Поврзете се со нас

Skopje Global

Џонсон: Научете се да живеете со Ковид

Европа/ЕУ

Џонсон: Научете се да живеете со Ковид

daisycooil/Depositphotos.com

Џонсон: Научете се да живеете со Ковид

Британската влада одлучи од средината на август, максимално да ги олесни мерките за заштита од коронавирусот (од Ковид) во Англија.

Другите делови на Обединетото кралство – Шкотска, Северна Ирска и Велс – соопштија дека нема да брзаат со носењето ваква одлука, додека потпретседателката на владата во Белфаст, решението на Лондон го означи како – непромислено.

Даунинг стрит 10, меѓутоа, е одлучен да го спроведе планот за олеснување на досегашните заштитни мерки, означувајќи го тоа како „ослободување“ од зависноста на короната, на која и беше посветен целиот општествено – политички живот, но и работењето на владата, која, од после завршувањето на Брегзит, практично, со ништо друго и не се занимава.

Без изолација за вакцинираните

Новиот министер за здравство Саџид Џавид ги промовираше новите мерки во Парламентот, според кои лицата што имаат примено две дози вакцини, нема да мораат да се изолираат десет денови, доколку имале контакт, или биле блиску до инфицирано лице.

Услов е, втората доза од вакцината да е примена најмалку две недели, пред тоа. Истите правила ќе важат и за млади под 18 години, кои се уште не се опфатени со вакцинацијата.

Досега и вакцинираните, ако биле со некој кај кого ќе се открие дека е инфициран, односно дека е позитивен на тестот, мора да останат во изолација, а претходно, да се тестираат, приватно, што чини 100 фунти.

Освен тоа, училишните деца во иднина нема да бидат поделени во групи, и на оние кои седат дома и на оние кои се во училиште, само поради корона пандемијата. Сегашните прописи налагаат кога ќе се открие и едно – заразено дете – десетина други мора да останат дома – во изолација. Тоа доведе дури 640 илјади ученици да отсуствуваат од училиште, само во текот на изминатите седум денови, откако во март, училиштата почнаа одново да работат, после долгиот, принуден, пандемски, зимски распуст.

Маска по сопствена одлука

Новите мерки се промовирани веднаш откако премиерот Борис Џонсон, претходно објави дека од 19 јули (одново само во Англија) се укинува задолжителното носење маска на лицето, во затворени јавни простории. Од тој датум маските ќе се носат врз доброволна основа и според слободната волја на секој поединец.

Ваквото решение во дел од јавноста беше оценето како погрешно и избрзано. Има епидемиолози кои сметаат дека и вакцинираните треба да носат маски, затоа што тие може да бидат преносник на вирусот, па маската ќе заштитува да не го пренесуваат вирусот.

Но, често пати контроверзниот британски премиер, смета дека Британија, после силната кампања за вакцинација, не може и натаму да остане зависник на вирусот и на болеста ковид, како и дека мора да му се „врати на животот“. Џонсон има речено дека од средината на овој месец, одговорноста за вирусот станува индивидуална, што значи дека секој самиот за себе ќе треба да води сметка и да се чува, за да не се зарази.

„Ново ослободување“

„Време е Британците да научат да живеат со Ковид“ – изјави деновиве британскиот премиер, иако признава дека луѓето ќе мора и натаму да останат внимателни и одговорни.

Тоа ќе биде потребно, затоа што сите овие мерки за олеснување, или како што провладините медиуми, политикански ги квалификуваат како „ново ослободување“ (по она со напуштањето на ЕУ и со Брегзит), доаѓаат во време кога пандемијата е вратена во Британија и кога бројот на новозаразените постојано расте.

Во изминатите денови, беа регистрирани до 30 илјади новозаразени во 24 часови, а се предвидува таа бројка да расте и до 50 илјади дневно, па до крајот на август да се искачи и до 100 илјади во време од 24 часови.

Приврзаниците на олеснување на мерките, меѓутоа,  сметаат дека бројот на новозаразените, сега, веќе не претставува таква закана, како што беше пред една година, или оваа пролет, затоа што земјата во меѓувреме оствари висок процент на вакцинираност.

Многу заразени – мала смртност

Официјално, со примена една доза се вакцинирани над 60 отсто од Британците – најмногу во Европа – а со две дози се вакцинирани нешто над 40 отсто.

Се верува дека тоа спречува, во сегашните услови на  раст на новозаразените – да расте и бројот на пациентите во болниците, или пак да се зголемува смртноста. Засега, од дневните 30 илјади заразени, само две илјади се сместени во болница, на лекување, а смртноста е крајно минимална и занемарлива, ако се мери со високата заразеност.

Експертите оценуваат дека бројката на новозаразени, сепак, расте затоа што сите се жртви на вирусот Делта (индискиот сој), за кој се знае дека се шири побрзо и дека е позарзен од оригиналниот, кинескиот од Вухан.

Но, и затоа што во Британија се уште има голем број невакцинирани лица. Далеку најмногу од сите кои сега се заразени, не биле вакцинирани.

Тоа одново ја има покренато кампањата за вакцинирање, кое пак,  како стојат работите на теренот, во ова време на летни одмори и летување, не оди со темпото од пролетоска. Сцетската здравствена организација (СЗО), од своја страна, смета дека опуштањето од ковид-пандемијата делува избрзано.

СЗО е на мислење дека „премногу рано“ се почна со откажувањето на сите заштитни мерки, уште повеќе што повеќе европски земји стравуваат дека веќе на есен ќе се соочат со четвртиот бран.

(Д.Л.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Европа/ЕУ

Горе