Поврзете се со нас

Skopje Global

Инцидент кај српскиот претседател

Западен Балкан

Инцидент кај српскиот претседател

Инцидент кај српскиот претседател

Првиот политички дуел во Србија, што би требало да биде дел од долго најавуваните преговори на власта и опозицијата, наместо на преговарачка маса, се случи во ходникот на зградата во која е канцеларијата на претседателот на државата – како жестока кавга, онака од нога, меѓу Александар Вучиќ и лидерот на опозициската Народна Партија, Вук Јеремиќ.

Според белградските медиуми, во силната расправија биле разменети остри, навредливи и заканувачки зборови и од двете страни и – како што се вели – малку требало да дојде и до физички судир, откако еден на друг си размениле зборови во стилот – „Дојди да се тепаме, ако можеш“, или пак „Излези надвор, па да видиш“…. што ќе се случи.

Меѓутоа, ништо не се случило. Немало тепачка.

Сега двете страни раскажуваат сосема различни верзии за настанот и свои објаснувања за инцидентот – каков велат – немало во поновата српска политичка историја. Освен што министерот за полиција тврди дека специјалците на единцата „Кобра“ го “спасиле Јеремиќ да не го добие од Вучиќ она за што дошол“ – ќотек – или што ќе рече да биде натепан.

Недоличен случај

Во Белград велат дека овој министер, сепак, не е човек за верување, бидејќи тој е многу повеќе познат по тоа што е способен самиот да предизвика инцидент. Јеремиќ, пак, има речено дека расправијата – ја надгледувале само четворицата од обезбедувањето на претседателот, не споменува специјалци и тврди дека безбедњаците не се замешале, затоа што за тоа немало потреба.

„Добро знаев што ќе се случи со мене, доколку и раката се обидов да ја испружам кон Вучиќ, реагирајќи на неговото неконтролисано однесување и хистеричниот настап, затоа и ги држев рацете припиени до телото“ – рекол лидерот на „народњаците“ за една белградска независна телевизија, демантирајќи го тврдењето на министерот за полиција Александар Вулин, дека некој се замешал во кавгата.

Како и да е, јавноста се согласува дека во Белград се има случено инцидент, како да е на на улица, или на некој стадион, а не во зградата каде е претседателот. Тоа, во секој случај, не им доликува ниту на едниот, а ниту на другиот. Особено што целиот настан што некои од луѓето од Народната партија, кои биле со својот лидер, го снимиле и караницата ја ставиле на интернет, најмногу од се – прави лоша слика за самата држава.

Повик за пресметка

Што точно се има случено – меѓутоа – не е познато, па реконструкција на настанот даваат Јеремиќ и тројцата други функционери.

Независните медиуми, во овој повод потсетуваат дека Вучиќ, во својот веќе познат стил, на јавни настапи со долги монолози, често знае јавно да се кара со луѓе од опозицијата, или да ги повикува своите политички неистомисленици и противници – физички да го нападнат.

Зборувајќи им дека не им се плаши и дека во евентуална таква ситуација (пресметка), сам ќе се брани!?

Последен пат тоа се случило пред некој ден кога во една своја долга елаборација, претседателот во еден момент се нафрлил врз неколкумина негови жестоки критичари, меѓу кои и Јеремиќ и неколкумина од неговата партија. Во таа прилика, им порачал на сите по име споменати – ”Дојдете мене да ме линчувате, а не некој друг (на кои им се заканувате)“ – додавајќи дека тој сам ќе дојде да се пресмета со нив!

„Сочни“ пцости и лични навреди

Овој пат, лидерот на Народната партија, со тројца сопартијци, решиле да одговорат на повикот.

Уредно се пријавиле на пријавницата во претседателството, а кога го известиле претседателот дека има посета и каква е таа – велат – „долетал“ долу, во ходникот, онака по кошула и гневен и налутен, веднаш почнал да се расправа со гостите. Му се втурнал во лице на Јеремиќ – викајќи на него – „Ајде, бре тепајме сега” – на што лидерот на „народњаците“ возвратил – „Излези надвор“.

Во еден момент гостинот предложил, двајцата да се појават во дебата на државната РТС телевизија, која во Србија важи за “Бастилја на власта и на владеачката партија“. Но, според тврдењето на партиските функционери на Народната партија – претседателот Вучиќ го одбил тоа и се вратил во својата канцеларија.

Расправијата траела неколку минути и (велат) во неа имало се и сешто, вклучувајќи и сочни пцости и „народски“ лични навреди, со врескање кое предизвикувало непријатност кај луѓето од безбедноста кои и не знаеле како да реагираат.

Шокирана јавност

Српската јавност остана шокирана од она што го има на социјалните мрежи, но и длабоко поделена, како по мнону други работи.

Критичарите на власта и сите оние кои се наклонети кон опозициските партии – остро го осудуваат Вучиќ и неговото однесување. Овие сметаат дека во инцидентот шефот на државата „за прв пат си го покажал вистинското лице“ – и ја одобруваат постапката на Јеремиќ.

Другата страна, пак, остро се пресметува со „провокаторите“ од народната партија, обвинувајќи ги за целиот инцидент, но и исмевајќи ги, како што тоа го има направено премиерот Ана Брнабиќ.

А, целата оваа непријатна ситуација настана откако партијата на Јеремиќ обелодени дека располага со документ на српската влада, од кој се гледа дека била донесена тајна одлука за гасификацијата во дел од западна Србија. Проектот има вредност од 75 милиони евра и владата и го доделила на фирма блиска на власта – без било каков тендер.

(Д.Б.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Западен Балкан

Горе