Поврзете се со нас

Skopje Global

Крим: ни војна, ни мир

Свет

Крим: ни војна, ни мир

marina_ua/Depositphosot.com

Крим: ни војна, ни мир

Обидот на Германија и на Франција да се отвори дијалог со Русија и да се организира Самит на ЕУ со Владимир Путин, по урнек на оној што Унијата го имаше со американскиот претседател Џо Бајден, не успеа да добие “зелено светло“ на последниот европски Самит во Брисел.

Ставот на повеќето членки е дека Москва и понатаму води агресивна политика кон европските соседи, посебно кон земјите од Истокот на ЕУ, поранешни сојузници на Советскиот Сојуз, како и дека делува за дестабилизација и за разбивање на единството на Унијата.

Но, над се, европејците сметаат дека (сега) нема основа да се градат мостови за соработка и да се обноват годишните самити, што се прекинаа во 2014 година, затоа што нема никаква промена со ситуацијата во и околу Украина.

Крим останува анектиран и Кремљ не само што не покажува никакви знаци дека е спремен да се преговара за статусот на овој полуостров, туку својата позиција постојано ја заострува. Донбас (источно – украинските области Луганск и Донецк), од друга страна, се на пат да бидат претворени во трајни руски енклави, или дури и независни држави, по урнек на Придњестровје во Молдавија, или Абхазија и Јужна Осетија, во Грузија, кои Москва одамна ги има признаено како посебни државни територии.

„Потребна е комуникација“

Париз и Берлин се на мислење дека и покрај сите овие состојби, има работи (во Европа и низ светот) за кои е потребна комуникација со Москва. Тоа се однесува на состојбата со климатските промени, ситуацијата околу нуклеарниот договор со Иран, ситуациите во Сирија и во Либија – каде двете страни се на еден, или на друг начин инволвирани – па, потоа, актуелната криза со пандемијата со короната.

Конечно, Германија и Франција сметаат дека низ дијалог би можеле да се намалат тензиите во европско – руските односи, а преку тоа, би можел да се намали и притисокот на Русија врз ЕУ, нејзиното мешање во европските состојби и дестабилизацијата на цели региони, како на пример, Западен Балкан каде Москва, на тој план, е силно инволвирана.

Балтичките земји, пред сите другите, како и Полска, со нејзината традиционална и историска недоверба кон Русија, но и некои други земји, се на мислење дека сепак е рано да се „награди Путин со обнова на дијалогот“ во услови кои постојат само поради агресивната руска политика и нејзината ароганција кон Брисел и целата Унија.

Против обнова на дијалогот

Се посочуваат навредливиот однос на Сергеј Лавров и на Москва кон европскиот шеф на дипломатијата Јосеп Борел, кога тој беше во службена посета на Русија, а сега се придодава и ситуацијата во Белорусија, поддршката на Русија за тамошниот диктатор Александар Лукашенко и претворањето на белоруската територија во своевидна “тампон држава“ меѓу Русија и НАТО.

Не мал број држави од ЕУ се на позиција, дека наместо олабавување на блокадата во односите, треба да се додадат уште повеќе санкции, потоа, да се преземат мерки против руското „бомбардирање“ на Европа со дезинформации и со лажни вести, против сајбер нападите и мешањето на Москва во самиот блок – со поставување свои „тројански коњи“.

И, над се, некои европски дипломати сметаат дека без разлика на добрите и разбирливи намери на „двоецот“ Берлин/Париз – токму руската страна прави се за да не се обнови дијалогот и да се создаде, каква – таква доверба. Наместо тоа, Русија продолжува да пере пари на Западот, преку западните банки, а руските олигарси остануваат и натаму орудие на Кремљ за бројни коруптивни зделки.

Ваквата европска позиција е уште повеќе разбирлива кога ќе се види дека врз една Украина се продолжува со агресивното однесување и со заканите. Тоа оди во стилот дека доколку Москва посака, може во секој момент да ја нападне и да најде некаков изговор.

Агресивно однесување

Како што тоа се случуваше со месеци, се до пред Самитот на Путин со Бајден, со трупањето војска и со провокативните воени вежби на самата укринско – руска граница. Наводно, затоа што властите во Киев се подготвуваат да извршат напад врз Донбас и таму да изведат некаква „украинска Сребреница“!?

Уште поопасна е ситуацијата околу Крим.

Таму нема пукање, нема војна, но нема ниту вистински мир. Има само напрегната ситуација.

Русите кои го анектираа овој украински полуостров со помош на “малите зелени човечиња” (руските војници, без ознаки на униформите) кои вшетаа вооружени на територијата на полуостровот и го окупираа без испукан куршум, сега бараат од меѓународната заедница, а пред се од ЕУ и од НАТО, да го прифатат „финалното решение“ – дека Крим е руска државна територија.

А, тоа значи дека секое приближување до неговиот брег, значи „агресија врз територијата на Русија“, на која Москва ќе одговори – како што тоа се закани заменик шефот на дипломатијата, воинствениот Рибјаков – со силата на оружјето.

Изнасилен поморски „инцидент“

Заканата Русија, практично ја демонстрираше, користејќи го британскиот разурнувач „Дифендер“, кога објави дека се пукало врз него, како предупредување, а дека воени авиони фрлале бомби (пак како предупредување) по трагата што бродот ја има оставано зад себе.

Од Лондон ги отфрлија како неточни ваквите соопштенија на Москва. Британците објавија дека разурнувачот бил во, од порано, договорена посета на украинското пристаниште Одеса, а потоа тргнал назад за Британија, користејќи го меѓународно признаениот морски коридор, јужно од Крим, на 20 км. од неговиот брег.

Тоа се случувало во време на одржувањето на поморска вежба на руската морнарица во која се пукало, но никој не пукал по „Дифендер“. И, тоа е тоа.

За Британците, како и за меѓународната заедница, коридорот по кој пловел нивниот брод е оној што светот го признава – дека се плови покрај украинскиот брег. За Русите, меѓутоа, тоа веќе не е така.

За нив, разурнувачот пловел покрај „рускиот“ брег и на тој начин ги „повредил руските територијални води“. Изнасилениот случај е затоа искористен за да се прати порака до Европа – признајте ја новата состојба како конечна, за да не дојде до некој вистински инцидент.

Прекин на односите со Донбас?

Во Москва се верува дека ваквата порака би требало да ја прифати и официјален Киев, каде и понатаму се зборува дека „нема откажување од Крим“, како и од другите делови на државата што сега се запоседнати од проруските бунтовници – сепаратисти. Но, од таму (засега) нема никаква идеја, а изгледа дека ниту се трага по неа – како да се дојде до некаков компромис – а, тој мора да се постигне, доколку се сака Украина да го запази својот територијален интегритет, а да нема обнова на воените судирања.

Како основа и натаму се смета договорот од Минск, од 2015 година, но на него се повеќе се гледа како на мртва хартија. Москва и Киев меѓусебно се обвинуваат за тоа кој е повеќе виновен, што договорот за прекин на огнот, постигнат под контрола на Германија и Франција (Нормандиската четворка), не е исполнет.

Факт е дека постојат варијанти како да се разреши кризата, па украинскиот претседател Володмир Зеленски минатиот месец изјави дека доколку ниту една варијанта за решавање на кризата во Источна Украина не го даде посакуваниот резултат, Киев ќе ги прекине односите со Донбас, а тоа решение ќе го стави на референдум.

Киев сака во НАТО

„Верувам и натаму дека постои решение за конфликтот, но се соочуваме со вистински ѕид, а тоа значи прекин на односите, доколку не се постигне договор со САД, со Русија и Европа. Нормандискиот формат е основата за тоа, но доколку тоа не помине, нека гласа народот за тоа што и како понатаму“ – има речено Зеленски.

Во исто време, тој бара Западот да прифати влез на Украина во НАТО што, според него, ќе ги „смири Москва и нејзината агресивност“.

А, последните испитувања на јавното мислење открива дека 69 отсто од Украинците смета дека Донбас треба да остане дел од Украина. Специјален статус за Истокот прифаќа 10 отсто од анкетираните, додека присоединување на Донбас со Русија подржуваат само три отсто.

На руската страна, каде се уште се одржува победничката еуфорија од пред седум години, постојат радикални размислувања дека на Украина не треба да и се попушта и дека освен Донбас треба да се анектираат и деловите на Украина на Азовско Море, со пристаништето Мариопол. Други, пак, веруваат дека Украина треба да стане федерација, идеја која во Киев ја отфрлаат.

Понатаму
Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Свет

Горе