Поврзете се со нас

Skopje Global

„Српскиот свет“ на министерот Вулин

Западен Балкан

„Српскиот свет“ на министерот Вулин

Dimitris Avramopoulos, Aleksandar Vulin and Dimitris Avramopoulos, CC BY-SA 2.0

„Српскиот свет“ на министерот Вулин

Српскиот министер за одбрана Алексанар Вулин предизвика бранување во српската јавност, но и пошироко откако на партискиот собир на неговата левичарска партија (која коалицира со партијата СНС на претседателот Александар Вучиќ) објави постоење на „српски свет“ во регионот.

Освен тоа, овој министер уште порача дека претседателот на Република Србија (Вучиќ) треба да биде претседател и на сите Срби – каде и тие да живеат!?

Шефот на државата кој, инаку, присуствувал на собирот, не реагирал на ваквата изјава. Нема засега ниту знаци  дека тој, воопшто, ќе се огради од изјавата на министерот.

Без реакции и осуди

Нема реакција ниту од српскиот премиер во чија влада Вулин го има еден од најважните ресори, а нема никаква реакција ниту од поделената српска опозиција, која како по обичај, за ваквите витални прашања – од внатрешната, но и од надворешната политика – никогаш не се изјаснува.

Само Народната партија  се јави со објаснување дека целата нејзина активност и ангажираност во моментот е насочена кон преговорите со власта, околу условите за изборите следната година (кои се водат со посредство на ЕУ) – за тоа дали да учествуваат на нив, или одново да ги бојкотираат.

Во домашната јавност, пак, реакцијата за постоењето на некаков „српски свет“ се поделени – според тоа дали на тоа реагираат активисти и гласачи на партијата на Вулин и на владејачката СНС. Тие сите, сложно, ги поддржуваат зборовите и позициите на министерот за одбрана.

Враќање во деведесеттите години

Другата страна на српското општество – граѓанската и проевропската (која е помалубројна), меѓутоа, предупредува дека без разлика колку многу е контроверзен овој министер, неговите зборови делуваат застрашувачки препознатливо.

Тие се речиси идентични на оние од деведесеттите години на 20 век – кога пораката на Слободан Милошевиќ – „до каде има Срби, до таму е Србија“ – предизвика војни и смрт, на просторот на екс Југославија, а посебно во БиХ, каде завршија со страшниот геноцид врз муслиманите (Бошњаците) во Сребреница.

Во Белград се тврди дека Вулин не зборува на памет и туку така.

Неговата партија е маргинална и ја нарекуваат „пајтон партија“, но за нејзиниот лидер, српскиот претседател порано има речено дека тој му е еден од најважните министри и најдоверлив сојузник и соработник.

„Српскиот свет“ во соседството

Затоа и се верува дека она што го зборува Вулин, честопати расправајќи се со соседите (од поранешната заедничка држава) – навредувајќи ги и заканувајќи им се – практично, е на што го мисли и во што верува Вучиќ.

Во сегашнава изјава е позагрижувачко тоа што таа не е прва, ниту пак овој министер, за прв пат зборува за еден ваков „свет“.

И претходно Вулин има зборувано за “српскиот свет“ во Западен Балкан,  тогаш (во ТВ интервју) уште и набројувајќи дека тој свет, освен Косово, Република Српска во БиХ и Црна Гора, го сочинуваат и „некои други подрачја“ – не споменувајќи на кого мисли посебно.

Страв од повторување на историјата

Благодарејќи на анти – БиХ позицијата на лидерот на српската енклава во оваа земја, Милорад Додик кој заговара растурање на Босна и припојување на енклавата кон Република Србија – во Сараево сметаат дека изјавата на Вулин најмногу ги погодува луѓето во БиХ.

Затоа, од таму има и најмногу реакции и е создадена политичка тензија.

Велат дека станува збор за „провидна хегемонистичка приказна од Белград“, при што се потсетува дека повремено од таму доаѓаат вакви пораки. Усни, или во форма на писанија, како што беше меморандумот на САНУ (српската академија на науките) што беше вовед во крвавиот распад на поранешната заедничка држава, чии последици се уште се чувствуваат.

Во Сараево, затоа, забележуваат дека претседателот Вучиќ би требало да се огради од својот министер, затоа што инсистирањето на „српски свет“ значи националистичка држава Србија, која претставува закана за соседите и за целиот регион.

Закана за регионот

Во Црна Гора, која одново е во политичка криза, што ја создаваат Белград и српската црква преку нивната просрпска партија Демократски фронт (ДФ), засега, нема реакција. Освен изјавите на претседателот Мило Ѓулкановиќ кој уште минатото лето предупредуваше на тоа дека Белград создава таков „српски свет“ што за него е основата за некаква „голема Србија“.

На Косово, пак, сметаат дека станува збор за „закана на Белград кон регионот“, особено што доаѓа во време кога Србија интензивно се вооружува и постојано изведува воени вежби, звецкајќи со своето оружје.Тоа, исто така, е закана за соседите, бидејќи нема таков што би ја нападнал државата Србија – за да таа треба да се брани.

Аналитичари во Приштина веруваат дека изјавата на Вулин е “позицијата што ја има српскиот претседател“ и дека таа е само „редизајнирање на големосрпскиот проект од деведесетите години“, од времето на Милошевиќ.

„Дете“ на ЈУЛ и Мира Марковиќ

Сите заедно во регионот се согласуваат дека изјавата на српскиот министер е сосема спротивна од сликата што официјален Белград ја гради за себе во последно време.

Александар Вулин е израснат и политички изграден во една таква „националистичко – хегемонистичка атмосфера “ од времето кога се растураше Југославија.

За него во Белград велат дека е “дете на Мира Марковиќ“, – сопругата на Милошевиќ, која стана лидер на една партија – наречена ЈУЛ – привезок на главната режимска партија на српскиот „вожд“ – СПС (Социјалистичката партија на Србија).

За Вулин се вели дека е израснат како политичар, како кадар на ЈУЛ и на  политичката идеологија и филозофија на таа и таква партија.

(Д.Б.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Западен Балкан

Горе