Поврзете се со нас

Skopje Global

Пегасус ги разгневи Унгарците

Европа/ЕУ

Пегасус ги разгневи Унгарците

ooGleb/Depositphotos.com

Пегасус ги разгневи Унгарците

Демонстранти во Будимпешта бараа одговори и одговорност од унгарската десничарска влада за тоа дека го има користено исклучително моќниот шпионски израелски софтвер, за тајно следење и надгледување на адвокати, новинари, политичари и бизнисмени – сите критички настроени кон власта на Виктор Орбан и неговата партија Фидес.

Унгарија се покаже и дека е единствената членка на ЕУ која го има купено и употребувано овој софтвер против „внатрешниот непријател“ како што Орбан ги третира неистомислениците и своите политички противници.

Една од унгарските европратенички која има учествувано на протестите во Будимпешта, изјавила дека овој најнов скандал одново покажува дека во Унгарија повеќе не може да се зборува како за земја каде се почитува владеењето на правото. Пратеничката Ана Донат притоа побарала и оставка од владата.

Шпионирање на 300 лица

Пред десетина денови, една глобална истрага на формиран конзорциум од неколку водечки светски медиуми откри дека (покрај многу други), шпионски софтвер во Унгарија ги надгледува и следи дигиталните апарати на 300 лица.

Софтверот Пегасус, на израелската компанија „НСО Груп“ се внесува во телефоните за да собира податоци, а може тајно да ги контролира микрофоните и камерите на смарт мобилните телефони. Во случајот кога се надгледуваат новинари – со софтверот на НСО може тајно да се шпионира целата комуникација на новинарот и да се разбере кои се неговите извори за информирање и брифирање.

Унгарскиот центар за истражувачко новинарство објави дека цел на овој шпионски софтвер биле и претседателот на адвокатската комора, еден поранешен државен секретар кој станал противник на Орбан и опозициски градоначалник.

Ниту потврда – ниту демант

Атмосферата во оваа земја, поранешна комунистичка членка на Варшавскиот пакт и советски политички сателит, која и онака е напната поради авторитарното владеење на орбановата власт и зголеменото задушување на демократијата и човековите слободи, уште повеќе се влошува, затоа што власта одбива да потврди, а не се обидува ниту да демантира – дали владата го користела Пегасус.

Единствено, само се тврди дека сите активности за тајно надгледување „се спроведуваат во склад со законот“.

Унгарската министерка за правда Јудит Варга која, инаку, постојано војува со Европската комисија и со Брисел, на еден состанок во седиштето на Комисијата, одбила да потврди дали Унгарија го има купено шпионскиот софтвер, но подоцна на новинарите им има речено дека “на секоја земја и е потребна една таква алатка“!

Опозициски пратеници во Одборот за државна безбедност во унгарскиот Парламент, според тамошните медиуми, во меѓувреме побарале вонредна седница на Парламентот за скандалот и за утврдување на работата на владините тајни служби, за да види дали тие се вмешани и дали ги шпионирале сопствените граѓани. Но, пратениците на орбановиот Фидес, со разни недемократски маневри и политикантски игри, не дозволиле пред одборот да биде испрашан и министерот за внатрешни работи.

Блокирана истрага

Претставник на десничарската партија Јобик, која сега коалицира во здружената опозиција, за да се спречи четврта, едно по друго изборна победа на Орбан, на изборите следната пролет, изјавил дека ваквите игри на пратениците на владејачката партија и на власта само значат – потврда и признание дека и тоа како имаат што да сокриваат од домашната јавност.

Европски медиуми објаснуваат дека унгарската опозиција и разните невладини организации, сепак, не се откажуваат од намерата – да утврдат дали Унгарија го има купено шпионскиот софтвер и дали ги шпионира Унгарците.

Израелската НСО тврди дека меѓу дваесетината земји, купувачи, е и унгарската влада, оправдувајќи се дека станувало збор за чисто комерцијални зделка и дека компанијата се држела за правилото – сите купувачи да имаат добро досие за владеење на правото и за почитување на човековите слободи.

Како сега стојат работите, тоа не може да се рече за африкански и азиски земји, за поранешни републики на Советскиот Сојуз, сега независни држави, како и за Унгарија – сите купувачи на софтверот.

Против криминалот и тероризмот

Затоа, компанијата е изложена на силен меѓународен притисок, откако се откри дека нејзиниот моќен софтвер се внесува во апаратите кои користат Ајфон и Андроид системи, за да се издвојуваат пораките, сликите и електронската пошта, за да тајно се снимаат сите телефонски повици.

Израелците уверуваат дека нивниот софтвер бил создаден за да помага во борбата со криминалот и со криминалците, како и со тероризмот и „ловењето“ на терористите и нивните помагачи, како и дека бил наменет за воени потреби и за разузнавачките агенции.

Новинарскиот конзорциум од повеќе угледни новински куќи, предводени од француската медиумска компанија „Забранети приказни“ пласираа во јавноста десетици текстови, откривајќи дека постои листа на лица на кои им е вграден, или треба да им се вгради овој софтвер.

Меѓу нив се и францускиот претседател Емануел Макрон кој веднаш го има сменето телефонскиот апарат и бројот, потоа мароканскиот крал, но и турската активистка која му беше свршеничка на сега ликвидираниот саудиски новинар и публицист Аднан Кашоги.

„Автомобил и пијан возач“

Прво, се зборуваше дека таа и таква листа на жртвите, била хакирана од кипарските сервери на НСО и така била откриена.

Меѓутоа, претставник на компанијата, за британскиот Би – Би – Си има речено дека тоа не точно, затоа што НСО не поседува свој софтвер на Кипар. Израелската фирма уште се брани дека таа нема никаков податок за потрошувачите (купувачите) што НСО го има задржано кај себе.

Според компанијата – не може јавноста да ја напаѓа НСО Груп за тоа што го произвела и што го продава.

„Ние не сме одговорни за тоа како и за што го користат нашиот софтвер земјите кои го имаат купено. Тоа е како да го нападнат производителот на автомобилот со кој пијан возач има предизвикано сообраќајна несреќа“ – рекол претставник на компанијата за Би – Би – Си, префрлајќи ја одговорноста на земјите и владите – купувачи.

Како и да е, веднаш по избувнувањето на скандалот, израелските власти – на една широка седница – на која биле министри во владата и функционери на војската и на тајната служба Мосад, се собрале да ја истражат целата оваа ситуација.

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Европа/ЕУ

Горе