Поврзете се со нас

Skopje Global

Русија во неочекувана корона криза

Здравје

Русија во неочекувана корона криза

bellena/Depositphotos.com

Русија во неочекувана корона криза

Главниот руски град – Москва продолжува да бележи рекорди во бројот на новозаразените со коронавирусот, во време на опуштање пред летната сезона и подготовките на руските граѓани за годишните одмори и во услови на релаксација на досегашните санитарно – здравствени мерки за борба со пандемијата.

Здравствените власти во петокот соопштија дека само во текот на 24 часа, во Москва, официјално биле регистрирани околу десет илјади новозаразени. Тоа е најмногу во еден ден од почетокот на пандемијата!

Во исто време, официјално, во Русија се регистрирани над 460 смртни случаи од Ковид – 19 и од последиците на коронавирусот, што е највисока бројка од 18 март оваа година. Само во главниот град имало стотина починати, а во цела Русија околу 17.500 новозаразени.

Брз раст на новозаразени

Овие бројки само ја илустрираат оценката што претходно ја има дадено московскиот градоначалник Сергеј Собјанин за тоа дека главниот град на Русија се соочува со „експлозија од нови случаи на инфицирани лица“. Состојбата, велат, толку брзо се менува што се стравува дека Москва, може мошне брзо да го достигне врвот на епидемијата од минатата година.

Според московските здравствени власти, сегашната ситуација, гледана низ бројот на новозаразените и низ темпото со кое тие бројки растат, наликува на онаа од декември 2020 година.

Болничките капацитети веќе се исполнети 70 отсто, па проценка е дека доколку бројот на новозаразените се зголемува со досегашното темпо, најверојатно, во рок од три недели во болниците на Москва ќе нема слободни кревети.

Она што најмногу загрижува е сознанието дека далеку најмногу новозаразени се со индискиот тип на корона вирусот, сега официјално именуван како Делта вирус, како и тоа што во тек е одржувањето на Европското првенство во фудбал.

Индиски сој и фудбал

Во Москва нема натпревари, но еден од градовите каде се игра фудбал и тоа пред публика, иако не пред полни стадиони, е Сенкт Петерсбург и тамошниот стадион. Шест мечеви од првенството се играат во овој втор по големина град во Русија.

Ситуацијата таму не е како во Москва, но локалните здравствени власти јавуваат дека и таму има нови случаи на инфицираност со индискиот вид на коронавирусот.

За потребите на европското првенство, на кое учествува и Русија, во главниот град беше определена локација со голем екран, за следење на сите натпревари, во близината на стадионот „Лужники“. Веднаш по избувнувањето на новата криза околу пандемијата, московските градски власти го забранија заедничкото следење на мечевите.

Московскиот градоначалник и пред повеќе од една година, прв во земјата откри дека ситуацијата со короната е многу потешка од онаа која ја прикажуваа руските епидемиолошки власти и побара од владата силни мерки за заштита за да се спречи ширењето на заразата. Сега Собјанин одново прв, бара остра борба против враќањето на короната, што се има појавено во многу посериозен облик отколку што е тоа случај во Европа, но и во самата Русија.

Изненадување за властите

„Мораме итно да реагираме и енергично, доколку не сакаме одново да броиме жртви“ – рекол градоначалникот на Москва за локалните медиуми.

Прашање кое сега се поставува во руската и посебно во московската јавност (главниот руски град, во поширокото подрачје има околу 20 милиони жители) се однесува на тоа – како сето ова можеше да се случи.

Дали новата експлозија на пандемијата и обновената корона криза, за која властите велат дека ги изненадила, сепак, требаше да се очекува. Како и тоа – од каде толку многу заразени со индискиот вид на вирусот, кога имаше блокади и локдауни – со забрани за собирање на поголем број луѓе, ограничувања за салите за забава, за театрите или концерти.

Русија беше една од првите земји која објави дека има произведено вакцина против овој вирус, па дури и почна со вакцинирање на населението уште во декември, а од почетокот на оваа година, силно ја нудеше својата вакцина, како една од најдобрите и најефикасните.

Проблеми со вакцинацијата

Како што во една прилика има речено претседателот Владимир Путин, руската вакцина Спутник е квалитетна како што е квалитетна и познатата полуавтоматска пушка „Калашников“.

Сега, меѓутоа, се открива дека епидемиолозите подолго време предупредувале дека короната може да се врати и дека индискиот вирус може да се „нафрли врз Русија со целата жестина“.

Експертите забележуваат дека било грешка што во земјата ниту еднаш не бил воведен локдаун на ниво на целата Русија, како што тоа го направи Турција, минатиот месец, туку карантините се спроведувани на ниво на региони, различно од еден до друг.

Како посебен проблем епидемиолозите го посочуваат процесот на вакцинација кој, според нив, се одвива со крајно забавено темпо.

Задолжителна имунизација?

Прво, над 40 отсто од Русите имаат изјавено дека на никаков начин нема да се вакцинираат, со било која вакцина, додека само други 20 отсто се согласуваат, само доколку тоа значи дека ке може да патуваат во странство.

Таквата ситуација предизвика, до средината на овој месец – со една доза да се вакцинирани 12,8 отсто од населението, додека двете дози ги имаат примено само 9,9 отсто од Русите.

Новата криза со короната, затоа, сега се користи за да се покрене процесот на вакцинацијата. Овој пат, меѓутоа, се размислува таа да се направи задолжителна за многу витални професии, посебно за вработените во оние сектори кои се во постојана комуникација со многу луѓе.

Има и идеи да се употребат дури и мерки на присила – како, на пример – дека ќе се загуби работата и работното место доколку се продолжи да се бојкотира вакцинирањето.

(Д.М.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Здравје

Горе