Поврзете се со нас

Skopje Global

Слави нема време за славење

Едиторијал

Слави нема време за славење

vilevi/Depositphotos.com

Слави нема време за славење

Слави Трифонов, шоумен, популист, пејач на патриотски песни и комплетен новак во политиката, има само лична причина да слави.

Тој и неговата анти – естаблишмент партија ИТН (Има таков народ) – претходно сместувана на маргините на политичката сцена – освоија најмногу гласови на повторените парламентарни избори во Бугарија одржани на 11 јули. Не се победници, како што немаше победник и на првите избори, на крајот од март, затоа што и тогаш, а и сега, нема партија што може самата да формира влада.

Тој, сепак, може да стане бугарски премиер.

За тоа му е потребна коалиција  од повеќе партии за да се создаде стабилен кабинет кој и е неопходен на земјата. Особено што сега разликата во освоените гласови, меѓу првата партија (ИТН) и второрангираната (ГЕРБ) изнесува само неколку илјади гласови.

Консултациите за постигнување меѓупартиски компромис се во тек, но Трифонов, уште веднаш по објавувањето на изборните резултати им порача на сите дека сака малцинска влада. И покажа дека е новак во политиката.

Без партиска програма

Никаде никој тоа не го прави на своја рака и никаде никој не објавува која е неговата стратегија уште пред да почнат формалните консултации. Освен тоа, се покажа дека ИТН нема никаква политичка програма – како и тоа дека „програмата“ се неговите монолози во тв настапите, за тоа како би требало да изгледа Бугарија.

На стартот навести дека сака влада на ИТН и дека другите му требаат за да му обезбедат поддршка во Парламентот. Ако прифати претставници на другите протестни партии во владиниот состав, Трифонов инсистира одлуката за тоа да ја има само тој. Во тоа (потенцијално) друштво ги сместува сите партии, освен ГЕРБ и треторангираните бугарски социјалисти, инаку, двете главни партии во земјата кои доминираат на политичката сцена.

Конечно, остане запаметен и по тоа што едно од првите ветувања по изборите му беше да испрати Бугарин и Бугарка во европскиот вселенски центар, заедно со – како што беше пренесено од Софија – еден „северномакедонец“.

Остана нејасно дали така нуди решение за уривање на блокадата на Софија, на тој начин што бугарската страна би ги третирала етничките Македонци, само како „северномакедонци“ преку името на државата, не елаборирајќи го етничкото прашање, што го наметна претходната влада. Или, пак, само сакаше да каже дека и тој има нешто во себе од националистите и од ултрадесничарите – каракачановци.

Целосна изолација на ГЕРБ?

Факт е, меѓутоа, дека висок претставник на ИТН изјави дека доколку во овие консултации (одново) нема договор – ќе има и трети вонредни избори, според сценариото на Израел. Таму после третите избори – по принципот – сите против Бејнамин Нетанијаху – кој безмалку 15 години беше премиер, сепак, се формира една шарена и широка коалиција од осум партии од сите политички бои, дури (за прв пат во историјата) со една од малите арапски партии.

Во Софија, политички експерти велат дека трети избори се поверојатни, отколку израелското сценарио со широк договор, постигнат само за да се тргне Бојко Борисов кој беше премиер од 2009 година.

Според овие анализи и да не успее Слави во првата рунда преговори, втората би требало да ја предводи ГЕРБ, а сега веќе никој не би сакал да коалицира со оваа партија, иако таа и натаму собира четвртина од бугарските гласови, затоа што тоа се смета за „политичко самоубиство“.

Уште повеќе што во играта, дури и пред Трифонов, се наметнува и се самопромовира претседателот на државата Румен Радев. По функцијата што ја има, секако, но исто време јавувајќи се и како силен промотор на социјалистите.

Песимизам во Софија

Впечаток е дека во сегашнава криза тој настојува да биде како некаков политички столб околу кој сите би требало да се соберат, што му овозможува да ја смести и социјалистичката партија во друштвото кое би го создал Слави, со неговата прва, стартна позиција, обезбедена со изборите.

Меѓутоа, излегува дека токму шефот на државата кој (веројатно) не дозволи техничката влада да го тргне ветото во ЕУ, против Македонија, иако можеше тоа да го направи, ја продолжува националистичката позиција на Софија, што ја почнаа гербовци, настојувајќи да ги имаат Каракачанов и неговата ултрашка дружина покрај себе.

А, сето тоа се прави во услови кога бугарските гласачи им свртеа грб, на каракачановци, па така бугарските вмровци не се повеќе во Парламентот, како што пред нив тоа им се случи на другите од тој сој.

Тука лежи и основата за песимизмот околу постигнување политички договор за создавање владина коалиција.

Бугарија има потреба од стабилна влада за зацврстување на правната држава, за правење правна рамка за странски инвестиции и за средување на правниот систем. Токму од тоа и тргна – точно пред една година – борбата „до исцрпување на Радев и Борисов“ – која очигледно ја има добиено шефот на државата- а, сепак,  засега, како да нема спремност  таквата влада да се создаде.

Нема влада – нема европски пари

Конечно, во тие приоритети за Слави Трифонов, ако некако се спогоди со другите партии, се наоѓа и враќањето на Бугарија во Европа, со враќање на довербата и на позициите што Софија ги изгради пред и за време на претседавањето со Унијата (јануари –  јуни 2018), а потоа самата ги урна ,спротивставувајќи им се на Брисел и на целата Унија – со блокирањето на нивната стратегија за ширење на ЕУ кон Западен Балкан.

Пример за новата стратегија на Брисел кон регионот требаше да биде отворањето на преговорите на Брисел со Скопје, што ги најави лично Ангела Меркел, како претседавач на Унијата (јули – декември 2020), а Бугарија – со Борисов и со воинствената дипломатка Захариева – тоа го спречија. Удирајќи му шлаканица на Брисел и понижувајќи ги Германија и Меркел.

Трифонов, засега, не зборува (јавно) за оваа работа, иако можеби таа е и најважна, затоа што без формирана влада и без обнова на врските на Софија со Брисел, бугарската страна ќе треба добро да почека со примањето пари од специјалниот фонд на ЕУ за економско опоравување од последиците на глобалната пандемија.

Сегашна Бугарија која е многу блиску да заличи на орбанова Унгарија, секако знае за барањето на Европскиот Парламент – Унгарија да се исклучи од добивање на средствата, додека не се врати на европската патека. Софија, засега, не се споменува во тој контекст, но таму секако знаат дека за нив тоа би било катастрофа, затоа што станува збор за околу 20 милијарди евра. Без нив оваа земја не би можела да се зафати со стабилизацијата.

„Намачените македонски бугари“

Сепак, во овој момент од таму се продолжува со непријателството кон Македонија и со пропагандната војна – само за да и се напакости на нивната прва сосетка.

Наводно, во Република Северна Македонија се водела непријателска кампања кон Бугарија, како и дека Македонците не ги сакале Бугарите (туку повеќе ги сакале Србите)!? Тоа го зборуваше Захариева, онака, колку да се зборува, а сега тоа го зборува Радев, уште тврдејќи дека имало „говор на омраза“ од македонска страна, што се заедно, би било смешно доколку не е тажно. Затоа што покажува до каде може да заглави политиката, кога таа се води на погрешен начин и врз погрешни основи.

Уште повеќе, тоа се огледува кога шефот на државата зборува за наводното „кршење на правата на граѓаните на РСМ со бугарско потекло.

Па, тие тераат бизниси и овде, а и во Софија, вртат пари без никој да не им прави проблеми. Возат слободно низ Македонија автомобили со бугарски таблички, гласаат во бугарската амбасада во Скопје, како висринсју бугари. Притоа,   никој од нив (посебно не оние, вмровските „патриоти“) не застана да протестира пред зградата на амбасадата, за она што го прави Софија, туку се нафрлија врз македонскиот премиер, затоа што сака да се надмине блокадата и да се воспостават вистински пријателски односи.

Дотерување на Бугарија

Колку за потсетување, пратеници (од лажните патриоти) во Парламентот во Скопје, имаат земено бугарско државјанство, претходно декларирајќи се дека се „бугари по род“, без некој да ги дискриминира.

Конечно, во едно такво бугарашко семејство, како зет, се има сместено и лидерот на скопските вмровци кој уште се прикажува дека ја предводи опозицијата во Македонија. ВКога сето тоа е така –  баш ме интересира кој тоа од нив му се има жалено на Радев за нивното „мачеништво“ во РСМ.

Според тоа, од Слави Трифонов, како евентуален премиер, се очекува да ја дотера Бугарија, да се врати на европскиот пат, доколку тој и сите околу него, навистина, сакаат да се оградат од ГЕРБ и од неговото водство и да се повлечат од фалшивата политика, од царско и комунистичко време, која се уште се промовира од Софија.

Не и личи на земјата, сега членка на ЕУ, да провоцира јавни полемики и тоа преку медиумите со официјално Скопје, како што тоа сака да го прави Румен Радев, во стилот на живковизмот, од комунистичкото време на Бугарија.

(Спектатор)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Едиторијал

Горе