Поврзете се со нас

Skopje Global

Здравје

Британија: ковид закана за светот

daisycooil/Depositphotos.com

Британија: ковид закана за светот

Над 1200 медицински експерти од светот – најмногу од нив епидемиолози, лекари и истражувачи на вируси – го имаат подржано отвореното писмо во угледното британско медицинско списание „Лансет“ со кое се бара од премиерот Борис Џонсон да го суспендира решението за (практично) укинување на сите досегашни ковид рестрикции.

Решението стапува во сила на 19 јули (поеделник) и според експертите тоа претставува закана за целиот свет, затоа што претставува „плодно тло“ за создавање нови соеви коронавируси, отпорни на досега создадените и познати вакцини.

Глобален транспортен јазол

Британија според својата географска местоположба претставува вистински глобален транспортен јазол, што во услови на елиминирање сите одбранбени мерки, би повлијаело – прво, за ширење на вирусот низ земјата, но и низ светот, а второ за брз развој на нови видови вируси, што потоа многу брзо би се раширувале на сите страни.

Овие експерти ја истакнуваат својата загриженост од ваквата одлука на Даунинг стрит 10, за која едни велат дека е избрзана, други дека е опасна. а трети дека може да го фрли во вода целиот досегашен труд на светските експерти и на нивната борба со пандемијата.

Нов Зеланд, земја со мошне низок процент на заразени и починати лица, прв се огласи со спротивставување на владата во Лондон. Од таму навестија дека во такви услови – и покрај високиот процент на вакцинирани, здравствените власти на оваа далечна земја, ќе преземат силни заштитни мерки за сите кои ќе допатуваат од Британија.

Критики за владата во Лондон

Сега и Италија и Израел кој исто така се фали со високата вакцинираност на населението, се огласија со критики за британското владино решениe – да се прогласи “ослободување од ковид мерките“.

Новозеланѓанецот Мајкл Бејкер, инаку професор на Универзитетот во Велингтон им забележува на британскте научници и истражувачи што молчат на ваквите навестувања на политичарите, а знаат што може да се случи.

Слична е реакцијата и на СЗО од каде гласно прашуваат – зашто Британија го прави сето ова кога нејзините експерти ги имаат сите научни сознанија за короната и за заканата која не е надминатa.

Според весникот „Гардијан“ други експерти инсистираат дека загрижува што намерата на владата во Лондон ќе повлече други влади, во други земји, да го направат истото.

Проблеми веќе се создаваат

Особено што токму Британија и владата на Џонсон, со својата арогантна и надмена позиција – дека луѓето треба да се навикнат да живеат со ковидот – прават веќе сега големи проблеми.

Секаде каде се враќаат некои од рестрикциите, затоа што и ова лето покажува дека – како и лани – оти попуштањето на строгата заштита го покренува вирусот, избувнуваат политички и антиваксерски протести.

На нив се бара да им “се врати слободата на луѓето“, или како и во Британија – да се укинат сите ковид мерки и ограничувања.

Британката Кристина Пејџел, експерт – епидемиолог тврди дека секој нов сој на вирусот, што ќе се размножи на британска почва, брзо ќе се рашири насекаде.

Истото тоа се случи со т.н. кент – сој на короната, или на индискиот сој кои се раширија низ Европа – од Британија – само затоа што земјата ја има позицијата на транспортна скретница.

Опасен експеримент

„Ова што се прави сега е ОПАСЕН И НЕЕТИЧЕН експеримент со луѓето, па затоа ја повикувам владата да ја измени својата одлука, да се откаже од неа„ – има речено Пејџел.

Сето тоа се случува во турбулентно време за Британија, посебно за Англија, каде секој ден расте бројот на новозаразените. Во саботата веќе достигна до 55 илјади за само 24 часови.

Владата останува на позицијата и во време кога и новиот министер за здравство Саџид Џавид објави на Твитер дека е позитивен на ковид, иако е вакциниран со две дози.

Тоа е истиот министер кој пред десетина денови силно ја бранеше позицијата на Џонсон дека Британија “не може да остане заробена од пандемијата“ и дека животот мора да продолжи и во едни вакви услови.

Пандемијата не е завршена

Џавид и објави дека бројот на новозаразните до 19 јули ќе достигне до 50 илјади на ден (тоа се случи и порано) и дека до крајот на август ќе се искачи на 100 илјади за 24 часови – двојно повеќе отколку во јануари оваа година.

Како сега стојат работите, сосема се мали шансите, владата, а пред се, Џонсон, онаков каков е, да се повлече и да ги послуша советите на експертите. Тој е определен да им го испорача на Англичаните, пред се, ветувањето за крај на рестрикциите, откако еднаш (крај јуни) мораше да се повлече.

Неговиот главен епидемиолог Крис Вити јавно не му се спротивставува на премиерот, но на неколкупати има речено дека пандемијата не е завршена, дека Британија не може да се рече дека се има извлечено од епидемијата, сугерирајќи и после 19 јули Британците да останат максимално претпазливи.

Заразен и министерот за здравство

Затоа што бројот на новозаразените, за само три недели, е двојно поголем и покрај високиот процент на вакцинирани Британци. Министерот Џавид кој сега е во самоизолација, сепак, инсистира дека ваквиот раст ја нема истата тежина како во почетокот н оваа година, токму поради вакцинацијата.

Од неа премиерот Џонсон продолжува и натаму да прави политика, но факт е дека бројот на оние кои треба да е сместат во болница, сега е многу помал – во јануари околу 40 илјади беа хоспитализирани, сега таа бројка е сведена на четири илјади.

Во такви услови се инсистира на вакцинирањето на младите кои сега се на удар на вирусот. Тие се најбројни кај новозаразените и се главните преносници на короната.

Пандемија среде лето

Државното биро за статистика објави дека во Англија има еден заразен на 95 жители. Пред една недела тој однос беше сосема поинаков – еден заразен имаше на 160 Англичани. Во Шкотска односот е приближно ист таков, додека во Велс и Северна Ирска е поповолен.

Како и да се гледаат бројките, Британија среде лето, во време кога Британците се рашетуваат низ континентот, но и на подалечни дестинации, тие се среде нов бран на пандемијата – со вакцинирани, или со невакцинирани.

Многу земји почнаа, затоа, забрзано да го менуваат третманот кон британските гости и туристи, што во Лондон и во пропагандно настроените про-тори медиуми се прима со нервоза и негодување.

Половина милион во самоизолација

Предупредувањето на експертите, затоа, е сосема на место и во случајот на пандемијата нема место за ароганција во англиски стил.

А, премерот Џонсон токму тоа го прави, па медиумите најавуваат дека ќе дозволи на автомобилската трка во Силверстоун да се соберат сите 160 илјади гледачи – како награда за „победата“ над пандемијата!

Во меѓувреме, на теренот работите се поинакви – се повеќе луѓе се во изолација – минатата недела над 500 илјади Англичани беа во изолација по налог на јавното здравство, затоа што биле во контакт со заразен, или биле блиску до него.

Останува уште да се види како ќе се развиваат работите после 19 јули. Не веднаш, но набргу ќе се види колку експертите со своите предупредувања во „Лансет“ беа во право.

Работата е во тоа што проблемите нема да бидат само британски. Сите (веројатно) ќе ги почувствуваат.

(Д.Л.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Здравје

Горе