Половина милијарда за жртвите на „Боинг“
Американската компанија „Боинг“ објави дека има формирано посебен фонд од 500 милиони долари, што ќе се доделат како финансиска отштета за семејствата и блиските на загинатите патници при паѓањето на двата авиони “737 Макс“ на овој производител
Во несреќите на најновиот „боингов“ модел – првата на компанијата „Лајан Ер“ во 2018 и втората, на „Етиопијан Ерлјнс“ во 2019 година, загинаа 346 патници и членови на екипажите во двете летала.
Фондот е резултат на спогодбата со американското министерство за правда. Според изјава на претставник на „Боинг“, секое семејство на жртвите во двете несреќи ќе добие по околу 1,5 милион долари.
Казна од 2,5 милијарди долари
Во јануари годинава, компанијата се обврза да исплати отштета за сите жртви и се спогоди со министерството да плати 2,5 милијарди долари, откако американското обвинителство ја обвинија компанијата „Боинг“ дека со измама издале сертификати-дозволи за вклучување во редовен сообраќај за двата паднати авиони.
Спогодбата на компанијата со министерството – за плаќање огромна казна – и овозможи на оваа компанија да избегне судење, кое се смета дека уште повеќе ќе му наштетеше на угледот и на престижот на „Боинг“ кој и онака е погоден со двете несреќи на неговиот најнов модел „737 Макс“. Меѓутоа, спогодбата не ја одбегнува можноста за граѓанска парница – за исплата на обештетување на семејствата на жртвите.
Се смета дека тој дел од „порамнувањето“ не завршува со определената половина милијарда долари и дека граѓанските парници би можеле допрва и да се интензивираат по разни основи.
„Профитот пред моралот“
Според американските медиуми, компанијата се има спогодено со најголемиот број од семејствата на жртвите при паѓањето на авионот на „Лајан Ер“, но дека многу прашања се останати отворени во случајот со уривањето на „боингот“ на „Етиопијан Ерлајнс“ и со семејствата на жртвите од оваа несреќа.
Најмногу околу тоа – зашто „Боинг“ оставил овој тип авиони да продолжат да летаат, по падот на првиот „737 Макс“, кога производителите на авиони, обично, по авионска несреќа, самите бараат приземјување на моделот, додека не се утврди причината за падот.
Министерството за правда на САД тврди дека компанијата во овие случаи – профитот го имаат ставено пред моралноста и грижата за безбедноста на патниците – па едноставно ја имаат сокриено од овластената американска Управа за воздухопловство (ФАА) за недостатоците на моторите кои се вградуваат во авионите „737 Макс“.
Компанијата „Боинг“ меѓутоа, ги отфрла ваквите обвинувања и тврди дека ги има преземено сите мерки за да се исправат недостатоците и за да се поправи безбедноста на ова летало.
Премногу софистициран кокпит?
Конгресмени во Претставничкиот дом на САД, на Капитол Хил бараат да се покрене и посебна, независна истрага, околу тоа како оваа голема и угледна компанија се однесува кон безбедноста во авионскиот сообраќај.
Моделот „Боинг 737 Макс“ беше присилно приземнет, со забрана за летање, цели 20 месеци, по двете несреќи. Повторно се произведува и лета, откако ФАА наложи комплетно нов софтвер во пилотските кабини, како и сосема нов пристап во обуката на пилотите кои ќе летаат со овие авиони.
Претпоставка на некои авионски експерти е дека паѓањето на двата авиони е предизвикано од недоволната обученост на посадите на авионите (пилотите и копилотите) со „премногу софистицираниот“ нов модел на „Боинг“.
Бизнис експерти, пак, проценуваат дека “737 Макс“ е „најголемото промашување на компанијата“ кое за малку скапо ќе го чинеше „Боинг“.