Поврзете се со нас

Skopje Global

Скап „развод“ на Британија од ЕУ

Европа/ЕУ

Скап „развод“ на Британија од ЕУ

Elena Schweitzer/Depositphotos.com

Скап „развод“ на Британија од ЕУ

Лондон и Брисел се на добар пат уште еднаш да се раскараат околу Брегзит, откако Британија и ЕУ се појавија со различни сметки поврзани со „разводот“ – после 45 годишниот „брак“ на Британците и Европејците.

Првичната математика во текот на преговорите и при потпишувањето на договорот со кој Британија ја напушти ЕУ, изнесуваше дека Брегзит ќе ја чини Британија 50 милијарди евра (околу 40 милијарди фунти по курсот кога беа водени разговорите).

Британското министерство за финансии, меѓутоа, соопшти дека нивната последна пресметка покажувала дека разводот ќе чини нешто помалку – 37,3 милијарди фунти, или според Лондон – 43,8 милијарди евра.

Порамнување на сметките

Станува збор за побарувањата на Унијата од Британија, што таа од почетокот прифати да ги плати.

Прво, затоа што и самата знаеше дека не може туку така, да замине од организацијата во која беше безмалку половина век – користејќи европски пари и цела низа бенифиции – а притоа, ништо да не плати.

Односно, без да се порамнат давачките и побарувањата што двете страни ги имаат една кон друга.

Второ, затоа што кооперативноста на Лондон околу ова прашање им е потребно на Британците, за да се постигне договор за после Брегзит соработката и уште повеќе за договорот за слободна трговија кој за Британија е мошне важен, бидејќи Унијата е главниот британски трговски партнер.

Преземање исплата на пензиите

Едноставно, Британија прифати да почитува некои од преземените обврски.

Пред се, исплаќањето на пензиите на функционерите и на вработените во ЕУ од Британија, како и на сите свои европратеници кои ја имале таа позиција во Стразбур, со години наназад, но и за оние кои до скоро седеа во клупите на Европскиот Парламент.

Според интернет весникот од Брисел – „Политико“ – Британците сметаат дека износот од 37,3 милијарди фунти е вистинската и реалната цена за нивното, со ништо не испровоцирано „разведување “ од ЕУ. И, дека тоа е конечниот износ што Лондон е спремен да го плати.

Самите Британци, претходно зборуваа дека нивниот „долг“ кон ЕУ изнесува 39 милијарди фунти.

„Нема основа за кавга“

Владата на премиерот Борис Џонсон вели дека не сака да се расправа и за ова, откако покрена мини „војна“ против Франција и ЕУ, за рибарењето во Ламанш, изигрувајќи го договореното, како и за колбасите од и за Ирска, што треба да минуваат преку Северна Ирска.

Лондон сака да ја намали цената на својот „развод“ и настојува што побрзо тоа да го протури, додека Брисел е се уште зафатен со пандемијата и со некои внатрешни и надворешни состојби. Сепак, уверуваат дека немало ниту основа за кавга.

Според британското толкување, разликата меѓу британската и европската цена е „технички“ создадена, поради различниот „технички“ пристап на едната и на другата страна.

Првата рата – 6,8 милијарди евра

Математиката на Брисел, меѓутоа, вели дека не е работата во техниката на сметањето и инсистира дека Британија во „бракоразводната“ парница треба да и плати на Европа 47,5 милијарди евра и ЕУ останува на својата пресметка.

Потсетувајќи притоа дека првите 6,8 милијарди, како прва рата, треба да бидат платени до крајот на оваа година.

Како и да е, Велика Британија има уплатувано во европскиот буџет седум до осум милијарди, секоја година. Но, таа беше единствената земја – членка што имаше право на рабат – што ќе рече – да поврати назад три, до четири милијарди фунти.

Образложението за овој уникатен договор (на Маргарет Тачер со тогашниот француски претседател Франсоа Митеран) беше дека Британија користи минимални средства од европските фондови за аграр, за субвенции, за разлика од просекот на ЕУ, а пред се, за разлика од Франција која е најголемиот корисник на овие средства на Унијата.

ЕУ пари и за Фокландите

Но, Британија, иако високо развиена и богата земја, има користено пари и од фондовите за аграрот, но и за другите развојни потреби – за културата и културното наследство, за побрзиот развој на Велс и Шкотска.

Но, од европските фондови се префрлани пари и за побрз развој на Фокландските острови, британска прекуморска територија во Јужен Атлантик – 18 илјади километри далеку од Лондон.

А, европски пари, солидарно се давани и за минијатурниот Гибралтар, територија под британска контрола на Пиринејскиот Полуостров.

Антиевропските и про – брегзит весници и медиуми во Британија продолжуваат да војуваат со ЕУ и сега одново поттикнуваат нова „војна“ со Брисел.

Оправдувањето за ова е дека Европа, наводно, одново и ја „загрозува независноста“ на Британија, порачувајќи дека Лондон и „овој пат нема да потклекне“ пред ЕУ!

(Д.Л.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Европа/ЕУ

Горе