Поврзете се со нас

Skopje Global

Неуспех на крајната десница во Франција

Европа/ЕУ

Неуспех на крајната десница во Франција

ifeelstock/Depositphotos.com

Неуспех на крајната десница во Франција

Француската крајна десница, предводена од Марин Ле Пен и нејзиниот националистички и популистички Национален фронт, веруваа во успех на неодамна завршените регионални избори во Франција. Очекуваа тие да им обезбедат водечка стартна позиција на ултрадесничарите, на претседателските избори, во април идната година.

Разните анкети навестуваа дека Ле Пен има (мала) предност пред центристите на претседателот Емануел Макрон, па затоа се веруваше  дека таа и нејзиниот Фронт  ќе можат за прв пат од постоењето на партијата, да победат во еден француски регион и да управуваат со него.

Во прилог на ваквите очекувања се земаше намалувањето на рејтингот на Макрон, протестите против носењето закони кои им ги зголемуваат овластувањата на полицијата, како и „лошата безбедносна ситуација“ во земјата – како што тоа го тврдат десничарите.

Гласачите против десничарите

Пред овие регионални избори, на два пати се огласија група пензионирани генерали на француската армија, сите приврзаници на десничарењето – со предупредување до претседателот  дека земјата е “на работ од граѓанска војна“.Мислејќи притоа на нетрпеливоста со бројното муслиманско население. Во таквата атмосфера, некои европски продесничарски медиуми  побрзаа да ја прогласат Ле Пен за фаворит и на претседателските избори во 2022 година.

Нејзината партија и таа самата, како лидер на Фронтот, меѓутоа, уште еднаш доживеаја пораз.

Не освоија ниту еден француски регион, па следните шест години – до следните избори – ниту еден регион нема да има ултра – десничар за претседател.

Ле Пен настојуваше по секоја цена да ги освои (етнички шарениот) југ на земјата и североистокот, околу градот Кале, каде има најсилен притисок од азилантите и бегалците. Посебно и беше важно да победи во регионот Прованса – Алпи – Азурен Брег, како силна отскочна штица за претседателските  избори, но и во двата региони победија републиканците – десноцентристичка партија.

Оваа партија која многу пати досега имала свој човек во Елисејската Палата,  преку успехот во Прованса – Алпи – Азурен Брег и  победата на  Хавијер Бертранд, сега настојува да го промовира новоизбраниот претседател на регионот, за свој претседателски адут на изборите за десет месец

„Непринципиелна коалиција“

Првичната оценка за изборите е  дека Франција уште еднаш се определи против крајната десница, против национализмот, популизмот и омразата, штоинаку се врзува за партијата на Ле Пен, иако се гласаше на регионални и во основа, локални избори.

Како по обичај, неуспехот на овие избори Ле Пен го оправдуваше обвинувајќи ги сите други партии дека (одново) направиле „непринципиелна коалиција“ – само нејзиниот Фронт да не може да обезбеди изборна победа, без разлика што поединечно, во неколку региони е партија која има добиено најмногу гласови.

Гласачите, пак, иако овој пат на гласањето излегоа во рекордно мал број (35 отсто од запишаните), уште еднаш покажаа дека кога треба да се бранат демократските принципи врз кои се темели француската република, тие се определуваат против крајната десница и нејзиниот национализам, свртувајќи се кон умерениот конзервтивизам на републиканците и кон социјалистите.

Победа на демократијата

Се покажа дека во таквата ситуција, овој пат, профитираа овие две партии кои (неочекувано) забележаа подобар успех од оној што го навестуваа предизборните прогнози, но и од партијата ЛРЕМ (Републиката маршира) на претседателот Макрон.

Неговите центристи, во двата круга гласање , исто како фронтовците, не успеаја да победат во ниту еден регион. Но, оваа партија за прв пат учествува на едни регионални избори, затоа што на претходните, во 2015 година, партијата на Макрон, едноставно, не постоеше.

Како и да, аналитичарите во Париз од овие регионални избори извлекуваат неколку заклучоци.

Првиот и според нив- најважниот –  е дека победи демократијата. Вториот заклучок е дека покрај неуспехот на ЛРЕМ, Марин Ле Пен и крајната десница, сепак,  се најголеми губитници – не толку според крајниот исход, колку според пораката која ја примија од гласачите.

Се покажа дека мнозинство од Французите, одново е подготвено да гласа против десничарењето, против идеологијата на Ле Пен и она што таа и нејзините заговараат, за една поинаква, неевропска Франција.

Предупредување за Макрон

Тоа не помина на неколкуте претходни претседателски избори, а  не помина ни во 2017 година, кога и десницата и левицата се здружија – оставајќи ги настрана идеолошките разлики – за да го подржат (тогаш) непознатиот  Емануел Макрон, кога се одлучуваше меѓу неговиот центризам и европејството и ултрадесничарењето на Ле Пен, во вториот круг на тие  претседателскит избори.

Сепак, аналитичарите се согласуваат дека работата околу изборите во следната година, се далеку од тоа дека се завршени. Како за Макрон, кој се уште  се нема изјаснето дали ќе се кандидира за втор мандат, така и за кандидатите на левицата, на крајната левица, или на десно-центристите (најверојатно) собрани околу Бертранд – вистинскиот победник на регионалните избори.

Актуелниот претседател, како и да се одлучи, за изборите во 2022 година, од регионалните избори доби силна порака дека ја нема поддршката што ја имаше пред четири години. Се верува дека тој се уште не може да се опорави од долгите протести на „жолтите елеци“.

Особено што француската јавност не го одобрува нивото насилство и екстремизмот на улиците, но не е против некои од нивните барања.

Лекција за Истокот на ЕУ

Во секој случај, француските регионални избори се лекција за гласачите и за јавноста во делови од Европа, каде веќе извесно време се кокетира со национализмот и со популизмот, при што се „продаваат“ антиевропски принципи за сметка на вистинската демократија, човековите слободи и либералното општество. Сето тоа сместено во лажниот патриотизам.

Го има тоа на Западот, но станува загрижувачко на Истокот од ЕУ. Во Унгарија и Словенија, пред се – обете земји предводнички во транзицијата од пред 30 години, сега вратени назад 30 години, во тоталитаризмот од кои се излезени.

Во тоа друштво на предавници на европската кауза, се и Полска со нејзиниот национализам и конзервативизам, како и Бугарија, која им се врати на корените на националистичката хистерија, од времето на последниот комунистички диктатор, откажувајќи се на тој начин од вреностите на Европа.

Го има тоа и во Западен Балкан, кај земјите претенденти за влезе во ЕУ. А, го има и во редовите на македонската националистичка, антиевропска и антизападна опозиција, која војува против вистински проевропската влада во Скопје, не нудејќи ништо, освен враќање назад на еден (еднаш веќе) отфрлен, корумпиран и криминален режим. И во Македонија, таквата анти европска политика се пакува во наводната  „заштита на националните“ интереси.

(Д.П.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Европа/ЕУ

Горе