Поврзете се со нас

Skopje Global

Западен Балкан

No Pasaran на Румен Радев

Wirestock/Depositphotos.com

No Pasaran на Румен Радев

Остана запаметен од годините на Граѓанската војна во Шпанија, повикот на шпанските републиканци – No Pasaran – упатен до трупите на генералсимусот Франко дека нема да им се дозволи да поминат, што ќе рече, дека нема да го освојат Мадрид и да победат.

Франковистите, меѓутоа, и поминаа и победија. Но, борбената порака, испратена од фронтот, во намерата да се подигне моралот на борците кои војуваа против фашизмот, остана запаметена. Остана да живее, меѓудругото и како пример за тврдоглавото и речиси дрското самохрабрење и инаетење, наспроти реалноста на теренот, на силината на оружјето и неможноста да се победи. Во секој случај, таа порака беше и остана разбирлива за тоа, сега веќе, дамнешно време, затоа што беше време во војна.

Сосема е неразбирливо, меѓутоа, кога таквото однесување, низ една слична таква порака – Нема поминување – се користи во денешно време, за една сосема друга ситуација, во мирни услови, во време без војна, без војување и судири на фронтот. И за една сегашна, актуелна политика.

Држава – уценувач

Несфатливо е затоа, кога еден претседател на држава, уште и членка на ЕУ – создадена за да го потикнува мирот и разбирањето меѓу луѓето на разни народи на европскиот континент – ќе и порача на друга држава – засега  само кандидат за влез во таа ЕУ – дека нема да може да мине по патот до Европа, доколку не ги исполни наметнатите барања на државата – уценувач.

Државата е Република Бугарија, а шефот на таа држава е Румен Радев. Земјата на која и е пратена воинствената порака – No Pasaran – е Република Северна Македонија, а луѓето кои се изложени на ваквата закана се етнички Македонци, Албанци, Турци, Роми и сите други кои живеат на нејзината територија и само сакаат, како и етничките Бугари и сите другите кои живеат на бугарска територија, да бидат дел од Европа, да бидат европски државјани.

Имаат право на тоа, како и оние од Бугарија.

„Во Брисел виа Софија“

Некој ќе рече дека Радев и софиската политичка елита не заслужуваат за нив да се користи најславниот борбен повик од времето на шпанската граѓанска војна. Можеби и не треба. Можеби повеќе прилега бугарскиот претседател да се спореди со унгарскиот премиер, со неговото тврдоглаво контрирање на се што доаѓа од Европа и од Брисел.

Со блокирање на европската стратегија и на насоките од усвоената заедничка политика на ЕУ, а сето тоа во функција на унгарскиот национализам и тамошната авторитарна власт.

Како и да е, како војник на некаков фронт (Радев е поранешен генерал кој ја има симнато униформата за политиката), како да е во некаква рововска битка, доаѓајќи во Брисел, на јунскиот Самит на Унијата, тој на Македонија и се закани дека патот до Европа оди преку Софија. Што ќе рече – за да се стигне во Европа, ќе мора да се исполнат бугарските услови.

При тоа, на своите во Бугарија (како лобист на тамошните социјалисти), но и на сите бугарски гласачи, што сака да ги придобие за уште еден претседателски мандат, им порача дека Бугарија нема намера да попушти (во измислениот спор) што сама го наметна против соседна Македонија.

Или, дека Софија нема да го тргне ветото, што го стави минатата есен, кога ЕУ најави започнување на преговорите на Брисел и Скопје, за македонскиот влез во Унијата.

Воинствениот јазик на екс генералот

„И покрај притисокот што го вршат нашите европски партнери, Бугарија нема да им попушти во врска со преговорите (за пристапувањето на Македонија кон ЕУ), се додека не се разрешат билатералните прашања. Бугарија нема да рече “Да“ додека не види одржлив механизам за искоренување на злонамерниот наратив и однесување (на Скопје) кон Бугарија – во учебниците, музеите, кај спомениците, во медиумите и од владините политики. Односно, се додека Софија не се увери (!?) дека нема да се гради идентитетот (во Македонија) со крадење на историјата на Бугарија“ – рече тогаш Радев,  како вистински генерал на фронт.

И притоа им порачал на европските партнери да не притискаат и понатаму врз Софија. „Ние (Бугарија) покажавме дека нема да има отстапувања, ниту да зоволиме да ни ја виткаат раката со разни лобирања, или со политички и медиумски притисок“ – порача бугарскиот претседател, уште пред да седне на масата на која на Самитети седат лидерите на сите 27 земји членки. Во еден типичен балкански, кавгаџиски стил на исклучивост и на неприфаќање компромис.

Сето тоа се случи откако стана јасно дека извлекувањето на Софија, дека „нема услови решение да се бара додека Бугарија има техничка влада“ и дека никој нема мандат за давање „зелено светло“ за Македонија – едноставно – е измислица и не е точно.

Таков мандат, сепак, има претседателот, но тој не сакаше да го искористи. Повеќе му одговараше да го покажа вистинското политичко лице, промовирајќи ја одново тврдата софиска линија и практично застапувајќи ги националистичките позиции на тамошните десничари, на популистите и на целата ултра – десницата.

Злоупотреба на ветото

Извори на Скопје/Глобал откриваат дека бриселските дипломати останале и разочарани и повредени  од постапката на Радев, а посебно од неговата уценувачка и заканувачка изјава. Од тоа што тој и неговата држава продолжуваат да промовираат политика која е спротивна на линијата на ЕУ, спротивна на стратегијата на Унијата за привлекување на Македонија и на целиот Западен Балкан во европското семејство, за што истата таа Бугарија, во едно време, како силно да се залагаше.

Бугарското вето, затоа,  од почетокот се означуваше само како националистичка злоупотреба на моќта, од позиција на земја која е членка на Унијата.

Но, тоа што Софија со години на ред настојуваше да му се прикаже на Скопје како најдобар и најискрен пријател и уште најголем поддржувач на неговите евро – атлански амбиции, покажува дека Бугарија, всушност, никогаш не била искрена кон својата прва сосетка и водела лажна политика.

Конечно, истата влада која ја започна блокадата на Македонија, претходно потпиша договор за соработка и пријателство со Македонија. Потоа, го ратификува во тамошниот Парламент, со поддршка на сите главни партии и го прикажуваше како свое големо достигнување во процесот на европеизацијата на регионот. И колку за потсетување, во Европскиот совет на ЕУ, Софија веќе има дадено „зелено светло“ за старт на преговорите на Скопје со Брисел!

Лажна политика

Ништо од тоа сега не важи, па затоа веќе не се ниту знае кому воопшто и на која Софија може да и се верува. Уште помалку, кои бугарски ставови и позиции треба да се прифаќаат како искрени и добронамерни.

Но, она што Европа не може да го прифати тоа е дека една земја – членка се осмелува да спори национален идентитет на друга европска држава и сето тоа да го спакува во (наводни) европски стандарди и како одбрана на своите државни интереси.

Во еден момент, помалку очајнички, Германија  сугерираше измена на принципот на вето, на кое се потпираат одлуките во ЕУ, во градењето консензус на сите членки, знаејќи притоа дека тоа е невозможно да помине.

Против се земјите каква што е една Бугарија, кои на овој начин гледаат можност да бидат големи, посебно во сопствените држави, кај сопствените гласачи. Како што тоа претседателот Радев,  онака балкански, го покажа порачувајќи – можете како сакате и колку сакате да притискате, но Софија ќе тера инает и ќе игра голема политика. Сега тоа може да го прави!

И тоа личи на гест на очај, но и на фрустрација. Нема никаква голема политика на Софија во тоа да се претвори во „тројански коњ” на Русија и на Кина – во регионот, како и во самата Унија.

Целокупна Бугарија

Блокадата само ја открива вистината за оваа балканска членка на ЕУ – дека нема ништо од европска Бугарија, за која толку многу зборуваше Бојко Борисов.

Како претседавач на ЕУ, екс премиерот уште им ветуваше на Македонија, на регионот и на Унијата, европеизација на Балканот, нудејќи го притоа како МОДЕЛ ЗА ДРУГИТЕ токму бугарско – македонскиот договор, што таму сега сите, сложно, го  претворија  во тоалетна хартија.

Сега има само тврда, националистичка политика, како во старите комунистички времиња, додека неговиот шеф на државата, ветото го користи како што тоа го прави Унгарецот Орбан. А, тоа е нешто што Западот на Унијата, па и другите членки, не може да прифатат – да се става вето за да се користи како инструмент против правењето консензус за веќе изградена позиција – и на Европската комисија и на целата ЕУ.

Наводно, тоа се прави поради рововската политичка битка за изборите, втори по ред во Бугарија за три месеци, откако првите, на крајот на март, не дадоа вистински победник и партија способна да формира стабилна влада.

Така или не, Европа не се согласува дека во 21 век, некој ќе биде толку неморален за да им ги оспорува идентитетот и јазикот на еден народ – на етничките Македонци – за да се одржува во живот фикцијата дека од Црно Море, па се до Охрид е – „целокупна Бугарија“.

(С.С.Г.)

 

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Западен Балкан

Горе