Поврзете се со нас

Skopje Global

Европа/ЕУ

Политички Монти Пајтон во Бугарија

Tnvsjk2013, Trifonov, CC BY-SA 4.0

Политички Монти Пајтон во Бугарија

Како сега стојат работите, еден телевизиски забавувач, пејач на патриотски песни и политички популист, треба да го добие мандатот за состав на нова бугарска влада.

Тоа е Слави Трифонов (54) лидер на движењето – партија ИТН (Има таков народ) кое на вторите парламентарни избори, во изминатите три месеци, доби повеќе гласови од партијата ГЕРБ (Грѓаните за европски развој нa Бугарија) на доскорешниот премиер Бојко Борисов.

Разликата е минимална – ИТН има освоено 23,9 отсто од гласовите, додека ГЕРБ доби 23,7 отсто, но доколку излезе дека се било во ред со гласањето, Трифонов би требало прв да го добие мандатот за да се обиде да формира влада.

ИТН – адут на гласачите!

Сето тоа покажува дека на овие, повторени, избори, откако на претходните, во април, ситуацијата беше безмалку идентична, освен што тогаш Борисов имаше некој глас повеќе од ИТН, бугарските гласачи се определија како свој изборен адут (!) да имаат едно вакво анти – естаблишментско движење.

Позицијата на партија – адут ја немаа ниту една од партиите кои инаку доминираат на политичката сцена, како и новите партии на десниот и на левиот блок – двете антикорупциски – Демократска Бугарија и Станете, мафијата е надвор – кои освоија, првата 13, а втората 5 отсто од гласовите.

Според тоа, во услови кога партијата на Борисов продолжува да ја губи поддршката, иако не така брзо како што сакаат неговите политички противници, а социјалистите веќе не можат да се искачат погоре од третото место, шоуменот Слави е вистинскиот победник во овие избори, без рзлика на минималната разлика.

Апатија и очајност

Ваквата разврска, во услови кога излезноста на гласачите е рекордно ниска – помалку од 40 отсто – меѓутоа, ја покажува длабочината на бугарската политичка криза, како и целосната апатија и очајност на гласачите.

Излегува како тие да тераат мајтап, и со политиката и со политичарите, но и со државата и со нејзините интереси и меѓународни обврски, креирајќи една монтипајтоновска политичка ситуација.

А, таа станува видлива со тоа дека никој сам не може да создаде влада и дека мора да се прави коалиција и да постои договарање – разврска како и пред три месеци.

Потоа, дека првите анализи во Софија, откриваат чудна ситуација – никој со никого не сака да коалицира, поради идеолошки или програмски разлики и лесно дадените популистички ветувања дека нема да се прави коалиција со оние кои управуваат во сите години на посткомунимот во Бугарија.

Бугари во Вселената

Конечно, во своето прво обраќање по изборите, Трифонов порача дека не сака со никого да коалицира, па дека затоа ќе ја управува земјата со малцинска влада.

Првата работа што ја навести како задача на неговата влада – не е борбата со корупцијата, за која пред една година се протестираше на улица, ниту било која европска реформа, или борбата со сиромаштијата, туку испраќањето Бугарин и Бугарка во Вселената.

Кaко и да е, изненадување е што Слави (барем засега) не ги бара за партнери двете антикорупциски партии, кога веќе ГЕРБ и Борисов се обвинуваат за корупцијата.

Само со нив и со партијата на Турците, или со социјалистите, може да се дојде до мнозинство во Парламентот. Тоа на Трифонов му е потребно дури и за управување со малцинска влада – до следните вонредни избори.

Израелско сценарио?

Во една ваква ситуација, Бугарија е поблиску до израелското сценарио – за трети избори, за некој месец, отколку за создавање стабилна влада и за политичка стабилизација на земјата. Иако таа и е преку потребна како на членка на ЕУ и на НАТО, која требаше да биде стабилизирачки фактор на Балканот и промотор на Западен Балкан на патот на европското интегрирање.

Наместо тоа, ситуацијата уште повеќе се усложнува, па сите играчи во бугарската политика веднаш го нападнаа Слави Трифонов.

За едни – нема демократија кога некој сам, без консултација со никого на политичката сцена се определува како тоа ќе управува со државата, мислејќи на неговата малцинска влада.

За други, пак, таквата определеност само покажува дека тој не сака влада, изигрувајќи ја довербата на гласачите. Трети тврдат дека ваквата идеја – да владее сам – открива дека тој и нема никаква валидна програма за управување со земјата.

Орудие на Русија и на Кина

Бугарија, меѓутоа, има низа сериозни проблеми со кои подолго време се соочува. Според Транспаренси Интернешенел, земјата е на челото во ЕУ – со Романија и Унгарија, според степенот на корупцијата.

Во тоа друштво може да се придодадат и Малта и Кипар, но Бугарија е далеку најсиромашната во Унијата и после 14, 5 години членство. Пер капита – Бруто националниот производ (БНП) изнесува 6000 евра, додека просекот на сите земји членки заедно е 27 илјади евра.

Освен тоа, последнава година, Бугарија стана и изолирана членка на ЕУ, како Унгарија, на пример, Со својата националистичка политика и со популизмот (за собирање изборни гласови – што очигледно никому не му донесоа гласови и рејтинг) – ја блокираше Унијата во нејзината стратегија за проширување на ЕУ со земјите од Западен Балкан.

Практично, се претвори во орудие на Русија и Кина во нивното настојување за урнисување на ЕУ и за разбивање на нејзиното единство.

(С.Б.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Европа/ЕУ

Горе