неговата возраст.

Нетанијаху  веќе најавува дека сака одново да биде премиер и лидер на Израел, меѓу другото и затоа што над него виси заканата од затворска казна, затоа што е обвинет за злоупотреба на службената должност, за земање поткуп и за корупција.

Новата владејачка коалиција и партиите во неа, меѓутоа, го обвинуваат доскорешниот премиер дека го има заробено Израел, дека владеел авторитарно – деспотски и дека ги злоупотребувал поделбите во израелското општество за да може да владее.

Постојано потпалувајќи тензии и судири во државата и во општеството. Прво, меѓу Евреите и Арапите, злоупотребувајќи ја историската недоверба што меѓу нив постои едни, но и меѓу самите Евреи – спротивставувајќи ги умерените и секуларистите, со ортодоксните и религиозните, како и десничарите со националистите.

Промена на надворешната политика?

Бенет кој е само 13 – ти по ред премиер од 1948 година, од создавањето на државата Израел, најавува помирување и обединување на израелското општество кое според него, како ретко досега е поделено.

Токму таквата поделба и недовербата што е всадена (од нетанијаховиот начин на владеење) е причина што над две години земјата беше во  политичка криза , во кои државата беше без влада, иако се одржаа дури четири – едно по друго вонредни избори на кои немаше вистински победник.

Новиот шеф на дипломатијата Лапид, навести промена на стратегијата на израелската надворешна политика – пред се, со обнова на соседските односи со Јордан, потоа обнова на односите со ЕУ со која Нетанијаху војуваше, како и со Демократската партија на САД. Веднаш по именувањето, Лапид разговарал телефонски со државниот секретар Ентони Блинкен, околу „специјалните односи“ на САД и Израел.

И Нафтали Бенет, а и Јаир Лапид, меѓутоа, изјавија дека Израел ќе продолжи да се спротивставува на враќањето кон нуклеарниот договор меѓу шесте големи сили и Иран, како и дека „со сите средства ќе се спротивставува Иран да има нуклеарно оружје“.

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Свет

Горе